Достапни линкови

Вести

Џорџија: Завршува самитот на осумте најразвиени земји во светот

Во Џорџија Соединетите Држави завршува самитот на 8 те индустриски најразвиени земји во светот. Лидерите повикаа на политички и економски реформи во поширокиот регион на Блискиот Исток, а во изјавата е изразена загриженост од ширењето на нуклеарното оружје при што се посочени Северна Кореја и Иран.

види ги сите денешни вести

Општина Аеродром за новиот ДУП: Планот решава важни комунални прашања

илустрација
илустрација

Откако Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го усвои деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, од општината велат дека ДУП-от предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината. Оттаму ги отфрлаат тврдењата за бетонизација на општината и коментираат дека овие обвинувања единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури.

„Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни“, реагираат од општината.

Додаваат дека со донесувањето на урбанистичкиот план, уште еднаш покажале отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и ДУП-от отвора можност за понатамошен економски развој на општината.

„Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од општината.

На вчерашната седница, овој ДУП воопшто не бил планиран за разгледување. Но, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ од 16 советници ја изгласале точката на дневниот ред и го усвоиле ДУП-от.

Граѓаните веќе неколкупати протестираа поради носењето на претходниот ДУП поради што општината го повлече и го доработи. Наместо 9 висококатници, сега е планирана една зграда со големина на дванаесеткатница.

Шпанскиот парламент одлучува за законот за амнестија на каталонските политичари

 Карлос Пуџдемон
Карлос Пуџдемон

Во четврток се очекува шпанскиот парламент да даде конечно одобрение за усвојување на контроверзниот закон за амнестија на неколку стотици каталонски политичари вклучени во обидот за отцепување на Каталонија во 2017 година, пренесува АП.

Предлог-законот беше поддржан од Владата на Шпанија, како и од две партии кои се залагаат за независност на Каталонија и неколку други помали партии.

Се очекува одобрување и покрај тоа што Вокс и Народната партија гласаа против предлог-законот.

Амнестијата може да биде од корист за поранешниот каталонски лидер Карлос Пуџдемон, кој побегна во Белгија по неуспешниот обид да се отцепи од Каталонија. Поранешниот жител на Каталонија, еден од најбогатите и најпознати региони во Шпанија, ја напушти земјата по референдумот во 2017 година. Тој сега живее во Белгија.

Освен за Пуџдемон, од новиот закон би можеле да имаат корист и стотици луѓе, вклучително и поранешни функционери на регионалната влада во Барселона, обични граѓани кои учествуваа во протестите и полицајци кои беа вклучени во спречувањето на референдумот.

Но, донесувањето на законот не значи дека „веднаш ќе се расчисти нередот што го оставија поборниците за независност“.

Законот најверојатно ќе се соочи со правни предизвици и ќе биде разгледан од повисоките судови.

Четворица уапсени во голема европска акција против сајбер криминалот

илустрација
илустрација

Четири лица се уапсени во Украина и Ерменија, а повеќе од 100 интернет сервери се тргнати или прекинати во големата операција насочена кон меѓународен сајбер криминал што зафати илјадници луѓе, соопшти во четвртокот Европол.

Агенцијата за спроведување на законот на Европската Унија ја нарече оваа операција, која беше спроведена на 27-29 мај, „најголемата операција до сега против бот-нетовите, кои играат голема улога во распоредувањето на откупниот софтвер“.

Операцијата „Крај на играта“, започната и предводена од Франција, Германија и Холандија, вклучи неколку други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД и Украина, соопшти Европол.

„Со меѓународната операција „Крај на играта“ нашите истражни органи успеаја да го зададат најголемиот и најзначаен удар на сајбер криминалот досега“, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер.

Долгата полициска истрага ја наруши инфраструктурата „од која потекнуваат масовните напади со откупни софтвери ширум светот, каде што податоците се заробуваат, шифрираат и потоа се уценуваат“, рече Фезер, додавајќи дека таквото злосторство и нанело значителна економска штета на Германија.

„Илјадници жртви (ќе бидат предупредени) за да можат да се заштитат од други напади со откупни софтвери“, соопштија француските обвинители.

Едно од апсењата е извршено во Ерменија, а другите три во Украина, објави Европол, додавајќи дека повеќе од 2000 домени сега се под полициска контрола.

Злонамерниот софтвер им дозволува на сајбер-криминалците тајно да се поврзат со компјутерите на луѓето за злонамерни цели.

Според инспекторите, еден од главните осомничени заработил најмалку 69 милиони евра во криптовалути со изнајмување локации на криминална инфраструктура за да постави откупен софтвер.

Германска влада тврди дека Украина ги исполнува условите да преговара за пристапување во ЕУ

илустрација
илустрација

Германската влада соопшти дека Украина ги исполнила условите за реформи неопходни за започнување на дискусии за пристапување во Европската унија, јави ДПА.

„Според германската влада, Украина ги исполнува сите услови за да може да ги започне преговорите за влез во ЕУ во јуни. Затоа бараме сите земји-членки брзо да постигнат договор за преговарачката рамка“, изјави за ДПА германската државна министерка за европски прашања, Ана Лирман.

Во декември, лидерите на ЕУ се согласија да ги отворат пристапните преговори за Украина и ја потврдија својата посветеност да продолжат да даваат силна поддршка за Киев и украинскиот народ онолку долго колку што е потребно.

Сепак, последниот извештај на Европската комисија покажа дека Украина не успева да спроведе некои реформи, особено во борбата со корупцијата и заштитата на малцинствата, па државите се согласија дека сите барања за реформи треба да се исполнат пред да започнат преговорите.

Амбасадорите на ЕУ планираат да се состанат следната недела за да разговараат за рамката за разговорите. Унгарија се смета за можна пречка.

Во Иран почна пријавувањето на кандидатите за претседателските избори

илустрација
илустрација

Во Иран денеска (30 мај) почнува петдневниот рок за кандидатура за предвремени претседателски избори, кои се одржуваат по загинувањето на Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

Кандидати за изборите закажани за 28 јуни можат да бидат лица на возраст од 40 до 75 години и мора да имаат најмалку магистерски студии.

Сите потенцијални кандидатури мора да бидат одобрени од Советот на чувари на Револуцијата, 12-члено тело составено од адвокати и истакнати верски водачи надгледувано од иранскиот врховен водач, Али Хамнеи.

Советот никогаш не прифатил жена за кандидат или некој кој повикува на радикални промени во управувањето со државата, потсетуваат политичките аналитичари.

Фаворит би можел да биде вршителот на должноста претседател на земјата, Мохамед Мокбер. Како можни кандидати се и поранешниот тврдокорен претседател Мохамад Ахмадинеџад и поранешниот реформски претседател Мохамед Катами, но прашање е дали ќе им биде дозволено да се кандидираат.

Инаку Раиси е вториот ирански претседател кој починал додека бил на функција.

Во 1981 година, во хаотичните денови по Исламската револуција, тогашниот претседател Мохамед Али Раџаи беше убиен во експлозија на бомба.

Украина одбила голем руски воздушен напад

Украинската противвоздушна одбрана соборила 32 беспилотни летала и седум од 19 крстаречки ракети лансирани од Русија кон воени и инфраструктурни цели во девет украински региони на 30 мај, објави военото воздухопловство на земјата на Телеграм.

Ракети и беспилотни летала беа соборени над регионите Хмелницки, Дњепропетровск, Чернихив, Кировохрад, Запорожжја, Одеса, Керсон, Киев и Виница.

Во исто време, градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, објави дека критичната инфраструктура, вклучително и гасовод, била оштетена во текот на ноќта во руското гранатирање на овој град на североистокот на земјата, кој е на само 35 километри од руската граница.

Словенија ќе ја признае палестинската држава

Словенечкиот премиер, Роберт Голоб
Словенечкиот премиер, Роберт Голоб

Словенечкиот премиер, Роберт Голоб најави дека неговата земја денеска(30 мај) ќе ја признае палестинската држава.

Шпанија, Ирска и Норвешка го направија тоа во вторникот, на 28 мај и се приклучија на групата од 140 земји кои ја признаа палестинската држава.

„Поради грозоморните настани и масакрот во Рафа, словенечката влада одлучи да не чека до јули. В четврток ќе ја признаеме бидејќи сме згрозени од настаните во Рафа. Сакаме ова да биде јасна порака до целиот свет. Мора да направиме се што можеме за да најдеме трајно решение и мир на Блискиот Исток“, рече Голоб.

Словенечката влада денеска ќе го испрати предлогот за признавање до парламентот кој треба да ја донесе одлуката.

Израелски медиуми: Граничната област Газа под контрола на Израел

илустрација
илустрација

Според извештаите на израелските медиуми, израелската армија ја презела контролата врз целиот Појас Газа долж границата со Египет, јави ДПА.

Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор Филаделфија, област долга 14 километри долж границата со Египет и Појасот Газа, објавија неколку медиуми синоќа, повикувајќи се на армијата.

Извештаите наведуваат дека во областа има околу 20 тунели кои водат кон Египет. Меѓу другото, Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, ги користел тунелите за шверц на оружје во Појасот Газа.

Се додава дека некои од тунелите се уништени. Наводно, на целиот тој простор има вкупно 82 тунели, јави ДПА.

На почетокот на мај израелските трупи почнаа да напредуваат во делови од градот Рафа на југот на Појасот Газа. Тие го окупираа единствениот граничен премин кон Египет на палестинска страна.

Израелските напади врз Рафа беа жестоко критикувани од Меѓународната заедница бидејќи градот е дом на стотици илјади внатрешно раселени палестински лица.

Војната на Израел и Хамас, беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1200 луѓе, главно цивили.

Иранските активисти ги критикуваат ОН поради планираното оддавање почит на Раиси

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.

Обединетите нации (ОН) најавија церемонија во чест на загинатиот ирански претседател Ебрахим Раиси, што наиде на критики од активистите за човекови права кои го нарекуваат Раиси „месарот од Техеран“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис оддавање на почит на Раиси на 30 мај, кој заедно со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан и неколку ирански претставници загинаа во хеликоптерска несреќа на 19 мај.

Највата за оддавање почит наиде на критики од активистите кои потсетуваат на наводната улога на Раиси во масовна егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител на Техеран.

Тие исто така тврдат дека како претседател го надгледувал бруталното задушување на протестите во Иран, одржани по смртта на Махса Амини - девојката која почина во притвор поради наводно прекршување на обврската да ја покрие главата со шамија.

„Кога светските влади издигнуваат флагрантен прекршувач на човековите права на почесна позиција, како да тагуваат за мирољубива и демократска личност, тоа поставува опасен преседан“, напиша лауреатот на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, кој е во затвор во Техеран.

Моника Грејли, портпаролката на Френсис, рече дека оддавањето почит на починатиот шеф на државата е дипломатска практика.

Но, иранскиот нобеловец, Ширин Ебади, тврди дека одлуката на ОН е во спротивност со сопствените протоколи, бидејќи Раиси не бил највисокиот ирански функционер, истовремено истакнувајќи дека мисијата на ОН неодамна изјавиле дека се извршени „злосторства против човештвото“ од страна на иранскиот режим за време на задушувањето на демонстрантите во 2022 година.

„[Врховниот водач ајатолахот] Али Хамнеи е највисокиот политички и воен функционер во исламската република. Секогаш кога ќе умрат, Обединетите нации можат да одржат четирикратна меморијална церемонија за нив заедно со Садам Хусеин, Моамер Гадафи и Хитлер“, рече Ебади во објава на Инстаграм.

„Сакам почитуваниот генерален секретар и претседател на Генералното собрание да го признаат Ебрахим Раиси како што народот на Иран го нарече, „месарот на Иран“ и „касап на Техеран“ по неговата смрт“.

ОН, исто така, ги вмешаа иранските власти во „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Амини, покренувајќи дополнителни прашања за оддавањето почит на Раиси во Обединетите нации.

Украина одби напади со руски дронови врз три региони

Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.
Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.

Украинската воздушна одбрана соборила 13 од 14 беспилотни летала кои биле лансирани од Русија рано на 29 мај во три нејзини региони, објавија украинските воздухопловни сили на Телеграм.

„Како резултат на противвоздушна борба, 13 Шахед [дронови] беа соборени во регионите Миколајев, Кировохрад и Ривне“, се вели во пораката.

Нема информации за жртви или материјална штета.

Во меѓувреме, Венјамин Кондратиев, гувернер на јужниот руски регион Краснодар, во порака на Телеграм наведе дека украинско беспилотно летало е соборено од руската противвоздушна одбрана над градот Армавир.

Нема жртви или материјална штета, напиша Кондратиев.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG