Достапни линкови

Вести

Лариса: Експлозија пред зградата на судот

Грчката полиција соопшти дека синоќа во детонација на екплозивна направа пред зградата на судот во центарлниот грчки град Лариса полесно бил повреден еден случаен минувач а врз заградаа е направена мала штета. Засега никој не ја преземал одговорноста за нападот за кој во полицијата сметаат дека бил мотивиран од членовите на терористичката организација 17 ти Ноември. Во меѓувреме во Грција се на сили големи антитерористички подготовки во пресртет на летните Олимписките игри во Атина.

види ги сите денешни вести

Руски дрон ја прекина посетата на Баербок на град во Украина

Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок и нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба шетаат на граничниот премин Украина-Молдавија во регионот Одеса
Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок и нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба шетаат на граничниот премин Украина-Молдавија во регионот Одеса

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок мораше да ја прекине посетата на водовод во јужна Украина на 25 февруари кога беше забележан руски шпионски дрон, изјави претставник на Министерството за надворешни работи.

Баербок беше во посета на украинскиот град Миколајев за време на викендот, кога од членовите на делегацијата беше побарано брзо да се вратат кај оклопните возила во конвојот на Баербок, откако беше забележан руски дрон како лета над водоводот.

Баербок претходно објави дека Германија ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра (108 милиони долари) хуманитарна помош за Украина за поддршка на снабдувањето со вода, болниците и домувањето.

„Теророт на Путин овде продолжува секој ден. Но, луѓето овде во Украина се јасни: Ниту еден ден, ниту еден напад нема да може да ја уништи нивната борба за опстанок“, рече таа.

Германската влада во јуни во Берлин треба да одржи меѓународна конференција за реконструкција за поддршка на Украина.

На авганистанските девојки им е забранет контакт со медиумите во провинцијата Хост

Ученички во Авганистан на час на отворено.
Ученички во Авганистан на час на отворено.

Авганистанскиот новинарски центар (АНЦ) објави дека талибанските полициски власти во источната провинција Хост им забраниле на девојките да контактираат со локалните радија и телевизии, и ги предупредиле локалните медиуми да не прифаќаат телефонски повици од девојки.

Шефот за регионална безбедност Абдул Рашид Омари, во писмото до Провинцискиот оддел за информации и култура, навел дека причина за ваквата наредба е потенцијалот за ширење неморал.

Во писмото, објавено од Авганистанскиот новинарски центар, се наведува дека Омари тврди дека некои приватни медиуми шират корупција кај девојчињата со своите социјални и образовни програми, што води кон „непристојно однесување“, што е во спротивност со строгото толкување на исламските закони од страна на талибанците.

Во Хост има 15 приватни радија и 3 телевизии, како и Националната радио и телевизија, кој е под контрола на Талибанците.


Во август, беше забрането емитување на женски гласови на медиумите во јужната провинција Хелманд.

Талибанците ги задушуваат правата на жените и девојчињата во Авганистан.

И покрај најавите дека ќе дозволат слобода на печатот по враќањето на власт, талибанците затвораат радија, телевизии и весници, а беа забранети и некои меѓународни медиуми, додека на странските дописници не им се дава виза.

Брнабиќ – Веројатно ќе се одржат нови, а не повторени избори за Белград

Српската премиерка Ана Брнабиќ.
Српската премиерка Ана Брнабиќ.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека во Белград веројатно ќе се организираат нови, а не повторени избори, додавајќи дека е сигурна дека на претходните, „ниеден единствен глас не е украден“, и дека никогаш нема да прифати меѓународна истрага за изборите од 17 декември.

„Иако резултатите од испитувањата на јавното мислење покажуваат дека резултатите од новите избори би биле речиси идентични со декемвриските, лично сметам дека листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“, би остварила убедлива победа и дека би можела самостојно да ја формира власта“, рече Брнабиќ во гостувањето на ТВ Прва.

Дел од опозицијата во Србија ја обвинува власта за изборна кражба, но државниот врв и владејачката Српска напредна страна негираат.

Како што пренесува Бета, Брнабиќ повтори дека најдобро решение за кризата во Белград би било да се „формира власт, зашто во спротивно беспотребно ќе се изгубат најмалку шест месеци.“

Премиерката рече дека декемвриските избори биле легитимни, како и дека, особено во Белград, имало силна контрола и дека „мува не можела да прелета, а камоли да се украде нешто“.

Таа рече дека тие би можеле да формираат мнозинство, но оти математиката не е политика, па најреално е да се одржат нови избори.

Таа додека дека, колку што и е познато, првпат се случува опозицијата во некоја земја од странците да бара меѓународна истрага, што значи укинување на суверенитетот и суспендирање на институциите.

Европскиот парламент на 8 февруари усвои Резолуција со која се бара меѓународна истрага за наводните нерегуларности на изборите во Србија, како и суспензија на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во изборна измама.

ОДИХР во прелиминарниот извештај соопшти дека изборите ги обележале нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот на земјата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.

Вонредните парламентарни, покраински и локални избори во 65 општини и градови, вклучувајќи го и Белград, се одржаа на 17 декември.

ДИК - Најмногу потписи досега собрал кандидатот за претседател Бујар Османи

Гласачко ливче за избори
Гласачко ливче за избори

Вкупно 14.360 граѓани дале потпис, заклучно со вчера(24 февруари), за подносителите на кандидатура за претседател на државата, покажуваа податоците на Државната изборна комисија (ДИК).

Според ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 5.405. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 3.613 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 2.758 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 1.974 потписи.

Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку од илјада потписи - Вело Марковски има 249 потписи, а кандидатот на опозицискиот блок на албански партии Арбен Тарвари 246 потписи. Според податоците од ДИК, во овие два дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Кандидатот за претседател треба да собере 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а доколку го предложиле пратениците, тогаш потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари и ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.


Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Престрелки на Израел и Хамас во Газа додека се зголемуваат напорите за примирје

Палестинско-израелски конфликт.
Палестинско-израелски конфликт.

Израелските трупи и палестинските вооружени напаѓачи се судрија низ Појасот Газа во текот на викендот, додека посредниците го забрзаа темпото на разговори за евентуален прекин на огнот за ослободување на заложниците и донесување мерка за пауза на Рамазан во погодената енклава.

Изгледите за обезбедување какво било примирје изгледаа неизвесни, затоа што Израел рече дека паралелно планира да ја прошири својата акција за уништување на Хамас, додека организацијата, која Соединетите Американски држави (САД) и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичката, цврсто стои на своето барање за траен крај на речиси петмесечна војна.

Повеќе разговори се очекуваат оваа недела во Доха, со последователна рунда во Каиро.


Жителите во Газа рекоа дека израелските сили гранатирале неколку области на енклавата додека тенковите влегле во Беит Лахија, а војниците и вооружените лица воделе битки во секторот Зејтун во градот Газа - и двата на север, кој беше освоен во почетокот на офанзивата.


Најмалку 86 Палестинци се убиени во израелски напади од саботата, соопштија медицинските лица на 25 февруари.

Израелската војска соопшти дека двајца војници загинале во борбите во јужна Газа и дека нејзините сили убиле или заробиле палестински вооружени лица во Зејтун и на други места.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го свика својот воен кабинет на брифинг доцна во саботата со шефовите на разузнавачките служби кои се вратија од состанокот со катарските, египетските и американските посредници во Париз за евентуален втор прекин на огнот во Газа.

Египетските безбедносни извори рекоа дека ќе има повеќе разговори оваа недела во Доха, при што посредниците ќе се префрлат меѓу Хамас и израелските делегати, и последователна рунда во Каиро. Засега нема потврда за тоа од Израел, Хамас или Катар.

Во првата пауза во борбите, во ноември, беа ослободени околу половина од 253-те луѓе кои Хамас ги грабна за време на прекуграничната напади на 7 октомври што ја предизвика војната. Во тој договор, Израел ослободи трипати повеќе Палестинци од своите безбедносни затвори и дозволи повеќе хуманитарна помош за Газа.

Израелските медиуми, повикувајќи се на неименувани официјални лица, објавија дека постои рамка за враќање на околу една третина од 130-те преостанати заложници во текот на шестнеделното примирје кое го покрива муслиманскиот свет месец Рамазан. Немаше официјална потврда од ниту една страна.

Палестинските власти рекоа дека Хамас инсистира Израел да ја прекине офанзивата и да ги повлече силите според каков било договор. Израел сигнализираше намера да се пресели во еден од последните градови каде Хамас има сили.

„Работиме на постигнување друга рамка за ослободување на нашите киднапирани, како и завршување на елиминацијата на баталјоните на Хамас во Рафа“, сподели Нетанјаху на Фејсбук, мислејќи на градот на крајниот југ од Газа во близина на границата со Египет.

Оваа недела, додаде тој, израелскиот безбедносен кабинет ќе ги одобри воените планови за Рафа, вклучително и евакуација на повеќе од еден милион раселени палестински цивили кои се засолниле таму и чија судбина ги загрижува светските сили.

Речиси 30.000 Палестинци се убиени во војната, велат медицинските власти во Газа. Во нападот на Хамас на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе во Израел, кој исто така загуби 241 војник во копнените борби во Газа што следеа, според официјалните податоци.

Украина тврди дека тројно го зголемила производството на оружје

Украински војниц на мурал на станбена зграда во Киев, Украина, 1 февруари 2024 година.
Украински војниц на мурал на станбена зграда во Киев, Украина, 1 февруари 2024 година.

Украина минатата година тројно го зголеми производството на оружје, рече украинскиот министер за стратешка индустрија, Олександар Камишин. Изјавата доаѓа во истовреме кога министерот за одбрана Рустем Умеров предупредува дека околу половина од одбранбената помош од Запад доцни.

Камишин на 25 февруари, за време на конференцијата во Киев, рече дека околу 500 компании моментално работат во одбранбениот сектор на Украина, од кои 100 се во државна сопственост, а 400 се приватни, и дека земјата планира „значително да го зголеми производството на муниција“ оваа година.

Киев бара начини да ја зајакне својата одбрана против Москва и двегодишната инвазија, која вклучува зголемување на домашното производство, како и иновации.

Во посебно обраќање, министерот за дигитални прашања, Михаило Федоров, истакна дека 90 отсто од беспилотните летала што се користат на фронтот против руските сили се произведени во Украина.

Министерот за одбрана Рустем Умеров на форумот посветен на втората годишнина од руската инвазија предупреди дека половина од воената помош што пристигнува од Запад доцни.

Украина, која има проблеми со недостаток на муниција, со месеци предупредува дека помошта од Запад бавно доаѓа до неа и дека тоа има реални последици за нивната борба против Русија.

„Во моментов, посветеноста не значи испорака. Околу педесет проценти од договорената помош не стигнува навреме“, рече тој.

Умеров оцени дека тоа претставува дополнителен проблем за Украина во „математиката на војната“ против Русија, за која Западот се повеќе вели дека гради воена економија.

Тој смета дека доцнењето на помошта значи дека Киев „ќе изгуби луѓе и територии“, особено поради, како што наведе, „супериорноста во воздухот“ на Русија.

„Правиме сè што е можно и невозможно, но без навремено снабдување е многу тешко“, рече министерот.

Киев беше ослабен во последните недели поради недостаток на муниција, додека виталната помош што требаше да пристигне од Соединетите Држави беше блокирана поради политичките несогласувања во Конгресот.

Шефот на полското МНР смета дека Русија ќе ја тестира колективната одбрана на НАТО

Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.
Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски оцени дека Русија ќе се обиде да ги тестира гаранциите кои ги дава колективната одбрана на членките на НАТО. Тој вели и дека кога руските претставници секој час и се закануваат на Полска дека ќе ја нападнат, тој мора сериозно да ги сфати тие закани.

„Ако Путин се закани, ако екс-претседателот Медведев се закани, тогаш за жал морам да верувам во тие закани. Мораме да се подготвиме за фактот дека Русија ќе се обиде да ги тестира безбедносните гаранции во НАТО“, рече Сикорски за дописникот на полската телевизија ТВН24 во САД.

Претходно во петокот, на седницата на Советот за безбедност, полскиот министер за надворешни работи на невообичаено ненадеен начин се откажа од својот подготвен говор и директно му се обрати на рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја да ги негира точка по точка неговите обвинувања против Западот. и Полска.

„Небензја вели дека сме заробеници на русофобија, но фобијата значи ирационален страв. Додека речиси секој ден добиваме закани за нуклеарно уништување од поранешниот претседател на Русија и пропагандистите на Путин. Јас тврдам дека тоа не е ирационално“, рече Сикорски во Обединетите нации.

Полскиот министер за надворешни работи ги поправи и историските детали од обвинувањата на рускиот амбасадор дека Полска во Втората светска војна ја нападнала Русија, која секогаш само се бранела.

„За што зборува? Советскиот Сојуз заедно со нацистичка Германија ја нападна Полска на 17 септември 1939 година. Тие дури потоа организираа и триумфална парада заедно. Тој вели дека Русија отсекогаш се борела само против агресијата. Што правела советската армија во близина на Варшава во 1920? Дали беа на картографска експедиција?“, го праша Сикорски рускиот амбасадор.

Шефот на полската дипломатија ги отфрли и обвинувањата против Украина дека е клиент на Западот и дека со неа владеат нацисти.


„Всушност Киев се бори да биде независен. Тој ги нарекува нацисти. Па, претседателот е Евреин, министерот за одбрана е муслиман и тие немаат политички затвореници. Тој вели дека Украина се дави во корупција. Па, Алексеј Навални документирал колку е чиста и полна со чесност неговата земја“, рече Сикорски.

Сикорски денеска во интервју за полската јавна ТВ станица ТВП призна дека моменталната ситуација на фронтот е во ќор-сокак, но дека верува дека новиот пакет помош од 65 милијарди долари, кога ќе го одобри САД, ќе доведе до пресврт и ќе и даде крилја на Украина.

Шикорски додаде дека ако генерално се проценат двете години војна, Украина сепак постигна неочекуван успех.

Независниот синдикат на здравствените работници најавува протест

Независниот синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал(НСЗР)
Независниот синдикат на здравствени работници и административно-технички персонал(НСЗР)

Ќе има протести доколку платите на здравствените работници не се усогласат со минималната плата, најави Независниот синдикат на здравствени работници, административен технички персонал и технички персонал.

Планот е протестот да се одвива за време на паузи, а здравствените установи да бидат затворени по три часа во текот на денот кога ќе примаат само итни случаи, рече на денешната прес-конференција националниот координатор на Независниот синдикат Боби Бојчевски.

Што од ова ќе биде спроведено, зависи како ќе се договорат претставниците на синдикалната организација овие денови.

„Да не се игра со чувствата на вработените во здравството, уште еднаш да не бидеме изманипулирани, бараме правилно и законски да се исплати платата согласно со Законот за минимална плата. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата, нагласи Бојчевски.

Тој вели дека во Законот за минимална плата е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од шест месеци, но колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност.

Синдикатот бара како основа за пресметка на платата на здравствените работници, да биде минималната плата, помножена со коефициентот на работното место.

Од Независниот синдикат изминатата година неколкупати протестираа поради аномалии во колективните договори и ниските плати.

Пред три дена заменик министерката за здравство Маја Манолева, рече дека во март повисоки плати ќе добијат лекарите, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во согласност со Законот за минималната плата. Таа рече дека ќе има усогласување на минималната плата не само на здравствените работници туку и на сите други, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во здравствениот сектор.

Израел разговара за следните чекори во разговорите за примирје

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху

Воениот кабинет на Израел разговараше за следните чекори за преговори кон договор за заложници и прекин на огнот во војната со Хамас, во време загриженоста се продлабочува поради сè поочајната ситуација со која се соочуваат цивилите во разурнатиот Појас Газа.

Израелската делегација која вчера беше во Париз на нови разговори за договорот за заложници ноќта се вратила во Израел за да го информира воениот кабинет на земјата, соопштуваат и властите и локалните медиуми. Локалните медиуми подоцна објавија дека средбата завршила со тоа што владата се согласила да испрати делегација во Катар во наредните денови за продолжување на разговорите.

На разговорите зад затворени врати во Париз беа вклучени и египетските и катарските посредници, кои се надеваат дека ќе ги надминат преостанатите разлики.

Советникот за национална безбедност на Израел, Цачи Ханегби, рече дека „веројатно има простор да се придвижи кон договор“.

Медиумските извештаи сугерираат дека двете страни размислуваат за шестнеделен прекин на борбите и првична размена на десетици жени, малолетни и болни заложници за неколку стотици палестински затвореници.
Хамас досега, исто така, инсистираше на целосно повлекување на израелските сили од Газа, барање што Нетанјаху го отфрли како „заблуда“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе го свика кабинетот на почетокот на неделата „за да ги одобри оперативните планови за акција во Рафа, вклучително и евакуација на цивилното население од таму“.


„Само комбинација од воен притисок и цврсти преговори ќе доведат до ослободување на нашите заложници, елиминација на Хамас и постигнување на сите цели на војната“, додаде тој.

Војната започна кога Хамас започна напад на 7 октомври, што резултираше со смрт на околу 1160 луѓе во Израел, повеќето од нив цивили, според официјалните израелски податоци. Според Израел, милитантите на Хамас зеле околу 250 заложници, вклучително и 30 мртви.

Во израелската кампања на одмазда загинаа најмалку 29.606 луѓе, претежно жени и деца, според најновото пребројување на Министерството за здравство на територијата кое го води Хамас.

Сирски - Ситуацијата на фронтот е сложена

Министерот за одбрана на Украина Рустем Умеров (лево) и врховниот командант на украинските вооружени сили Олександар Сирски за време на посетата на командните пунктови на Оперативната тактичка група Доњецк. Регионот Доњецк, 13 февруари 2024 година
Министерот за одбрана на Украина Рустем Умеров (лево) и врховниот командант на украинските вооружени сили Олександар Сирски за време на посетата на командните пунктови на Оперативната тактичка група Доњецк. Регионот Доњецк, 13 февруари 2024 година

Началникот на украинската армија Олександар Сирски и министерот за одбрана Рустем Умеров ги посетија командните пунктови во близина на линијата на фронтот за да го анализираат бојното поле и да ја зајакнат одбраната, рече главниот генерал на 25 февруари.

Украинската војска се бори да ги спречи руските сили долж раширената линија на фронтот, бидејќи се навршија две години од руската инвазија.

„Детално ја анализиравме моменталната ситуација и разговаравме за неопходните понатамошни чекори, првенствено за заштита на војниците од беспилотни летала и удари со воздушни бомби, како и за зајакнување на одредени области на фронтот“, напиша Сирски на Телеграм. Тој објави и фотографии од него и Умеров со командантите.

Сирски, кој не кажа кога се случила посетата, додаде дека „ситуацијата е сложена и бара постојан мониторинг“.

Руските сили минатата недела го зазедоа стратешкиот источен украински град Авдијивка по повеќемесечен напад и вршат притисок врз неколку други области долж линијата на фронтот, велат украинските власти.

Сирски е назначен за врховен командант пред годишнината од инвазијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши претходниот командант Валериј Залужни, заменувајќи го со генерал-полковник Александар Сирски, што ја означи најзначајната промена во воениот врв од почетокот на војната.

Русија сè уште контролира околу една четвртина од земјата, откако Украина не ги исполни очекувањата со нејзината летна контраофанзива која донесе мал напредок. Во меѓувреме, милиони Украинци продолжуваат да живеат во несигурни околности во вкрстен оган, а многу други се соочуваат со тековни борби под руска окупација. Повеќето сè уште го чекаат украинското ослободување, кое не дојде.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG