Достапни линкови

Македонската влада ќе им помогне на семејствата од Пустец


Педесетина Македонци, од Пустец Мала Преспа, Албанија, останаа без покрив на главата поради пожарот што се случи поради дотраена инсталација во објектот каде се сместени во кампот Царина. Овие луѓе престојуваат во земјава веќе 13 години, а заминале од Албанија поради лошите економски и политички услови. Во Царина пак, има околу 180 Македонци бегалци, или 60-тина семејства. За овие луѓе, надлежна е македонската влада, од каде пак велат дека ќе се работи да се реши проблемот:

„Во целава оваа констелација владата ќе направи се да им излезе на тие луѓе во пресрет. Се уште владата не дефинирала како ќе се направи тоа, меѓутоа, ќе се обидеме преку ресорните министерства и преку локалната власт да им помогнеме на било кој начин“

изјави портпаролот на владата Сашо Чолаковски.

Доколку условите за живот во Мала Преспа Албанија беа подобри, овие луѓе немаше да доаѓаат во Македонија, посочува Таки Ограждани, потпретседател на здружението на граѓани „Мала Преспа“, кој посочува дека во оваа област луѓето немаат основни услови за живот. Тој апелира до македонската влада:

„Владата на Република Македонија да им помогне на овие луѓе кои денес останаа без домови и без никакво богатство. Се што имале заработено и спечалено во овие неколку години, се е уништено и околу десет семејства се во тешка состојба. Најпрвин упатувам повик да им се помогне на овие семејства, да им се даде некаква помош. А потоа ако се може, да им се подаде рака и на другите кои се во Царина. Во еден друг период мора нешто да се направи со нив. Во Мала Преспа до ден денешен нема минимални услови за живеење. Како прво и прво, ние немаме вода за пиење. Немаме струја, немаме патишта“
XS
SM
MD
LG