Достапни линкови

Струшки вечери на поезијата


На 42-то издание на поетскиот фестивал во Струга ќе присуствуваат осумдесетина поети од кои триесетина домашни и педесет од странство. Покрај препознатливите содржини, петте фестивалски денови донесуваат и нови. Годинашните Струшки вечери на поезијата ќе ги отвори Каичиро Мацуура, генерален директор на УНЕСКО со кого Министерството за култура треба да потпише коминике за соработка со што се отвораат нови можности за фестивалот, како што е востановувањето нова награда на млад поет од светски ранг. Добитникот на златниот венец, шведскиот поет Томас Транстромер по вторпат е во Струга, а неговата поезија и досега е преведувана на македонски јазик.

„Тој навистина е првокласен поет којшто има извршено огромно влијание во поезијата“

вели Зоран Анчевски, претседател на Управниот одбор на фестивалот, според кого буџетот за годинашниот фестивал е за 30 проценти помал од лани, поради што ќе изостанат некои од карневалските елементи, но ќе се задржат суштинските содржини на поетската манифестација.

„Се работи за национална манифестација и би било непријатно доколку министерството за култура би се откажало од финасирањето на една ваква манифестација од национална важност“.

А на почетоците на струшкиот поетски фестивал пред четири децении се сеќава еден од неговите основачи, академик Влада Урошевиќ:

„Тие први два-три фестивала беа во една интимна атмосфера, во едно пријателско дружење на македонските поети. Имаше едно-две читања. Потоа прерасна во југословенски и набргу дојде идејата направиме светски фестивал“

вели академик Урошевиќ, кој смета дека со фестивалот Струга добива многу.

Некои од граѓаните на Струга, пак, мислат дека градот со фестивалот живеел посплотено порано, а сега:

„Струшките вечери не се тоа што беа. Струшките вечери сега се кабинетска манифестација, а граѓаните единствено доаѓаат на „Мостови“ заради тоа што сакаат да се прошетаат покрај кејот на Дрим, а не да слушаат поезија. Струшките вечери се оддалечија од грашаните и од љубителите на поетскиот збор“
XS
SM
MD
LG