Достапни линкови

Природна појава или последица од глобалното затоплување


Рекордно високите температури во Европа кои траат со денови веќе станаа опасни по здравјето на луѓето, велат лекарите. Папата Јован Павле Втори ги повикува верниците да се молат да заврне. Метеоролозите предвидуваат жешкото време да потрае до крајот на неделава, а научниците разменуваат аргументи дали ова е или не е последица од глобалното затоплување што го предизвикува човекот.

Додека туристите уживаат во еден од најтоплите августи, исклучително жешкото време и шумските пожари убија десетици луѓе низ Европа, а сушата ги уништува посевите од Антлантик до Сибир. Доволно – научниците да се запрашаат дали тоа се докази за глобалното затоплување. За некои - Едно претопло лето не значи дека температурата на Планетава пораснала, за други – ова лето е сигурен знак дека ефектите на стаклена градина станаа наше секојдневие.

„Во овој момент, најголем дел од Медитеранот и од северозападна Европа, доживуваат многу жешко време, а температурите ги пробија рекордите. Како за пример, во Швајцарија имаат најтопло лето какво што не е забележано повеќе од двесте и пеесет години. Во Норвешка не било вака топло уште од 1925 тата.“

Вели Дејвид Винер од Институтот за климатски истражувања на Британскиот Универзитет кој додава дека не станува збор за локален, туку за глоболен феномен на исклучителни временски ситуации кои би можело да станат се почести. Некои стручњаци како потврда на ваквите наводи ги доведуваат во врска сегашното претопло лето и минатогодишните големи поплави во Средна Европа со оценка дека оваа брза промена на екстремните временски услови е резултат од порастот на темпертурата на Земјата. Светската метеоролошка организација, која пред извесно време излезе со предвидување дека сушите и поплавите ќе стануваат се почести, сепак е претпазлива во однос на глобалниот пораст на температурите. Се уште немаме докази за тоа. Потребни се повеќе од еден или два случаја, - вели директорот на програмата за светската клима Кен Дејвидсон. Според него, состојбата ќе биде појасна во две илјади и седма година кога треба да биде објавена новата проценка на причините и на можните последици од климатските промени. Во меѓувреме, компјутерските модели што се прават во британскиот метеоролошки уред сугерираат дека рекордно топлите лета како онаа во 1995 година кои се случуваа еднаш во векот, до крајот на овој ќе се повторуваат на секои три години. Тоа, според стручњаците, ќе предизвика ширење на пустињите и до пораст на нивото на морињата. Затоа тие заедно со еколозите бараат итна примена на Протоколот од Кјото за намалување на гасовите во атмосферата кои предизвикуваат Земјата полека да станува стаклена градина со апокалиптична иднина.
XS
SM
MD
LG