Достапни линкови

САРС може да стане главна закана за луѓето во светот


Светската здравствена организација деновиве предупреди дека смртоносниот САРС вирус би можело да стане една од најголемите закани за здравјето на луѓето во светот. Ризикот е најголем во Кина каде што и се појави ова заболување.

Кинеските власти се соочија со големи критики поради нивниот бавен одговор на појавата на нетипичната пневмонија и поради тоа што во изминативе недели Пекинг се обиде да ги прикрие податоците за заразените од овој вирус. Последните информации говорат дека досега во Кина умреле шеесет и пет лица, а се регистрирани над илјада и четиристотини инфицирани. Во светски рамки се забележани повеќе од три илјади и триста заразени и над сто и пеесет смртни случаи од вирусот САРС. Дик Томсон од Светската здравствена организација вели дека девеесет насто од заболените полека заздравуваат, но оти остануваат уште многу неодговорени прашања во врска со оваа мистериозна болест.

„Тоа е ново заболување. Не знаеме како се развива, до каде ќе оди и дали притоа има некоја сезонска компонента. Постојат и некои аспекти кои загрижуваат. Ние досега не успеавме да пронајдеме лек со кој би можеле да ги спасиме луѓето да не умираат од болеста.“

Томпсон додава дека Светската здравствена организација нема никаква претстава за тоа колква е стапката на смртност од ова заболување во Кина, бидејќи не се знае ни точниот број на заразените. Лондонскиот експерт за Азија Стефан Грин посочува неколку можни причини зошто кинеските власти ја криеле болеста. Најзначајната, според него, е тоа што заболувањето се појавило во ноември минатата година, односно кога во Пекинг се одржуваше Конгресот на Кинеската комунистичка партија.

„Причината зошто кинеските власти сега го признаа проблемот е меѓународниот притисок. И очигледно тие поради тоа загубија од својот углед.“

Вели Грин. Симптомите на САРСОТ, чиј инкубационен период е десетина дена, се слични на оние на грипот – висока температура, главоболки, кашлање. Во некои случаи пациентите имаат големи тешкотии со дишењето, па е потребно да бидат ставени на респираторни апарати.
XS
SM
MD
LG