Достапни линкови

Стравот од поврзаноста на личности од Македонија со Земунскиот клан причина за отстранување


Отворањето на архивите на српското министерство за внатрешни работи е главната причина за ова брзање на некои структури за мое отстранување, изјави Доста Димовска:

„Главната причина за ваквото брзање на некои структури за мое отстранување е отворањето на архивите на српското МВР и нивните безбедносни служби за дејствувањето на Земунскиот клан, неговите врски со Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ, распространетоста на врските со политичари, бизнисмени и криминалци на Балканот, а исто така и во Македонија, во изминатите 12 години.“

Таа вели дека надлежностите на агенцијата за разузнавање се состојат и во размената на информациите за вакви врски.

„Јас сум свесна дека стравот од таквата размена на информации, од дознавањето на вистината за инволвираноста на јавни личности од Македонија е огромен, а тоа многумина ги тера да прават погрешни чекори. Со притисокот врз мене и вез претседателот сигурно се посакувало да се донесе на директорското место подобна личност која би ги заташкала таквите информации. Но, да укажам на фактот дека ваквите информации веќе се стасани до респектибилните странски разузнавачки служби, така што приривањето на таквите информации веќе никој не може да го спречи дури ни со моето отстранување од функцијата што ја вршам.“

Димовска не се согласува со тезата дека претседателот направил политичка штета што го спречил процесот, зошто во спротивно би се зајакнала нејзината позиција:

„Проценките пред да ја донесе одлуката сигурно претседателот ги направил мнлогу темелно, направил повеќе консултации и аргументите веќе се изнесени во соопштението од кабинетот на претседателот. Но, јас сметам дека со експресното организирано мое судење од страна на актуелната власт постои желбата политички да ме оцрни, да го попречи моето враќање на политичката сцена. Главната цел според мое мислење е организиран притисок за експресно мое отстранување од директорското место во агенцијата за разузнавање. Со одлуката претседателот тоа моментално го спречи. Но, пчекувам многу скоро во континуитет да продолжат притисоците врз мене.“
XS
SM
MD
LG