Достапни линкови

Од вчера најжестоки напади на Багдад


Американските и британските авиони од вчера се во, како што јавуваат агенциите, најжестоките воздушни напади врз Багдад од почетокот на војната. Во повеќе бранови биле бомбардирани центарот и предградијата на Багдад, но и градовите Мосул и Басра. Американската артилерија во текот на ноќта стрелала и врз ирачките позиции на еден мост на Еуфрат во близина на Наџаф – свет шиитски град на сто и шеесет километри јужно од Багдад. Американскиот генерал Стенли Меккристал соопшти дека ирачките трупи ги менуваат своите позиции во обид да ги избегнат сојузничките напади:

„Она што го гледаме e она што гo нарекуваме потези на преживување, без поголемо менување на стратегијата на бојното поле.“

изјави Меккристал, додавајќи дека вчерашниот ирачки самоубиствен напад на контролниот пункт кај Наџаф во кој загинаа четворица американски војници бил терористички акт.

„Тоа нема да ги смени нашите општи правила на службата. Тоа нема многу да и наштети на операцијата. Јасно е дека ќе треба да ја зголемиме заштитата на нашите војници.“

Претходно, ирачкиот потпретседател Таха Јасин Рамадан соопшти дека самоубиецот бил ирачки офицер и оти за таа акција Садам Хусеин посмтно го одликувал со две медали. Рамадан најави уште такви напади. Во меѓувреме, американската централна команда ги демантира наводите дека, поради ирачкиот отпор, воените операции на сојузниците биле прекинати.

„Овие копнени сили остварија извонреден напредок за многу кратко време. Но, ние не ги потценуваме претстојните предизвици. Би можело да биде многу, многу тешко.“

рече портпаролот на Пентагон Викторија Кларк. Денеска и австралискиот министер за одбрана Роберт Хил изјави дека војната ќе биде тешка, но оти нема да трае долго време. Тој смета дека американските воени лидери не успеале да го предвидат степенот со кој ќе се борат ирачките сили во една неконвенционална војна. ,,Мислам дека тие ја потценија улогата на ирачката милиција по градовите,, рече Хил, додавајќи дека Австралија нема намера да испрати засилување во Ирак, каде што сега се наоѓаат две илјади австралиски војници.
XS
SM
MD
LG