Достапни линкови

Јакнење на односите на ЕУ со Западен Балкан


Стабилизацијата на Балканот и неговото доближување до Европа се високо на агендата на грчкото претседателство со ЕУ е ставот на Атина што доминираше во разговорите на шефот на грчката дипломатија Јоргос Папандреу, реализирани во Скопје во рамките на неговата балканска турнеја. Разговорите беа посветени на концепирање заедничка платформа за земјите од регионов што би требало да се официјализира на самитот на Унијата во Солун.

„Во Солун ќе излеземе со, се надевам, важни одлуки за иднината на Балканот, особено на Западниот Балкан,“

рече Папандреу.

Тој во Скопје и со појаснување на лошо протоклуваната изјава за балканска федерација. Говорев за идеја што е стара 200 години, за да му покажам на светот дека е погрешна сликата за Балканот, каде што само се војува меѓусебно. Идејата за Балканска федерација е идеја на минатото, а не на иднината.

„Она што сега го правиме е овој регион да стане дел од друга федерација, европската. Мислам дека пораката е мошне јасна: говориме за еден друг Балкан, Балкан што се темели врз надежта дека мирот, стабилноста, економскиот развој, демократијата и владеењето на правото можат да бидат реалност. Ние сме веќе во многу постабилен Балкан, но сакаме стабилизацијата да продолжи и сите да ги увериме во европската перспектива за регионот,“

рече Папандреу.

Во програмата на грчкото претседателство со Унијата, приоритет има и ратификацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација, што беше и побарано од страна на претседателот Трајковски како своевидна потврда на декларираното од Атина.

„Разговаравме и за некои регионални прашања, како на пример да се бориме против организираниот криминал и корупцијата. Исто така и за важноста на економскиот развој,“

рече шефот на грчката дипломатија по средбата со премиерот Црвенковски. На агендата на неговата посета беше и средбата со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев и лидерите на ДУИ и на ДПА Ахмети и Џафери. Разговорите со Папандреу воедно можност и за ракување меѓу Ахмети и Ѓорчев,но и потврда на определбата на овие лидери за стабилен и отворен Балкан.

„Со тоа би се решиле многу парцијални проблеми кои се јавуваат тука,“

изјави Арбен Џафери кој побара од новиот претседавач на унијата да се ангажира околу решавањето на статусот на Косово.
XS
SM
MD
LG