Достапни линкови

Објаснувањата почнуваат да пристигнуваат


Во пресрет на самитот во Прага на кој нашава земја нема да ја добие поканата за членство во НАТО објаснувањата за причините почнаа да пристигнуваат. Од суштинско значење е да не се заборави дека најголема улога во оценката на една држава за членство во НАТО има репутацијата на земјата, рече неодамна НАТО амбасадорот Николас Бигман, нагласувајќи ги приоритетите: почитување на правото, борба против криминалот, корупцијата и меѓуетничка толеранција.

„Новата влада има можност да направи исчекор од блиското минато и радикално да го смени меѓународниот имиџ на земјата,“

рече Бигман.

Министерка за надворешни работи Илинка Митрева веќе најави ново лице на Македонија пред светот.

„Артикулацијата на државните и националните интереси пред меѓународната заедница треба да се престави на начин што ќе престане со манирот на импровизација, лелекање или перчење без покритие. Сметам дека треба конечно да се свртиме кон сопствените способности и капацитети и да ги одработиме и европските и евроатланските интеграции.“

Но сликата за нас не може да биде поинаква од реалната, додава професорот и некогашен министер за надворешни работи Денко Малески:

„Мислам дека е императивна потребата ние внатре да почнеме да функционираме како еднја нормална држава. Тоа е најбитно. А потоа имиџот ќе си дојде сам од себе. Мислам дека пред меѓународната заедница не треба да се прикажуваме поинакви од тоа што сме, бидејќи тоа и не е можно. Значи, она што треба да го направиме сега во ова постконфликтно време е да покажеме дека нашата мултиетничка демократија може да функционира. Тоа е нашата виза за членство во евроатланските асоцијации.“
XS
SM
MD
LG