Достапни линкови

Расчекор во прописите


Одредено лице за да биде кандидат за пратеник треба да има и постојано престојувалиште во земјава, а не како што предвидува законот за избор на пратеници да биде само државјанин и да има деловна способност, Според постојното законско решение кандидати за пратеници можат да бидат и лица кои не живеат во Македонија, а тоа не е во ред, вели професорот Борче Давитковски за случјот Фазли Велиу кој е кандидат за пратеник на листата на Демократска унија за интеграција на Албанците, а не може да гласа. Според него тоа што Велиу не е во избирачкиот список значи дека нема постојано место на живеење во земјава. Тој како друг сличен пример го посочува кандидатот Ѓорѓија Атанасовски кој освен македонско, има и американско државјанство, а не може да гласа.

„Факт е дека има расчекор меѓу прописите коишто од една страна го регулираат активното избирачко право, да биде биран, и пасивното што овозможува да се бира. Значи, фактички испаѓа дека активното избирачко право, да биде биран е полиберално, отколку пасивното, да може да гласа.“

Според Давитковски станува збор за несинхронизирано усвојување на законите

„Ако едни закони го регулираат активното избирачко право, со другите пасивното, а фактички ние треба да го регулираме со исти прописи избирачкото право, коешто се состои од активно, да бидете бирани и пасивно да можете да бирате.“

Министерот за правда Иџет Мемети објаснува дека според законот за избор на пратеници право да биде избран за пратеник има секој полнолетен државјанин кој има деловна способност и не се наоѓа на издржување казна затвор за кривично дело.
Тој за случајот Велиу вели:

„Лицето, односно граѓанинот, односно државјанинот Фазли Велиу е државјанин на Република Македонија меѓутоа спорно е што тој нема валидна патна исправа и не може да биде впишан во избирачкиот список и не е.“

Инаку законот за избор на пратеници беше донесен непосредно пред распишување на парламентарните избори. За неговите решенија беше постигнат консензус помегу партиите потписнички на охридскиот договор, бидејќи тој е една од обврските предвидени токму со овој договор.
XS
SM
MD
LG