Достапни линкови

Производството опаѓа, потребен нов економски концепт


Во анализата на движењето на производството во последниве неколку години професорот на економскиот факултет Душан Вељковиќ тргнува и од остварувањата во 1990 година докажувајќи дека производството всушност опаѓа.

„Ние имаме преполовено производство. Направивме еден пресврт на негативните трендови во 1996-та година во областа на производството, па индустриското производство во физички обем достигна пораст од 3.2%, во 1997 во однос на 96-тата натамошни 1.6%, во 1998 година 4.5% во однос на 1997 и тогаш дојде до промена. Во првата година од владеењето на актуелната влада имавме опаѓање на индустриското производство за 2.6%. Тоа е враќање назад на негативниот тренд. Во следната година, се оствари пораст од 2.5%, но јас покажувам со бројки и со натамошни анализи дека тие 2.5% биле со толкава сила што се успеало нивото на индустриското производство по физички обем, значи во тони во килограми, да се врати на 1998 година. Од тогаш, имаме уште понагласени негативни движења во областа на индустриското производство. Во 2001 година минус 10%, а во првите пет месеци од 2002 натамошен пад на индустриското производство за 16%.“

Растот има шпекулативен караткер тврди професор Наталија Николовска укажувајќи дека без дополнителна акумулација од странство нема раст. Затоа на Македонија и е неопходен нов економски пристап и концепт.

„Погледнете во билансот на плаќањето, колкава категорија имаат трансферите – 536 милиони долари. Тоа значи дека агрегатната побарувачка која беше подгреана од присуството на голем број дипломати, мисии, хуманитарни организации, НАТО структури итн. го индуцираше растот. Натамошното индуцирање на растот или проекцијата на растот се базира на проценките за продажба на нашиот имот. Но, и тоа се исцрпливи извори на растот. Бидејќи имото со кој располага Република Македонија е ограничен. Ние немаме модел на одржлив развој затоа што сите извори на раст во овој период се од шпекулативна и краткорочна природа.“
XS
SM
MD
LG