Достапни линкови

Стравување од сценарио за нови поделби на Балканот


Се плашам дека сево ова е сценарио за нови поделби на Балканот, изјави денеска претседателот на Македонија Борис Трајковски по повод одлуката на Владиката Јован за канонско единство на Велешката Епархија со СПЦ.

„Ценам дека синодот во своите расправи ќе остане единствен по однос на ставовите на Владиката Јован и дека тоа прашање ќе го разгледаат во согласност со нивниот устав и дека ќе донесат такви решенија. Меѓутоа, сметам дека многу важна е констатацијата дека ние имаме свештенство, имаме верници и многу вредни духовни храмови и водачите на црквата треба да го видат широкото мислење на граѓанството, па оттаму да донесат и решенија кои ќе бидат многу важни пред се за опстанокот на државата, бидејќи МПЦ во минатото играла многу важна улога за зачувување на битот и духот на македонскиот народ. Сметам дека треба да се продолжи во тој правец. Инаку, ако се размислува политички, често пати постојат многу обиди за делби на Македонија, па јас би се плашел ако ова е некоја претходница на некое сценарио за повторни делби на Македонија, македонскиот народ и македонската држава и сметам дека таквите процеси треба да бидат спречени. Јас не се согласувам воопшто со такво нешто, особено во времето кога сеуште безбедноста и стабилноста на нашата држава е фрагилна и чувствителна, па сметам дека таквите приклучувања кон одредени епархии во овој момент не ни се потребни. Уште еднаш би апелирал да се зачува духот на единственост во рамките на МПЦ.“
XS
SM
MD
LG