Достапни линкови

Чаповска со Гран-При на 18-от „Зимски салон“ на ДЛУМ


Македонската уметничка Виолета Чаповска, која подолго време живее и твори во Австралија, со делото „Мерка на растојание“ е победник на 18-от „Зимски салон“ на ДЛУМ, на кој зададената тема од селекторот Проф. Д-р Кирил Пенушлиски беше „Првиот грев – првата доблест“.

Виолета Чаповска е единствениот уметник на оваа изложба кој ја обработува непослушноста како потреба во модерното општество. Таа излага четири дела во комбинирана техника (литографија, линорез, свила и колаж) под заедничко име„Мерка на растојание“. Три се портрети на жени кои се борат против неправдата, не еднаквоста и насилството и уште една графикана која се зборовите „Баналноста на злото“ ( „The Banality of Evil“). Трите портрети се на Хана Аренд, германско-американски филозоф чии книги се уперени против тоталитаризмот, Мукхарат Маи од Пакистан, која во 2002 година беше жртва на групно силување, денес познaта активистка за женски права, и Лам Ти Деп која на свои 18 години се борела во виетнамската војна.

Ова ќе го напише проф. д-р Кирил Пенушлиски во својот текст печатен во каталогот за изложбата, односно 18-то издание на „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, за кое тој како селектор ја одбра темата со наслов „Првиот грев – првата доблест“. На конкурсот од пријавените уметници беа селектирани 16 творци, a Виолета Чаповска за нејзиното „Мерка на растојание“ беше одбрана за победник на манифестацијата и добитник на Гранд-При, што и овозможува престој во атељето на „Citè des Arts“ во Париз, Франција што го доделува Министерството за култура.

Родена во Скопје во 1967 година, Виолета Чаповска дипломирала на одделот за графика на Ликовната академија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991, а магистрирала на Кралскиот институт по Технологија во Мелбурн, Австралија четири лета подоцна.

За нејзината ликовна практика е забележано дека го отелотворува културното истражување во концептите на идентитет, природа и родови студии. Таа работи со графика, перформанс, видео, текстил, фотографија и сајт специфична уметност. За Чаповска е познато дека има остварено многубројни самостојни и групни изложби и дека нејзините дела се наоѓаат во многу приватни и институционални колекции, а македонската публика од 24 декември минатата година во Отвореното графичко студио на Музеј на Град Скопје можеше да го проследи нејзиниот проект „Сол“. Виолета беше автор и на идејните ликовно-графички решенија и на обвивките на плочите на култниот македонски состав МИЗАР каде еден од двигателите, автор и гитарист беше нејзиниот брат Горазд Чаповски.

„Ми претставува огромна чест и радост да ја примам наградата Гран-При на „Зимскиот салон“ на ДЛУМ. Голема благодарност до селекторот Д-р Кирил Пенушлиски. Неговата визија и концепт за оваа изложба беше голема инспирација за мене како автор да ги пријавам моите дела. Многу ми е жал што не можам да присуствувам на отворањето на изложбата и им посакувам на сите мои колеги, на сите пријатели и на мојата сакана фамилија убава вечер“, ќе рече Виолета Чаповска.

Виолета Чаповска
Виолета Чаповска

Инаку, во пресрет на отворањето на изложбата Пенушлиски и со појаснување дека повеќето од петнаесетте уметници чии дела влегоа во конкуренција за наградата ма 18. Зимски салон на ДЛУМ „го истражуваат гревот во контекст на христијанската традиција и дефиниција“.

„Појавувањето на толку дела што се бават со непослушноста како грев, наспроти непослушноста како доблест, не беше неочекувано. Денес, гревот е секси и гревот е во мода. Но, самиот број на такви дела, како и нивната разнообразност, покажува колку гревот е сеприсутен во модерното општество и колку денес дефиницијата за тоа што е грев е флексибилна. „Грев, ни против кого, ни против што. Туку само према самиот себе“, појаснува селекторот.

Тој и со дополна дека на почетокот со објавувањето на темата дал сугестија повеќе уметници заедно да работат на темата, но дека тоа го сториле само Вана Урошевиќ и Зоран Тодоровиќ во нивната инсталација „Простор за бегство или преобразба“. Згора на тоа сугерирал дека сака да види серија од дела, максимум четири, кои ќе обработуваат една иста тема или ист момент и ќе прикажат како се стигнало до таму и такви имало неколку од пријавените 15 дела и конечно побарал уметниците да дадат краток текст во кој ќе понудат сопствено видување како еден вид водич за гледачите, посетителите на „Зимски салон“.

„Јас во изборот се водев од еден и единствен критериум – квалитетот на делата, а имаше доста уметници и дела кои се пријавија за учество на „Зимски салон“. Некои од нив отпаднаа затоа што не се држеа за рокот за пријавување на делата, некои затоа што не ги задоволија пропозициите и не одговараа на темата што беше зададена и највеќе поради квалитетот. Знаете ни на Пикасо, ни на Рембрант не им се сите дела на исто ниво – некои се врвни, некои подобри а други полоши. Овие 16 уметници мислам дека се најдобри и правеа една органска целина со која јас можев да работам и да ја поставам изложбата како што мислев – органски да тече“, вели д-р Кирил Пенушлиски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG