Достапни линкови

Собранието дефакторизирано


Седница на Собранието.
Седница на Собранието.

Собранието го изгуби престижот што треба да го има, а тоа во голема мера се должи на некои практики од минатото кои ја девалвираат пратеничката позиција, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Пратениците ако сакаат да им се верува, мора да работат и да дадат решенија, вака се разбира ќе им се смеат, вели поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов.

Заглавени закони, блокирани комисиски расправи, партиски препукувања за речиси сите важни прашања кои ги разгледува Собранието. Во ваква атмосфера се одвива работата во законодавниот дом, кој години назад како да изгуби од контролниот механизам врз извршната власт.

Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов вели дека Собранието е исклучително важен орган и мора да функционира. Причината зошто сега Парламентот е доведен во ваква ситуација треба да се бара кај политичките раководителите, вели тој.

„Неодговорен однос на пратениците. Тие се тие кои создаваат атмосфера, ако сакаат да им се верува, мора да работат, да дадат продукција, да дадат решенија, вака се разбира ќе им се смеат. Ние сме на пат кон ЕУ, на нас за таму ни треба одговорен однос од сите фактори во државата. Собранието мора да има углед, ако нема углед Собранието, тогаш нема ни државата, државата така е несериозна, така не може“, вели Андов за РСЕ.

По колективниот одмор летоска, Собранието не работеше и за време на кампањата за локалните избори, а потоа се чекаше изборот на нова влада. Во меѓувреме, не се одржуваат пратенички прашања, односно на новиот владин состав им се оставаат 100 дена во кои тие не мора да даваат отчет на пратениците. Ниту претходно одржувањето на пратенички прашања беше редовно. Но пратениците, од друга страна, сложно гласаа против предлогот да се укинат апанажите за функционери, откако ќе им престане мандатот.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања-Скопје вели дека во земјава Собранието е во подредена улога во однос на извршната власт.

„Веќе е изгубен оној престиж и релевантност што самото Собрание треба да го има во однос на носењето одлуки. Собранието е сведено на гласачка машина во однос на извршната власт“, вели Божиновски.

Причината за тоа ја гледа во некои практики од минатото кои, како што вели, ја девалвираат пратеничката позиција.

„Самата купопродажба на пратеници која беше многу изразена во претходниот состав, кога осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа за Преспанскиот договор. Целиот тој карневал што настана во Собранието само се продолжи. Еве сега кога требаше да има гласање за недоверба на Владата, не може ти како пратеник да излезеш и да кажеш дека ќе гласаш за недоверба, а потоа да те снема. Со самиот тој однос на неколку пратеници дополнително се девалвира самата улога на Собранието“, вели Божиновски.

Во минатото во неколку наврати блокадите во Собранието и заглавените закони се решаваа на лидерски средби, а потоа пратениците само го изгласуваа она што ќе го договорија лидерите.

Во моментот Собранието не може да избере уставни судии, па Уставниот суд работи со пет од вкупно потребните девет судии. Постапката е почната од средината на минатата година, но поради опструирање на работата на Комисијата за избори и именување предлозите за уставни судии не може да добијат зелено светло, информираат од Собранието.

Законот за дивоградби е заглавен во собраниска процедура, рече неодамна министерот за транспорт Благој Бочварски.

Пратениците во Собранието не може да се договорат ниту за измените на Законот за наставници и за пензиите.

На средината на февруари во Собранието не помина Декларацијата за Гоце Делчев поднесена од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од опозицијата облечени во маички со ликот на Гоце Делчев бараа да се гласа, но нивните колеги од власта не присуствуваа на расправата. На тоа му претходеше тензична расправа во Комисијата за надворешни работи. Тие блокираа и други комисиски расправи, со барање првин да се разгледува декларацијата, на крај пратениците од власта гласаа против предлогот на ВМРО-ДПМНЕ

Пратениците од власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат дека другите се виновни за блокирање на Собранието.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќање во македонскиот Парламент пред една недела порача дека Собранието мора да биде функционално, блокадите да се надминат а власта и опозицијата повеќе да соработуваат.

„Вие мора да придонесете да се засилат демократијата и владеењето на правото во државата. Потребно е веднаш да го ревидирате Изборниот законик, да не се злоупотребува европското знаменце и да има помала употреба на закони по скратена постапка. Парламентот мора да ја засили својата улога и да има конструктивен дијалог меѓу партиите. Соработка мора да има“, изјави Гир.

Извештајот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје за набљудувањето на квалитетот на Собранието за втората половина на минатата година (јули-декември 2021) покажува дека има пад на квалитетот на дискусијата во споредба со првата половина од годината. На скала од 1 до 10 квалитетот на собраниската дебата е оценет со 5,4.
Понатаму се додава и дека контролната улога на Собранието останала во втор план. Во посочениот период имало само една седница на пратенички прашања, а не се одржала ниту една надзорна седница.

„Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 52 проценти од нивните излагања немаа аргументи, додека во 41 отсто слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7 отсто од дискусијата“, се наведува во извештајот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG