Достапни линкови

Нова корпоративна даночна реформа за зголемен прилив од директните даноци


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Македонија е доминантно зависна од даноците од ДДВ-то и акцизите. Новата даночна реформа, која ја прифатија над 100 земји, вклучува пофер оданочување на големите компании и ќе овозможи повеќе прилив во македонскиот Буџет од директните даноци, велат експерти.

Повеќето од нациите во светот потпишаа историски договор за да обезбедат пофер оданочување на корпорациите. 136 земји, вклучително Македонија, се согласија да воведат даночна стапка за големите компании од најмалку 15 отсто, како и поправеден систем на оданочување на добивката која ја остваруваат.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) десетина години ги водеше разговорите за минималната даночна стапка, а со договорот се очекува да се добијат дополнителни 150 милијарди долари годишно од даноци, со цел зајакување на економиите во справувањето со ковид кризата.

Новото оданочување ќе започне во 2023 година. Со реформата се очекува приходите во земјите во развој да бидат поголеми од оние во понапредните економии, се вели во соопштението на ОЕЦД.

„Сега мора да работиме брзо и вредно за да обезбедиме ефективна имплементација на оваа голема реформа “, рече генералниот секретар на ОЕЦД Матијас Хуберт Пол Корман.

Македонското Министерство за финансии соопшти дека реформата ќе овозможи остварување на повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилни компании, вклучително и високо дигитализираните комапнии.

„Со глобалниот минимален данок ќе се стави крај на даночните раеви и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

Академик Абдулменаф Беџети за Радио Слободна Европа вели дека на новата стратегија за даночна реформа во земјава се работи во инклузивен процес и консултации со меѓународни институции како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, како и со компаниите во земјата. Беџети додава дека реформата ќе обезбеди повеќе прилив во Буџетот од директните даноци.

„Многумина мислат дека даночниот терет во земјава е многу висок. Но, ако споредиме колку тој учествува во Бруто-домашниот производ (БДП), ќе видиме дека бројката изнесува 32 проценти. За разлика од нас, во Европа тој учествува околу 44 - 45 отсто од БДП“, вели Беџети.

Беџети додава дека овие бројки покажуваат дека даночниот систем на Македонија не е многу оптеретен, но посочува дека според структурата на тоа кои даноци се оптеретени, се гледа дека државата е предоминантно зависна од индиректните даноци, односно даноците на потрошувачка: ДДВ-то и акцизите.

„Во Европа е обратно, доминантен прилив во буџетите се директните даноци - персоналниот данок на доход, корпоративните даноци, данокот на добивка, данокот на имот и според тоа ние треба да почнеме со реформи и во таа смисла веќе е започната и донесена таа стратегија и ние ќе треба да започнеме со некакви интервенции во делот на корпоративните даноци“, вели Беџети.

Новата даночна реформа се состои во два столба, велат од Министерството за финансии. Со првиот столб се очекува реалоцирање на профитот од повеќе од 125 милијарди долари од 100-те најголеми и најпрофитабилни мултинационални корпорации во земјите ширум светот, со што ќе се обезбеди овие корпорации да го платат својот фер удел на данокот каде и да работат и генерираат профит.

Со вториот столб, се воведува глобална минимална стапка на корпоративен данок од 15 проценти, со што се проценува дека на глобално ниво ќе се остварат околу 150 милијарди долари нови приходи годишно, наведуваат од Министерството за финансии.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG