Достапни линкови

Владини реклами некогаш беа медиумска корупција, а сега кампања од јавен интерес


Македонија - Владата најави укинување на забраната за владино рекламирање во приватни медиуми, новинарските и медиумски здруженија сметаат дека тоа е ризик за независноста на медиумите.
Македонија - Владата најави укинување на забраната за владино рекламирање во приватни медиуми, новинарските и медиумски здруженија сметаат дека тоа е ризик за независноста на медиумите.

Укинувањето на забраната за владиното рекламирање во приватните медиуми не е решение за исклучително тешката економска ситуација во која тие се наоѓаат, сметаат еснафските новинарски и медиумски организации. Последиците од тоа се познати - создавање на мрежа корумпирани медиуми

Владејачката СДСМ додека беше во опозиција рекламирањето со јавни средства во приватни медиуми го нарекуваше медиумска корупција, а сега најавува укинување на забраната за владино рекламирање преку менување на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Иако владата на СДСМ беше таа што го забрани рекламирањето со јавни средства во приватните медиуми, сега нејзионот став е дека новите законски измени се потребни за државните институции да можат да реализираат јавни кампањи од „исклучителен јавен интерес“ на теми од „витално значење“ за граѓаните и државата, како на пример вакцинација, антикорупција, справување со дезинформации и т.н.

Но, новинарските и медиумски организации укажуваат дека оваа практика на откупување простор во медиумите од страна на јавни установи за кампањи може да ја поткопа независноста на медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување.

Познати последици од корумпирани медиуми

Директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) Билјана Петковска вели дека според искуството од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, познати се последиците од „создавањето на мрежа на корумпирани медиуми коишто сервилно и служат на власта“, која за тоа таа им возвраќа со пари за реклами.

„На тоа јасно предупредуваме како на потенцијална опасност, бидејќи би било илузорно истите грешки како држава постојано да ги повторуваме. Мора да се најдат други механизми за решавање на исклучително тешката економска состојба во која се наоѓаат медиумите“, вели Петковска во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Освен поткопувањето на медиумската независност, еснафските организации (ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ) сметаат дека враќањето на владиното рекламирање може и сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој, како што наведуваат, веќе е под влијание од јавните средства кои медиумите ги добиваат од платената политичка програма (ППР) согласно Изборниот закон.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски за РСЕ вели дека ако повторно се дозволи јавните кампањи да се плаќаат со државни пари, тоа ќе биде ризик, не само за независноста на медиумите, туку и за правото на слобода на изразување.

„Ние се надеваме дека нема да дојде до промена на законот, но ќе оставиме да видиме во наредниот период на кој начин тоа би се комуницирало од страна на владините институции. Бидејќи еден ваков закон во најмала рака треба да подлежи на транспарентна постапка во која ќе има дебата, за евентуално ако се изнајдат некакви решенија. Но, ние во овој момент сметаме дека такво нешто не е добро за јавниот интерес и за независноста на медиумите“, вели Чадиковски.

Медиумите во катастрофална состојба

Медиумите се наоѓаат во катастрофална состојба, вели директорката на МИМ Петковска, но посочува дека за тоа еснафските медиумски и новинарски организации подолго време предлагаат решенија. Еден од предлозите е да биде формиран Фонд за медиуми кон кој пристап би имале сите медиуми кои ќе можат да понудат добра идеја и да добијат средства за да создадат квалитетна содржина.

Исто така, вели Петковска, предложено е да се намалат даноците за медиумите, со што нивните трошоци ќе бидат намалени и со тоа да се подобри нивната економска состојба.

„Меѓутоа ништо од тоа не е реализирано, ниту пак има некакви најави нешто да се реализира. Пред година и пол поранешниот премиер Зоран Заев најави дека Владата сериозно разгледува да се иницира тој Фонд за медиуми, но повторно нема никакви најави за тоа да се случи“, вели Петковска.

Локалните медиуми пред затворање

Таа додава дека како организации се свесни за состојбата во медиумите, за која вели дека е „катастрофална“: Особено е лоша состојбата во локалните и регионалните медиуми кои се пред затворање, бидејќи локално условите за генерирање средства на комерцијална основа се речиси невозможни, вели Петковска.

Но, сепак таа смета дека решението не е во укинувањето на членот 102 за локалните и регионални медиуми да ги наплаќаат услугите за проследување на соопштенија од локалните власти.

„Тоа е несериозно за дискусија. Потребни се стратешки поставени, одржливи решенија за економски опастанок на медиумската сфера“, вели Петковска.

СДСМ во времето кога беше опозициска партија го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за контрола врз медиумите преку парите од државното рекламирање.

Реформите во медиумите и нивно ослободување од секаков политички притисок беше приоритет уште од 2015 година, кога и во извештајот на Прибе за итните реформски приоритети беше наведено дека треба да ги спроведе новата влада.

Извештајот го изработи група експерти предводена од Германецот Рајнхард Прибе ангажирани од Европската комисија. Во извештајот беше наведено дека медиумите треба да се дистанцираат од партиски политики и да не бидат во служба на политичарите и партиите, а дека купувањето на политичка поддршка во медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG