Достапни линкови

Дали партиските превирања ќе ја погодат Владата?


Премиерот Димитар Ковачевски на средба со коалиционите партнери. Архивска фотографија.
Премиерот Димитар Ковачевски на средба со коалиционите партнери. Архивска фотографија.

Отвореното писмото на 20 функционери на ДУИ ја откри конфронтацијата во партијата. Но освен ДУИ незадоволство на дел од членството има и во другите две најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Аналитичарите гледаат опасност за владејачкото мнозинство, а на долг рок и нова политичка реалност.

Отворено незадоволство речиси истовремено изрази дел од членството на ДУИ, а помали фракции се најавуваат и во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Внатрешно партиски превирања не се новина на политичката сцена, но колку тоа ќе донесе промени во позициите на најголемите три политички партии во земјава. Од СДСМ велат дека владината коалиција со ДУИ е стабилна, а од ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека ја имаат поддршката од граѓаните.

Викендов околу дваесетина истакнати членови на ДУИ, поранешни и сегашни функционери во писмо до партискиот лидер Али Ахмети се жалат дека во последниве две години партиските органи не се активни, одлучувањето станало индивидуална сопственост и дека не се веќе добро организирана и структурирана партија. Одговорен за состојбите, според нив, е првиот вицепремиер Артан Груби.

Не е новина ова што се случува во ДУИ, но сега барањето за реформирање може да се одрази не само во самата партија, туку и во целата Влада, вели Сефер Селими од Демокраси лаб.

„Имаме кревко мнозинство кое што зависи од мал број на пратеници. Однесувањето на челниците на овие политички партии ќе ја детерминираат и судбината на Владата. Ако претседателите или раководството на овие политички партии се однесуваат арогантно некој од пратениците сигурно ќе им откажат лојалност и се може да се очекува“, смета Селими.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи за информациите дека била предложена негова смена од функцијата за да се стави крај на кавгите во ДУИ рече дека се работи за лажна вест и шпекулации кои не заслужуваат коментар. Според него, во ДУИ секој има право да го каже својот став, при што посочи дека, Ахмети и партијата се фактор на стабилност веќе 20 години и гарант на евроатлантскиот курс на земјата.

„ДУИ е стабилна политичка структура во која што имало бројни осцилации, внатрешни и од надвор кон внатре, и ги има надминато без никакви последици по однос на стабилноста на партијата и на државата, така да апсолутно не очекуваме никаков понатамошен развој на случувањата. Во ДУИ последниот збор е на Ахмети, кој вчера го кажа последниот збор и тука завршуваат сите дебати“, рече Османи.

На писмото до Ахмети се потпишани се пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменикот министер за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, како и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Незадоволство од кадровската политика во ДУИ на два пати имаше и претходно, но не резултираа со промени. Единствено Меџити во март минатата година се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, поради несогласувањата во партијата.

Ахмети изјави дека ДУИ може да функционира без кој било поединец затоа што има стабилни структури и дека ќе се работи на менаџирање на ситуацијата.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска истакна дека парламентарното мнозинство е стабилно.

„Тоа се внатрепартиски работи, се изјасни вчера претседателот на партијата, јас не би го коментирала. Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетската криза, како и на скрининг процесот кој веќе тече, вели Кузеска.

Фракции во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ?

Политичка фракција формирана од членови на ВМРО-ДПМНЕ неодамна побара оставка од лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, со цел, како што соопштија, да се отвори патот за неопходните демократски промени во партијата. Од опозициската партија реагираа дека иницијативата е безнадежна и беззначајна. ВМРО-ДПМНЕ се соочи и со прекинување на коалицијата со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска поради тендерот за Пречистителна станица.

Во меѓувреме градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на кој СДСМ на последните локални избори му откажа „љубов“, отворено ја кажа својата идна цел која е спротивна на интересите на владејачката партија чиј член беше тој. Тој најави дека во другите градови ќе се формираат иницијативи по теркот на иницијативата „За наше Куманово“ кои потоа заедно ќе формираат граѓанско здружение кое ќе настапи на следните парламентарни избори.

„Тоа сега ќе им задава главоболки на новото политичко раководство на СДСМ кое што се уште ја нема стекнато или консолидирано целосно власта во самата политичката партија откако поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев даде оставка“, вели Селими за амбициите на Димитриевски.

Од СДСМ засега нема реакција за плановите на Димитриевски кој порача дека новото граѓанско здружение ќе биде во функција на граѓаните, во ниту еден случај на политичките партии, а најмалку на поединци. Засега Димитриевски и нанесе штета на СДСМ со тоа што на локалните избори го победи противкандидатот на владејачката партија за градоначалник на Куманово.

Не функционира внатрепартиска демократија

Се работи за внатрепартиски битки кои што датираат од поодамна, но сега заради актуелната политичка констелација и политичките процеси кои се одвиваат во моментот извираат на површина, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Според него, се помалку е важна идеологијата на партиите.

„Во иднина може да се очекуваат овие фракции да поттикнат чудни прегрупирања или коалиции кои потоа би резултирале со нова политичка реалност кај нас. Особено после наредните парламентарни избори, било да се тие редовни или предвремени. Овие групи и фракции исклучиво се водат од политичката прагма и политичките интереси за да ги реализираат нивните цели. Така што ваквите превирања внатре во политичките партии може да доведат до ослабнување на истите и појавување на нови политички сили или пак на засилување на политичките партии кои до вчера биле маргинални политички фактори“, вели Незири.

Селими додава дека сето ова што се случува е јасен показател дека внатре партиската демократија не функционира или во најмала рака од неа не се задоволни дел од членовите.







  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG