Достапни линкови

Ќупева - Психолозите први треба да го препознаат булингот во училиштата


Проф. Тамара Ќупева
Проф. Тамара Ќупева

Учениците и младите се соочени со бројни предизвиците што ги носи дигиталното време, вели професор Тамара Ќупева, научен соработник при Институтот за македонска литература. Булингот е меѓу главните проблеми за кои вели прво треба да биде препознаен во околината на жртвите, особено од училишните психолози.

Професорке Ќупева, македонските власти по случувањата во Србија, размислуваат за ограничувања на социјалните медиуми. Дали тоа е вистинското решение или проблемот е во вредносниот систем?

Проблемот, се разбира, е многу комплексен. Дали тоа е решение? Апсолутно не. За оние кои работат или работеле со млади луѓе, јасно е дека тоа нема да донесе некаков исход, од аспект на тоа што неколку земји досега се обидуваат, особено кога станува збор за „ТикТок“, да воведат некакви забрани, меѓутоа тие забрани се од друга природа. Тоа е забрана за користење на таа апликација на службените телефони и исклучиво од аспект на заштита на личните податоци за кои се сомнева дека протекуваат преку таа апликација. Но кога зборуваме за децата, особено за основците и средношколците, потребни се други механизми коишто ќе го подготват детето за негова комуникација со јавноста и со околината во тој виртуелен простор.

Во време на интернет, светот е глобално село, особено за младите. Требаше ли да не изненади тоа што често го гледаме на телевизија како пукање во училишта, а сега се случи и во соседството?

Во нашата земја, ако се сеќавате, имаше случен случај по тежина, беше тоа „Јавна соба“, во кој случај во една затворена група се најдоа фотографии од деца, средношколки, кои беа жртва таму и на споделување на тие материјали, на експлицитни материјали, на порнографија, и тоа всушност го запали првиот аларм дека во тие зони, во тој свет, навистина нешто се случува што е надвор од контролата на системот и најмногу и пред сè на родителите. И тоа како да беше вовед во она што сега го слушаме. Дека ова не изненади, секако не изненади, од аспект на тежината, бидејќи во историјата на овие простори немало случај од ваков тип и од ваква тежина со толку многу предизвици кои сега се постапуваат пред нас, како што се случи ова во Србија. Но од она што го гледаме деновиве е дека прилично се подигна нивото, алармот, свесноста на родителите, дека нешто навистина треба да се направи првенствено дома.

По случувањата во Србија, само за неколку дена до електронските адреси на Министерството за образование пристигнаа првите поплаки за врсничко насилство. Дали има соодветен одговор на „булингот“ генерално од системот?

За да има одговор од системот, првенствено булингот треба да биде препознаен од оние коишто се во непосредната околина на жртвата на булингот. Разликата меѓу овој тип на насилство на социјалните мрежи и онлајн и она на што претходно бевме навикнати е апсолутно различна. Овој тип на насилство е прилично невидлив, бидејќи единката што е жртва многу често сама се обидува да се справи состојбата и ситуацијата во којашто е, и многу ретко оние кои се сведоци на тоа почнуваат да реагираат на начин на којшто треба да реагираат.

Јасно е дека првиот сервис треба да бидат Психолошките служби во училиштата, но секако треба да се има предвид и големината на училиштето и капацитетите на тие служби. Постојат училишта со над 1200-1300 ученици, а само еден психолог во училиштето и навистина тој механизам на скрининг, на мониторинг, на реакција е прилично отежнат. Во училишта со помал број ученици, психологот заедно со наставниот кадар треба да детектираат. Она што најчесто се случува е дека деца кои се сведоци на таков вид на насилство да ги испратат првите знаци дека нешто се случува со некое дете во одделението, во класот. Жртвата обично последна или дури тогаш кога веќе нема да има механизми да се справи со тоа реагира кај блиските, дома, другарчињата и потоа да се обрати со Службата.

Дали е решение забрана за мобилни телефони во училиштата, каде би се користеле исклучително школски компјутери со ограничени содржини на интернет?

Постојат во неколку училишта такви акции кои се покажуваат позитивни од аспект на фокусто на учениците на наставата, часовите и на она што се работи. Со телефонот во рака, ученикот постојано добива нотификации, постојано неговиот телефон вибрира и постојано има дистракции од она што се случува во училиште и со тоа го намалува неговиот интерес за активно учество во наставата. Се разбира дека забранта може да донесе позитивен ефект, затоа што е потребна и физчка социјализација и вербална интеракција меѓу учениците. Можеби проблемот е во училишта каде што немаат техничка инфраструктура и каде што кога се потребни компјутери за работа или истражувања на некои теми, тогаш можеби е неопходно да ги имаат телефоните. Но, сметам дека треба да се направи некаков лимит на тоа колку вслушност во наставата се потребни телефоните, затоа што сведоци сме дека на часовите и наставата, тоа е намалено внимание и дефокус.


Професорке, гледаме сè повеќе млади и деца кои зборуваат на англиски, како дигитализацијата и интернетот влијаат на писменоста? Колку се писмени младите?

Младите се последица на времето во кое живеат. Тие едноставно не го одбрале оваа време, вклучени се во онлајн светот многу рано, англискиот јазик им е прв јазик, во смисла на тоа дека на социјалните мрежи директно слушаат разни јутјубери, следат различни серијали, некакви семејства кои како поминуваат секојдневно низ настани, па им го опишуваат својот ден, инт.

Нема ништо лошо во тоа што децата знаат англиски од мали нозе, но проблемот е што тоа им се рефлектира на основната комуникација на нивниот мајчин јазик. И се разбира тоа се забележува и во нивното пишување, во начинот на изразување, тие користат артикулација на гласови која е идентична со англискиот, но не и со македонскиот јазик, им недостасуваат зборови во лексиката кога зборуваат, па не можат да се сетат на основни зборови, како и каде да се стават во јазичната низа. Така што се разбира дека тоа има ефект врз нивната писменост, но нема да кажам дека младите се неписмени, тоа апсолутно е многу лоша и крајно непотребна идентификација.

Младите си имаат потенцијал кој треба да се развива, а во однос на писменоста и јазикот, тоа се прави системски и она што сега сме сведоци со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, можеби навистина ќе бидат повеќе во контакт со еден чист, фин, граматички дотеран јазик.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG