Достапни линкови

Ќе стави ли новиот закон за работни односи, крај на злоупотребите со прекувремената работа?


илустрација, работник во фабрика

Прекувремените работни часови или не се плаќаат или пак се прераспределуваат во другиот месец, се жалат работници. Од ССМ предлагаат укинување на контролниот период, за прекувремената работа, прераспределба на работното време и неделен одмор, бидејќи се злоупотребува од страна на работодавачите.

Сè уште не е постигнат консензус околу траењето на договорите за вработување на определено време, за тоа како да се контролира прекувремената работа и за злоупотребите на прераспределбата на работното време, велат од Сојузот на Синдикати откако претставниците на работниците, работодавачите и Владата, повторно седнаа на маса за да го изработат нов закон за работни односи.
Оттаму додаваат дека така како што сега се уредени некои од законските одредби не се во согласност со европските закони.

Неплаќањето на прекувремените работни часови е честа појава во македонскиот систем. Иако бројот на такви злоупотреби е голем, работниците тешко се одлучуваат да зборуваат за нив во јавноста. Вработена во една приватна фирма ни раскажа дека секоја недела одбработува по 4 часа прекувремена работа, но дека нејзиниот газда не и го плаќа прекувременото работење.

„Веќе 20 години работам во фирмата. Порано изработував многу повеќе од законски пропишаните работни часови, но за тоа никогаш не добив бонус плата како што пропишува законот. Во последната година немам толку многу прекувремени часови, но сепак имам. И пак наместо да ми се платат, истите ми се прераспределуваат, односно следниот месец или добивам слободен ден или можам да си заминам од работа неколку часа порано. Мене сепак повеќе ми значи да ми се плати трудот, отколку да добијам слободен ден тогаш кога мојот газда смета дека треба, а не кога мене ми е потребен,“ вели нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.

Една од главните забелешки на ССМ се однесува токму на прекувремената работа за која и тие потврдуваат дека постојано се злоупотребува од работодавачите. Тие велат дека истата мора соодветно да се плати, но дека дека системот за контрола на работно време е во рацете на работодавачите и на таков начин им се дозволува на компании во кои се работи прекувремено, работниците да не добиваат пари за тоа.

„Ние сметаме дека не треба повеќе да има контролен период, зборуваме за период од три месеци, бидејќи тука се прекршуваше правото луѓето да си добијат надоместок за прекувремената работа. Се случуваше на пример некои работници во фабриките да работат многу повеќе часови од дозволеното, за на крајот на месецот газдите тоа да го „испеглаат“ и на таој начин да ја запазат рамката од дозволените прекувремени часови за тромесечие, а луѓето не добија додаток на платата од 135 посто работен час за прекувремена работа. Ние сега бараме секоја работа која е регистрирана како прекувремена да не може да биде прераспределена, туку секој прекувремен час да се пријави и за него работникот да добие надомест, а не за вишокот прекувремена работа да добие некој принуден одмор“, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Тој додава дека сите анализи покажуваат дека контролните периоди претставуваат услов за злоупотреба на работничките права и дерогирање на законските одредби во голем обем, со што се доведува во прашање функционирањето на законот и правната сигурност. Од друга страна тој вели дека не треба да се претерува со прекувремените работни часови дури и кога тие се платени, зошто работниците се преморени и тоа директно им се одразува на нивното здравје.

„Во такви случаи луѓето во трудоинтензивните дејности се толку изморени што 90 посто од случаите на повреди и смртни случаи се баш во тие часови, кога се енормно исцрпени особено во летниот период. Јас разбирам дека временските услови тогаш дозволуваат да имаме интензивна работа на терен, но тоа не значи дека треба да се работи по 18 часа дневно, а после да одмараме во зимскиот период“, вели Пешевски.

Покрај оваа забелешка, од ССМ бараат промена на сегашната регулатива со која се дозволува работа на определено време дури 5 години. Тие бараат тоа да биде максимум една година. Притисокот на работодавачите е во новиот закон за работни односи, рокот за работа на определено време да биде 3 години.

„Во една година дефинитивно работодавачот може да оцени дали тој работник му одговара односно дали се работи за работни задачи од траен карактер за кои треба задолжително да се склучи Договор за вработување на неопределено време“, посочува Слободан Трендафилов од ССМ кој учествува во работната група за изработка на законот.

Колку за потсетување, работата на определено време, беше најмногу злоупотребувана за време на ковид кризата кога работодавачите масовно не продолжуваа договори на определено време и така без никаква одговорност ги отпуштаа оние што со години работеле во фирмата.

Синдикалците се надеваат дека ќе се прифатат и нивните барања за породилно отсуство од 12 месеци, понатаму 38 часовна работна недела, недела ден на неделен одмор (право кое со синдикална активност на ССМ веќе е остварено и обезбедено за работниците од страна на ССМ), потоа доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и колективниот договор, целосно остварување на правото на годишен одмор со овозможување на право на годишен одмор и над 26 односно 29 работни денови, унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите и друго.

Од Министерството за труд и социјална политика пак уверуваат дека новиот закон ќе биде усогласен со меѓународните стандарди и ќе ја потенцира важноста на социјалниот дијалог.

„Во подготовката на новиот закон за работни односи, ќе учествуваат сите чинители во општеството, претставници на работниците, работодавачите, Меѓународната организација на трудот, експерти од областа на трудот. Низ отворен дијалог со социјалните партнери, ќе се работи на законско решение кое истовремено ќе обезбеди поголема заштита и унапредување на работничките права, а од кое решение треба да бидат задоволни и работниците и работодавачите“, информираат од МТСП.

Со поддршка на Меѓународната организација на труд се интензивираа активностите на работната група и во текот на месецот истата ќе се состане неколку пати за усогласување на ставотивите и изготвување на конечен предлог тект на Законот за работните односи. Министерството за труд и социјална политика очекува нацрт-верзијата да биде готова пред започнувањето на годишните одмори. Од ССМ пак не се толку оптимистични. Тие се надеваат на договор кој ќе биде преточен во закон до крајот на годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG