Достапни линкови

Ако нема јавен притисок има „јавни соби“


Протестен марш за поддршка на жртвите на „Јавна соба“ во Скопје на 3 февруари
Протестен марш за поддршка на жртвите на „Јавна соба“ во Скопје на 3 февруари

Под притисок на јавноста полицијата отвори истрага за случајот „Јавна соба“ и уапси четири лица. Потребни се законски измени за поголема заштита од сексуално вознемирување на интернет, но законите и сега нудат заштита, само треба да се спроведат, велат жртвите.

Не се проблем само законските недоречености, туку и немањето волја и знаење од полицијата и обвинителството да постапуваат и да ги заштитат жртвите на случаите на сексуално вознемирување, реагираа невладините организации за случајот „Јавна соба“. Тие се жалат дека власта реагира само под притисок на јавноста. Власта се жали на несоработка од страна на компанијата Телеграм и на законски недоречености, обвинителството сè уште води предистражна постапка за ланскиот случај.

Откако случајот „Јавна соба“ пред десетина дена излезе во јавноста, полицијата соопшти дека уапсила четири лица, им одзела телефони и компјутери кои се вештачат и оти се работи на идентификација на членовите на групата, но оти компанијата Телеграм не соработува.

Јавна соба е група на интернет платформата Телеграм, каде што неколкуте илјади членови споделувале експлицитни фотографии и видео снимки од жени и девојки од Македонија. Во групата се споделувале и контакти од девојките, по што луѓе им се јавувале и сексуално ги вознемирувале. Сличен случај имаше и лани, но никој не беше казнет.

Една од жртвите на Јавна соба излезе со јавно сведочење дека пријавила во полиција, но ѝ кажале дека штом не е малолетна не можат ништо да направат. Претседателот Стево Пендаровски пред неколку дена побара расчистување на случајот, нагласувајќи дека „насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон“.

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека доколку некој од засегнатите се обрати до нив ќе отворат постапка.

„Не постои доволна правна рамка, регулатива, пропис, со која се уредуваат овие прашања. И оттука не случајно и Министерството за правда најави дека ќе следи можеби измена на Кривичниот законик каде што треба да се санкционира ова прашање. Тоа е едно. Второ, мора да се најде еден баланс помеѓу она што е право и слободна на граѓаните за електронска комуникација, но во исто време и заштита на права и слободните на граѓаните, кога од тоа постапување и електронска комуникација може да бидат загрозени тие права“, вели Зибери во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Министерот за правда Бојан Маричиќ најави измени на Кривичниот законик со кои ќе се вметнат делата „демнење“ и „полово вознемирување“ за поголема заштита на жртвите.

Неколку стотици жени пред два дена одржаа протестен марш во Скопје на кој побараа целосно расчистување на случајот и казнување на одговорните за злоупотреба на лични податоци и фотографии.

Тие порачаа дека „Јавна соба е кривично дело“ и оти „непостапувањето е соучество“. Една од жртвите на групата била и адвокатката Марта Гусар, чиј телефонски број бил споделен како контакт за „дискретни средби“, по што почнала да добива телефонски повици. Иако се потребни законски измени, таа вели дека законот и сега нуди заштита.

„Точно е дека системот е таков, точно е дека органите коишто треба да ги штитат жртвите во дадениот момент не направија заштита, но не направија заштита зашто и самите тие не знаат како да постапат, тука е најголемиот проблем. Едукација на секое ниво треба да има за да се знае како да се постапи. Затоа што ако јас сум неука странка и ако отидам да пријавам во полиција, а не знам кое кривично дело е, полицијата, односно надлежниот орган е тој којшто треба да ме упати“, вели таа.

Гусар – Полицијата не ги заштити жртвите од „Јавна соба“ од незнаење
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00
Директен линк

Групата „Јавна соба“, која во моментов е затворена по интервенција на МВР, се појави лани и во неа беа споделувани приватни фотографии и лични податоци од девојки од Македонија. Тогаш имаше реакција од надлежните институции, но случајот остана во предистражна постапка цела година. Групата повторно се актуелизираше пред десетина дена со нови злоупотреби.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG