Достапни линкови

Јавноста треба да ги гледа општинските Совети, ама овластено


Гласање во Совет на Општина Карпош/Илустративна фотографија

Независните советници од Општина Карпош ја критикуваат забраната за вршење пренос во живо од седниците на советот, до моментот додека општината не обезбеди систем за снимање. Правниците пак велат дека седниците на советите се јавни, и јавноста треба да има увид што се случува на нив. 

По општите заложби за поголема транспарентност на локалните совети, а откако без пречки во живо на Фејсбук ја пренесуваа првата седница на Општина Карпош, независните советници беа затечени од забраната за снимање седници, изгласана од нивните колеги советници.

Како што појаснува Невена Георгиевска, независна советничка од иницијативата „Независни за Карпош - За заштита на Карпош“, забраната за снимање дошла непосредно по носењето одлука самата општина да креира правна рамка и да обезбеди спецификација за пренесување на седниците. Сепак, потенцира, процесот може да се оддолжи, па нејасно и е зошто во меѓувреме им се забранува преносот да го прават советниците.

„Првата седница ја пренесувавме во живо, меѓутоа на втората седница бев многу изненадена и шокирана во однос на тоа што истите тие кои се заложуваа за јавна транспарентност и следење на седниците, побараа да не се снимаат неовластено. Односно дека не ми дозволуваат јас да ги снимам, иако им беше сугерирано дека не мора да стои апаратот кај мене, може да стои кај нив, ако се сомневаат во тоа што и како сликам, да биде фокусиран само на говорницата“, вели Георгиевска.

Сепак, советникот од СДСМ, Владимир Бислимовски, кој ја предложи забраната за неовластено снимање на седниците на Општина Карпош до конечно усвојување на одлуката за пренос во живо, пред советниците образложи дека тоа го сторил, како што вели, поради невкусните коментари по социјалните мрежи.

„Прочитајте ги коментарите да видите што се зборува. Мислам дека сето ова мора да биде во рамки. Ќе се снима, жителите на Карпош ќе не гледаат, и ќе слушаат, меѓутоа не вака. Рамка законска, којашто ќе биде испочитувана“, истакна Бислимовски кој ја доби поддршката од 16 советници, наспроти седуммина кои гласаа против забраната.

Пренесувањето на седниците во живо се споменува како една од важните заложби кон кои треба да се стремат советите во насока на нивна поголема транспарентност. Или како што појаснува Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, јавноста не смее да биде исклучена од работата на општинските совети бидејќи тие функционираат на локално ниво по сличен принцип како што тоа го прави парламентот на ниво на држава.

„Имајки ги во предвид техничките можности коишто сега ги имаме, не постои никаква законска пречка седниците, нивното одвивање да биде стримувано, да биде во живо пренесувано јавно. Тоа е во согласност со духот на она што го предвидува Законот на локална самоуправа и добрата практика на секое претставничко тело во било која либерална демократија“, вели Коцевски.

Со цел да се избегнат недоразбирања тој им препорачува на советите да донесат правни акти за уредување на овој процес. Меѓутоа, дециден е дека нема никакво кршење законот доколку од јавната општинска седница се прави видео пренос во живо, се додека фокусот е ставен на говорниците, а не на тоа што се случува на паузите или на маргините на седниците.

„Легитимно е да се постави прашањето за заштитата на личните податоци, во контекст на забраната за стримање и легитимен е донекаде аргументот дека ако се дозволи на секој да снима, може да се наруши редот на самата седница. Меѓутоа тоа не може да биде изговор. Сите аргументи коишто можеби можат да бидат истакнати против јавно објавување и јавно пренесување на седниците на советот можат многу лесно да бидат анулирани, да не постојат никакви ризици, доколку секако декларативната заложба на советите и на единиците на локална власт се ефектуира во суштинска транспарентност и отчетност“, додава Коцевски.

Снимањето на седниците советите се споменува во препораките на индексот на отвореност на единиците на локална самоуправа што го мери Фондацијата Метаморфозис. Гоце Арсовски, кој е инволвиран од самиот почеток на мерењата, забележува дека помал дел од општините се оние кои континуирано работат на подобрување на својата транспарентност и отвореност. Еден од трендовите кои ги забележале е дека поголемите промени се случуваат при промена на власта.

„Добар дел од општините со промената на власта обично ретерираат чекор два, да се изразам благо во однос на нивната транспарентност. Тука како проблем би го додал, институционалната меморија и редовната смена на клучни кадри кои чекаат институционална пракса на објавување информации, податоци, документи кои добар дел се нели законски наложени, меѓутоа и како добри практики постојат. Сето тоа испарува на некој начин после локални избори какви што имавме сега“, вели Арсовски.

Во однос на видео преносот од општинските седниците тој потсетува и на правилниците на ЗЕЛС каде стои дека општините треба да ја практикуваат оваа можност. Сепак укажува дека видео преносот од седниците не смее да се злоупотребува од поединци, во лични или партиски цели, тука пренесувањето на седницата мора да биде од информативен карактер.

Дел од општините како Крива Паланка или Велес веќе ја прифатија оваа пракса на редовно пренесување на седниците во јавност. На нив од неодамна им се придружи и Градот Скопје, каде повеќе од три години траеше процесот на набавка и поставување систем за пренос на седниците. Независната советничка Гергиевска, сега е загрижена дека истото може да се случи и во нејзината општина.

Од друга страна, иако Законот за лoкална самоуправа мошне јасно предвидува дека седниците на советите се јавни, јавноста може да биде исклучена од следење одредена седница или точка на дневен ред. Но, како што појаснуваат правниците, се работи за ретки случаи кои се одредени со општинските статути, но само ако тоа е изгласано со дво-третинско мнозинство. Оваа можност не постои доколку на седницата се расправа за буџетот на општината, годишната сметка или за урбанистички планови.

Јасмина Јакимова

XS
SM
MD
LG