Достапни линкови

Можат ли независните советници да прераснат во трета политичка сила?


Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021
Локални избори во Македонија, 17 октомври 2021

Во многу општини на овие локални избори влегоа советници од независни граѓански иницијативи, како и од помали партии, и покрај обидите за нивна опструкција. Аналитичарите велат дека „шарените“ општински совети ќе го разбијат монополот на големите партии и дека ќе ја зголемат транспарентноста на локалните власти.

Со речиси 65 илјади гласови добиени за општинските совети во 40 општини, граѓански активисти добија политичка моќ со големина на партијата Левица која освои речиси 67 илјади гласови на советничките листи во 38 општини и Град Скопје.

И покрај здружените обиди за опструкција на независните од политичките партии со обидот за измени на изборниот законик за подигнување на прагот за потписи за кандидатура, како и одлуката на ДИК да не им го пишува името на иницијативата на гласачкото ливче, туку да бидат наведени само како група избирачи, на овие локални избори учествуваа 67 независни листи со кандидати за советници во половина од македонските општини.

Во првиот круг од локалните избори се избрани сите Совети на општините, но ДИК се уште не излезе со конечни податоци колку советнички места освоиле независните кандидати и малите партии. Комисија ги соопшти резултатите само за Советот на Град Скопје.

Според досега објавените податоци, во Советот на град Скопје влегуваат 4 советника на Левица со освоени 20 илјади гласа, 2 на коалицијата ЛДП/ДОМ и 2 советника на Зелен хуман град со освоени 9 илјади гласа.

Во скопските општински совети седнаа неколку претставници од еколошките фронтови како на пример во скопски Карпош – За заштита на Карпош со двајца советници, потоа тројца во скопски Центар од иницијативата Шанса за Центар.

Независните советници зазедоа десетици општински столчиња во Советите со што се разби партиската обоеност во многу општински згради. Еко-активисти, архитекти, универзитетски професори беа дел од понудата на граѓанскиот сектор кој се обиде да се вклучи во донесувањето одлуки на локалната власт.

Вкупниот број на гласови укажува на незадоволство на граѓаните од досегашната политичка структура во локалната власт, вели Александар Цветкоски од АГТИС.
„Ова е позитивен тренд што влегоа во советите, барем се надевам дека така почнува. Но, мислам дека не го одразува доволно незадоволството на граѓаните од политичките партии. Мислам дека е поголемо граѓанското незадоволство, иако е ова позитивен момент и мислам дека е шанса да прераснат во поголема трета сила“, вели тој.

Во тетовскиот совет најверојатно ќе седнат и двајца советници од „Подобро за Тетово“ иницирано од здружението „Да ја спасиме Шапка“, додека „СТИГА Е!“ - фронт против рудникот на смртта, во општините Струмица, Босилово и Ново Село ќе има по еден претставник во трите општини. Најмногу независни листи за советници имаше во Кавадарци, Македонски Брод, Македонска каменица, Могила и Охрид по 3. На битолската „Поинаку“ ѝ припаднаа три советнички места со освоените 4331 гласа.

Најмногу гласови од независните советнички листи освои „Наше Куманово“, предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Листата, поддржана од независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, освои 10.267 гласови во Куманово.

Дел од советниците кои доаѓаат од независните листи како кумановската или таа во Дебарца се поранешни членови на партија кои поради незадоволство во партијата се одлучиле сами да се вклучат во локалната трка.


Според првичните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР, водечките парламентарни партии имаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампања, вклучително и во медиумите.

„Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета, презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава.

Што ќе значи независен општински советник во локалната власт ?

Според Цветкоски, влезот на независните советници ќе донесе поголема транспарентност на општините и ќе ја избистрат сликата што политичките партии во јавноста ја сведуваат на тоа дека едните работат по закон, а другите кочат и обвинуваат за криминал.

„ДУП-овите се рак рана, во самите ДУП-ови е спакуван целиот градежен криминал на политичките партии зад кој се разбира дека тие стојат, значи тие моќни кругови кои се секогаш поврзани со политичките партии за тој главен криминал кој се прави во општините. Тие ќе имаат некакво влијание на нив, посебно при алармирање на граѓаните да погледнат што е под житото. Во оние фази на преговори граѓаните се неинформирани дека се носи одреден ДУП и одредени промени и затоа не реагираат кога се јавните расправи“, вели Цветковски.

Според него, овие советници кои доаѓаат од независните листи ќе имаат шанса и ќе можат да ги земат граѓаните како сојузници во ставање брани на евентуални криминални изградби.

Според последните податоци на ДИК за неважечки ливчиња за советнички листи на ниво на држава се прогласени 56 567 ливчиња.
Ова се седми локални избори кои се одржуваат во земјава по прогласување на независноста. Првиот круг се одржа на 17 октомври, а вториот круг ќе се одржи на 31 октомври.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG