Достапни линкови

Јавна тајна меѓу младите: „Се крати на ужинка, да се има за дрога“


Илустрација - Кокаин

Кои дроги се актуелни меѓу младите и од каде наоѓаат пари за да ги набават? Каков е притисокот од врсниците, загриженоста на родителите и статистиката на МВР? На овие теми разговаравме со деца, родители и институции.

Средношколец од скопска гимназија вели дека многу негови врсници користат марихуана „за добро утро“, а некои од нив, веќе истражуваат цела палета на психоактивни супстанци.

„Како што е се развива технологијата така и сè друго, па и нелегално произведување и продавање на илегални супстанци, односно дрога. Нормално е дека ако има поголемо производство, колку и да е нелегално и колку и да се бори законот против тоа, со тек на време ќе стане подостапно. Факт е дека сега марихуаната може да се добие на секој чекор и дека е многу честа дрога меѓу тинејџерите. А по журки многу тинејџери користат „ексери” односно екстази, „спид” или поточно кажано амфетамин, како и кокаин. За некои млади марихуаната улично кажано е глупава и безбедна дрога и е најчеста меѓу тинејџерите, па на некој начин за нив тоа е нормално и не е ништо чудно. Но, забележувам дека со тек на време сè повеќе се користат посериозни дроги меѓу младоте кои веројатно во иднина ќе се употребуваат уште повеќе“, вели анонимниот средношколец за РСЕ.

Од каде пари?

„Многу од младите кои користат дроги ги штедат парите кои родителите им ги дале за ужинка и излегување, за да можат да купат дрога, а некои кои што се да кажеме побогати земаат скришно пари од нивните родители“, вели средношколецот.

Притисок од врсниците

Психоактивните супстанци не се актуелни само на журките, во дискотеките, кафулињата или на затскриените клупи во парковите, туку и во училишните дворови, вели студентка во прва година на УКИМ, за РСЕ. Сеќавајќи се на средношколските денови, таа се сеќава и на чувството на отфрленост од дел од врсниците, кога одбивала да проба марихуана, бидејќи, како што вели таа, „непишано правило“ меѓу соучениците било дека „не си кул, ако немаш пробано“.

„Додека учев во средно училиште, често на голем одмор позади училиштето дел од учениците делеа еден џоинт, и ако не земеш дим се однесуваа како да не си кул, како да си бубалица и тоа да е лоша работа, затоа што не сакаш да пушиш марихуана. Ми беше непријатно и се повлеков затоа што бев осудувана и исмејувана затоа што не сакав да пробам да како е да се биде „хај“. Им се случуваше на час да влезат „напушен“и и така да си го поминат денот“, изјави анонимната студентка за РСЕ.

Загриженост кај родителите

„Мојата ќерка која учи во средно училиште, неодамна дома ми раскажа ситуација во која нејзина другарка од класот продавала антидепресиви на други деца од училиштето и дека со парите таа тврдела дека си купува „Екстази“. Навистина не можам да тврдам дека ова е целосно точно, сепак тоа се деца кои можеби преувеличуваат, но кога ќерката ми го раскажа тоа бев вознемирена за тоа со кого таа се дружи и во какви неволји би можела да западне“, изјави мајка на средношколка од скопска гимназија, за РСЕ.

Колку се консумира?

За време на Истражувањето на младинските трендови спроведено во периодот јануари-април 2022 год., „Агенција за млади и спорт“ праша 1200 млади на возраст од 15-29 години - дали консумирале психоактивни супстанци во изминатите триесет дена? 81, 4 отсто од анкетираните рекле дека не консумирале психоактивни супстанци во последните 30 дена, а 10,4 % дале потврден одговор на ова прашање.


Бројките покажуваат дека најголем дел од младите кои консумирале психоактивни супстанци во изминатите триесет дена се на возраст од 15-19 години.


Зошто се консумира?

На прашањето зошто младите почнуваат да консумираат алкохол, цигари и психоактивни супстанци (дрога), 38.8% од младите кои биле дел од истражувањето на АМС, ја навеле љубопитноста како главен фактор. 28.6%. го посочуваат незадоволството од сопствениот живот. За 23.5% тоа е притисокот од околината, а 7.1% од младите изјавиле дека не знаат, односно немаат одговор.

„Желбата да се проба нешто ново што е различно од она што го познаваме е
веројатно она што ги тера младите да почнат. Денешните генерации имаат
пристап до содржини, како серијата „Еуфорија“ која ги глорифицира ваквите
појави и за млади луѓе, тоа е едноставно кул и интересно", споделил 26-годишниот Александар.

„Многу млади денес имаат премногу слободно време во кое не се
посветени на никакво хоби или физичка активност. Тоа комбинирано со
притисокот од околината прави не само да пробаат, туку и да продолжат да
земаат психоактивни супстанци", изјавила 28-годишната Дијана.

„Љубопитноста е клучен фактор за многу одлуки во животот на младите,
особено во нивните средношколски денови, па така и во однос на оваа
опасна појава", истакнала 16-годишната Бисера.

Колку млади престапници се „фатени“ на дело?

„По однос на проблематика со недозволената трговија со дрога, во текот на минатата, 2021 година, според податоците на министерството биле регистрирани вкупно 28 кривични дела каде што сторители биле триесет и едно дете. Односно 27 кривични дела – “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ сторени од 29 сторители – деца и едно кривично дело – “овозможување на употреба наркотични дроги“, сторено од двајца сторители – деца“, велат од Одделот за односи со јавноста и стратешки прашања при Министерството за внатрешни работи, за РСЕ.

Каква казна за прекршокот ќе добијат сторителите, понатаму зависи од проценката на Обвинителството и од Судот.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG