Достапни линкови

Искричења пред средбата на историчарите


Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија
Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Копретседателите на македонско-бугарска комисија за историски прашања Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев со сосема различни позиции по интервјуто на премиерот Зоран Заев. Утре и задутре комисијата треба да ја одржи 11-та средба.

На ден пред дводневната онлајн средбата на Заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања копретседавачите од двете страни, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев си разменија не многу оптимистични пораки. Професорот Ѓоргиев во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, бугарскиот копретседавачот Ангел Димитров.

Тој рече дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската повикувајќи се на интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое ,според Димитров, има „нов поглед кон минатото“. Бугарскиот историчар кажаното од премиер го доведува во релација со ставовите на македонските историчари.

„Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо", вели Ѓоргиев.

Димитров за Бугарската национална телевиција рече дека било тешко да се работи со колегите од земјава, забележувајќи дека зборовите на премиерот Зоран Заев кој влеале надеж дека има нов поглед кон минатото наишле на сериозна критика дури и од членовите на комисијата.

"Бугарската позиција е единствена, таа е политички монолитна. Прашањето е што ќе се случи таму со тоа разминување меѓу кажаното на политичко ниво и таа игра на самостојност која што се обидуваат да ја демонстрираат нашите колеги", рече Димитров.

Неоптимистички најави и за комисијата

Тој ставовите на колегите ги толкува како сигнал дека ги очекува доста напрегната работа која нема да донесе многу резултати.

„Решавањето на проблемите зависи од политичарите, но и од историчарите. Не може колегите од Република Северна Македонија да чекаат нова ситуација во државата, нова поставка, за да направат чекор кон нова посамокритична интерпретација на минатото“ вели Димитров.

Ѓорѓиев пак, вели дека во пресрет на средбата очекува дека членовите на Комисијата ќе се однесуваат професионално и академски.

„Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата тоа секако нема да придонесе кон реализација на нашите заеднички цели. Далеку е покорисно да дадеме личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да даваме еднострани политички толкувања и лични желби. Очекуваме плоден дијалог ослободен од политички притисоци и политички агенди со цел да придонесеме во градење на заемно пријателство", вели Ѓоргиев.

Инаку, ова е единаесетта средба и прва по интервјуто на премиерот Заев за бугарската агенција БГНЕС во која тој зборуваше за историските прашања. Заев рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Членови на комисијата веќе реагираа за изјавата на Заев

По интервјуто реагираа членовите на комисијата од македонска страна. Љубица Спасковска, како член на македонскиот дел од Комисијата, наведе дека лично се оградува и ги осудува последните изјави на премиерот, а слично реагираше и членот Огнен Вангелов. Историчарот Ванчо Ѓоргиев, пак, како член на комисијата наведе дека ова е минирање и поткопување на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата. Според него, интервјуто е навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност.

И неговиот колега од комисијата Александар Литовски рече дека политичките изјави во контекст на историските прашања многу често се ненаучни, невтемелени врз изворите и во контекстот на историското време. Историчарот Петар Тодоров пак кажа дека на ниту еден начин историјата не треба да биде политичка алатка, дека секоја изјава која ќе биде во насока на охрабрување за да се надминат проблемите наследени од минатото се добредојдени, а секоја изјава која ќе ги оживее старите и ќе создаде нови проблеми во односите помеѓу државите и народите може само негативно да се одрази на работата на Комисијата. Инаку комисијата има вкупно 14 члена, по седум од двете држави.

Што треба да разговара комисијата?

На оваа средба која ќе се одржи утре и задутре онлајн поради пандемијата со коронавирусот тема треба да бидат револуционерот Гоце Делчев, евентуалното негово заедничко чествување и македонските учебници за перидот среден век и ран османлиски период. Претходно, комисијата ги помина бугарските учебници за тој период.

Последната средба, пак, се одржа на 15 и 16 октомври во Скопје и тогаш немаше големи поместувања во работата односно беше постигнат мал напредок за македонските учебниците, но не и за досегашната покомплицирана тема - револуционерот Делчев.

Во меѓувреме, откако Бугарија и официјално забележа дека Договорот за добрососедство се крши и поради тоа што комисијата работела бавно министерот за надворешни работи Бујар Османи одговори дека таа не работи бавно земајќи предвид други такви комисии кои работеле со години.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG