Достапни линкови

Што ќе разгледуваат Османи и Дендиас?


Грција- грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас и неговиот македонски колега Бујар Османи по средбата во Атина, 14.01.2021
Грција- грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас и неговиот македонски колега Бујар Османи по средбата во Атина, 14.01.2021

Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека неговиот грчки колега Никос Дендиас ќе дојде во Скопје и ќе направат евалуација на спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор. Што од договорот стар повеќе од три години е раелизирано, а што не?

Македонија официјално стана Република Северна Македонија, а Грција ја крена блокадата на македонското членство во НАТО, го ратификуваше протоколот и повеќе од година и пол државава е членка на северноатланската алијанса.
Накратко, ова е делот познат во пошироката јавност за тоа што е исполнето од Договорот од Преспа потпишан на 17 јуни 2018 година со кој се стави крај на повеќедеценскиот спор за името меѓу Скопје и Атина поради кој јужниот сосед од 2008 година го блокираше членството на земјава во НАТО.
Повеќе од три години по неговото потпишување во Скопје е најавено дека до крајот на месецов ќе допатува грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас. Тој заедно со македонскиот колега Бујар Османи ќе разгледуваат што од 19 страници договор е спроведено или не е.

Што не е спроведено?

На втори април 2019 година тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев се сретнаа во владата во Скопје. Министрите од двете земји потпишаа три меморандуми за интензивирање на билатералната соработка кои произлегуваа од Договорот од Преспа. Летото истата година се смени власта во Грција, па премиер стана Кирјакос Мицотакис од Нова демократија, партија која кога беше опозиција жестоко се противеше на договорот од Преспа.

Меморандумите од 2019 година, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор, се уште не се ратификувани од грчка страна.
Сега опозициската Сириза на Ципрас неодамна ја повика владата на Мицотакис да го стори тоа што е можно поскоро, но засега нема никаква најава.
Голем број македонски туристи кои патуваат во Грција забележуваат дека не е исполнета уште една грчка обврска- промена на патните табли, на кои според Договорот од Преспа треба да пишува Република Северна Македонија, но се уште на патоказите кон македонската граница пишува Скопиа.

Сега останува нејасно и често предизвикува бранувања во јавноста употребата на Република Северна Македонија од ентитети кои не се државни. Последно во јавноста излегоа негодувањата од грчка страна за името на Фудбалската федерација на Македонија, која одби да го стави епитетот северна во своето име. Во договорот со кој се реши проблемот за името се наведува дека придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни мора да биде согласно официјалното име, а истото треба да го направат и приватните ентитети кои добиваат пари од државата за активности надвор од државата.

Подоцна премиерот Зоран Заев рече дека ФФМ примила државни пари во јануари и дека затоа мора да ја додаде придавката северна, но организацијата се уште не го стори тоа. Нејасно е што се случува и со имињата на партиите на пример Социјал демократски сојуз на Македонија кои земаат пари од државата, а се уште го немаат уставното име во својот назив.

Што е спроведено?

Македонската страна, пак, ги замени знаците на кои пишуваше Република Македонија, на спомениците на кои се претставени херои кои како што е наведено во Договорот „упатуваат на античката елинска историја и цивилизација“ постави табли со појаснувања, пристапи кон остранување на симболот со сонцето од Вергина, како што се предвидува во истиот текст.
Во тек е промена на личните документи со уставното име, процес кој според договорот треба да се заврши до 2024 година.

Во однос на обврските на Грција се предвидува таа да не приговара на барањата за членство или членството на земјава под името Република Северна Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и
институции, во кои членуваат. Досега, јавно официјална Атина се нема спротиставено на напредокот на земјава во унијата или пак на членството во други организации.

Обврска, пак, која брзо ја завршија двете страни е подигнување на канцелариите за врски во Скопје и Атина, кои беа на тоа ниво од независноста на земјава поради спорот за името, во амбасади.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG