Достапни линкови

Граѓаните да не одат по личните карти, да чекаат известување од МВР


Скопје- Беко, управна служба на Министерството за внатрешни работи

Личните карти кои повеќе 40 000 граѓани поради законски пречки ги чекаа два месеца денеска не може да ги подигнат на некои пунктови оти не се стигнати. Од МВР велат граѓаните да не одат сами, туку да чекаат известување од нив.

Од утре продолжува печатењето и издавањето лични карти, соопшти македонската влада во петокот, а од понеделник граѓаните ќе може да си ги подигнат документите. Но, иако вакви се официјалните најави денеска на еден од скопските пунктови за издавање на лични документи- Беко, одговорот беше дека не може да се подигнат личните карти.

Во празните простории во полициската станица на екипата на Радио Слободна Европа и беше објаснето дека личните карти очекуваат да ги добијат во среда по пошта. Проверивме и по телефон во истиот пункт на Управните служби во МВР. „Не се готови, не се уште стигнати кај нас“ беше одговорот кој го добивме и во телефонскиот разговор.

Побаравме одговор и официјално од Министерството за внатрешни работи. Од таму велат дека граѓаните не треба да одат сами да си ги подигнат личните карти туку да чекаат известување од Министерството за внатрешни работи. За тоа кој кога ќе добие лична карта, од министерството велат дека зависело од тоа кога аплицирал.

Одлуката објавена во Службен весник

Над 41 000 граѓани на кои им се истечени личните документи со месеци не може да ги земат, затоа што во Собранието е заглавен законот ,според кој, личните документи треба да се издаваат со уставното име, а Министерството за внатрешни работи веќе го смени софтверот, па не можеше да издава лични документи според стариот закон со Република Македонија.
Законот го блокира опозицијата, најмногу партијата „Левица“ која поднесе над 1500 амандмани. Со измените се предвидува покрај уставното име во личните карти да има и графа за етничката припадност, што за оваа партија е неприфатливо.

Владата во петокот донесе одлука тоа да го регулира со подзаконски акт, со што како што беше најавено се откочува процесот на издавање на лични карти.

Издавањето на личните документи со Република Северна Македонија е обврска од Договорот од Преспа кој Скопје и Атина го потпишаа на 17 јуни 2018 година. Во него се наведува дека „важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба“.

Преспанскиот договор влезе во сила на 12 февруари 2019 година, што би значело дека личните документи треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.

Во меѓувреме, дел од тие над 40 000 граѓани кои останаа без лични карти се соочија со проблеми во секојдневниот живот. Сузана Салиу, заменик народен правобранител во изјава за Радио Слободна Европа рече дека секојдневно добиваат преставки од граѓани кои се жалат дека им се нарушени основните човекови права.

Директен линк

„Не се јавуваат само граѓаните што имаат проблем туку и членови од нивните фамилии што велат, на пример дека на татко му единствен извор на средства за егзистенција му е пензијата.. овој проблем стана повеќе димензионален и создава повеќе последици “, вели Салиу која нагласува дека имаат преставки и од граѓани корисници на социјална помош.

Партиите во меѓусебна кавга

И додека граѓаните се соочуваат со вакви проблеми партиите меѓусебно се обвинуваат.

„СДСМ не дозволи граѓаните да не можат да функционираат нормално заради блокадите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ на Законот за лични карти. СДСМ го поздравува проактивниот пристап на институциите и изнаоѓањето законски предвидено решение за издавање на лични карти за граѓаните на Република Северна Македонија “, наведуваат од СДСМ обвинувајќи ја опозицијата за проблемот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски,пак, вели со носењето на подзаконска уредба се кршат законите и дека не е првпат власта да го прави тоа.

„И да ги предупредам сите кои што работат во Министерство за внатрешни работи и од други институции да бидат внимателни, за многу поситни работи луѓе се по судови сега, така што за вака крупна работа ќе одговараат“ истакна Николоски.

Од Левица, пак, тврдат дека неиздавањето на личните карти е директна вина на владеачките СДСМ и Беса кои ,како што наведуваат, спротивно на европската пракса насилнички сакаат да ја внесат етничката припадност во јавните документи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG