Достапни линкови

Што се крие зад нападот во хотелот Александар Палас?


Полицијата трага по одговорните за вооружениот напад во хотелот Александар Палас кој се случи изминатиот викенд. Во меѓувреме, јавното обвинителство соопшти дека не се знае нивниот идентитет. Но, според упатените, полицијата не го открива за да не и наштети на истрагата.

Од МВР и натаму не откриваат ништо, освен првичните информации за вооружениот напад во хотелот Александар Палас изминатиот викенд. Тројца маскирани лица со автоматско оружје пукале кон пет мажи кои седеле во ресторанот на хотелот. Возилото со кое напаѓачите избегале било запалено и пронајдено во близина на селото Арачиново, а во него полицијата пронашла и две автоматски пушки „калашников“.

Основното јавно обвинителство соопштувајќи за друг инцидент кој се случил во истиот хотел неколку часа претходно всушност информираше дека полицијата се уште не утврдила кои се сторителите на вооружениот напад.

„Од страна на Министерството за внатрешни работи се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица“, беше наведено во соопштението на обвинителството.

Во јавноста се појавија информации дека причината за нападот е пазарот со наркотици. Тоа го тврди и поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Се работи за групи кои се поврзани со нарко бизнисот кадешто имаат меѓусебни убивања и крвна одмазда и итн. Тоа е доста комплициран, сложен терен кадешто се присутни Грчец, Арачиново и други банди. За мене е важно дали МВР ќе опстои докрај да биде принципиелно и да не штити никого во тие случувања. Важно е МВР да има изграден, правилен однос према сите и тука да не се меша политиката оти дел од тие што се вклучени се врзани со партиите. Значи клучно е да не ги штити никој тие, ни партија, ни функционери, ни бизнисмени. МВР да го остават да си ја работи работата и ќе има резултат“, вели Трајнов.

Тој смета дека полицијата го знае идентитетот на напаѓачите и нивните мотиви.

„Сигурно е дека МВР го знае идентитетот и на напаѓачите и на тие кон кои е пукано. Веројатно се работи за некој посложена операција околу апсење. Проценката сега е ако ги објават имињата по кого трагаат тогаш логично е дека може да направат штета на оперативната акција“, додава Трајанов.

Лицата кои беа приведени пред некој ден, според обвинителството, биле поврзани со друг инцидент кој се случил во хотелот. Тројца се приведени, а едно лице е во бегство за загрозување на безбедноста на полициски службеници. Тие седеле во хотелот Александар Палас, а кога полициските службеници се обиделе да ги легитимираат им упатиле закани по живот. Обвинителството од судот побарало и мерки на претпазливост за приведените.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG