Достапни линкови

Што повеќе корисници, поевтино парно греење


Илустрација: Парно греење
Илустрација: Парно греење

Со измените во Законот за градба ќе се предвиди секоја нова зграда што ќе се изгради, до којашто има инфраструктура, да мора да се приклучи да ценрално греење. Со тоа ќе се зголеми бројот на корисници на парно, ќе се намали загадувањето и ќе падне цената на греењето, велат упатените.

Што повеќе домаќинства се приклучени на парно, загадувањето на воздухот ќе се намалува, а цената на греењето ќе паѓа, посочуваат експертите. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски уште минатата година најави дека предложиле измени во Законот за градба, со кои секоја нова зграда што ќе добие дозвола за градба во подрачје каде што има топловодна мрежа, да мора да биде поврзано на парно.

Во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме в недела, Бислимоски вели дека Министерството за транспорт и врски работи на измените на законот.

„Таму каде што има можност за топлинска енергија и каде што постои инфраструктура, донесена е цевка за приклучување на системот за топлинска енергија, тие згради ќе мора да се приклучуваат на овој систем и да ја користат топлинската енергија, бидејќи на тој начин ќе имаме многу поголем број на потрошувачи коишто користат топлинска енергија и со тоа цената на топлинската енергија ќе се намалува. Значи, целта е да се рационализира потрошувачката“, вели Бислимоски.

Професор Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност вели дека e докажано дека централното греење овозможува најголема удобност за корисниците и го намалува загадувањето. Греењето на струја можеби не загадува во Скопје, но загадува во Битола каде што се произведува струјата.

„Имате загревање на цел стан, рамномерна топлинска енергија и нема опасност од пожар, загадување, пепел или да се грижите за купување дрва. Тоа влијае на смалување на загадувањето, што е многу битен елемент. Со зголемување на корисниците, јасно е дека секогаш постои можност да се смали цената на таа услуга, зашто е истиот персонал, системот е тој“, вели Димитров.

Со сличен став е и Невена Смилевска од невладината организација Еко-свест.

„Сите градби кои можат е пожелно и потребно да бидат поврзани на централно греење, затоа што централното греење е извор на емисии кои полесно се контролираат, на едно место се, и ја намалува потребата од греење со други извори на енергија“, вели таа.

Во Скопје во моментов околу една третина од домаќинствата, односно околу 55 илјади се приклучени на парно. Во изминативе години многу нови згради што се изградија не се приклучени на централно греење.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG