Достапни линкови

Штајнмаер: За патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор


Германскиот и македонскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер и Стево Пендаровски
Германскиот и македонскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер и Стево Пендаровски

Германскиот претседател, Штајнмаер порача дека Македонија е пред важна одлука дали со уставните измени ќе продолжи кон членство во ЕУ. Ако преговорите се ЕУ не се базирани на историја тогаш ќе завршат во рекордно време, смета Пендаровски. Двајцата претседатели се воздржаа од прогноза дали Северна Македонија ќе влезе во ЕУ до 2030.

Усвојување на уставните измени и реафирмација на поддршката на Германија за патот на Северна Македонија кон ЕУ е клучната порака која германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ја донесе во Скопје. Ова е прва посета на германски претседател на Северна Македонија по 15 година, но Штајнамер смета дека дошол во вистинско време кога земјата постигнала значителен напредок со одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Но потребен е следниот голем чекор.

„Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области како на пример економската политика или владеење на правото“, рече Штајнмаер.

Тој додаде дека е свесен оти Северна Македонија на патот кон ЕУ имала потешкотии и дека довербата на луѓето во ЕУ била оптоварена со договорот од Преспа, кој бил импресивен пример дека може да бидат надминати долгогодишни разлики ако постои политичка волја од двете страни. Штајнмаер ја поздрави и како што ја нарече прагматичната подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи со Бугарија и притоа посочи дека е убеден оти тој став на крајот ќе се исплати.

Истото го повтори и во неговиот говор во Собранието.

„Мојата молба е – не ја губете долгогодишната цел, тоа што е стремеж 17 години, пристапувањето кон ЕУ. Сигурен сум – за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор“, рече Штајнмаер.

Но, за уставните промени потребно е двотретинско мнозинство па претседателот Стево Пендаровски и се обрати на опозицијата. Смета дека ако е вистина она што опозицијата го декларира дека содржината на предлогот за внесување на Бугарите во Преамбулата не е спорна и ако навистина ги поддржуваат европските интеграции тогаш треба да проработи и свеста кај нив и да гласаат за уставни промени, бидејќи утре тие ќе бидат на власт и истото ќе го бараат од тогашната опозиција.

„Зошто тоа не би го завршиле сега. Ако сите се согласуваме 30 години наназад дека имаме апсолутен консензус за членството во ЕУ, претходно во НАТО не сум чул поинаков став зборувам за најголемата опозициона партија мислам дека треба да го завршиме тоа час поскоро. Во интерес е на државата и народот. Не е битно кој е на власт“, изјави Пендаровски.

Германскиот претседател Штајнмаер признава дека пристапниот процес на Северна Македонија е оптоварен со посебни услови, а и во минатото бил поврзан со многу историски прашања и се бавел со нив.

„Всушност кога зборуваме за пристап кон ЕУ всушност зборуваме за сегашноста и за заедничката иднина во Европа така што би сакал само да советувам дека акцентот да биде поставен во тој правец, а не кон минатото и да се бараат нови пречки“, додаде Штајнмаер.

Прашањата поврзани со историјата која досега беше главна пречка за наоѓање решение поради инсистирањето на Софија дека македонскиот народ не постоел до 1944 година, ги разговара заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања, која е формирана во 2018 година.

Барањето на Бугарија за внесување на бугарската етничка заедница во македонскиот Устав произлезе од тврдењето на бугарските политичари дека во Македонија живеат над 100 илјади Бугари и беше побарано да имаат еднакви права со сите етнички заедници наведени во Преамбулата.

За време на дводневната посета на Скопје, шефот на германската држава нема посебна средба со лидерот на опозицијата, но објасни дека ќе се сретне со пратеници од различни политички партии. Во однос на временската рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ, ниту Штајнмаер, ниту Пендаровски не прогнозираа кога тоа би се случило. Шајнмаер посочи дека посакува да се случи што побрзо и да нема нови пречки, а реформите да се движат со брзина која што е потребна. Но, додаде дека никој не може да вети дека тоа ќе се случи во 2030 година.

За Претседателот Пендаровски земјата е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ и дека е убеден оти преговорите би ги завршиле во рекордно време. Според него, точно е дека анкетите во последните 18 месеци покажуваат пад за поддршката за членство во ЕУ и иако и македонските политичари имаат одговорност, главната вина, според него, е во Брисел.

„Не можете да им објасните на македонските граѓаните зошто 17 години од различни причини ЕУ го одложува почетокот на преговорите. Ако во тие преговори кои би биле започнати, ние не сме добри, не сме ефективни тогаш би можеле да ја лоцираме одговорноста предоминантно на наша страна. Но, ми се чини дека ако вратата вистина се отвори широко за целиот регион ќе видите подобри резултати и во поддршката на нашите граѓани за интегративниот процес“, рече претседателот Пендаровски.

Шефот на германската држава Штајнмајер во контекст на случувањата во регионот рече дека ЕУ има итен интерес за нормализација на односите меѓу Косово и Србија .

„Се радувам затоа што германско – францускиот предлог сега постигна успех и се прифаќа“, кажа Штајнмаер.

Според него, тоа би можело да ги охрабри засегнатите страни и да продолжат да соработуваат на ова поле.

Германскиот претседател Шајнмаер од Скопје утре ќе замине во Тирана со истата порака дека Западниот Балкан нема да остане заборавен.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG