Достапни линкови

Чади цела Преспа, некој мора да одговара


Пожар на Галичица
Пожар на Галичица

Пожарите во преспанскиот крај сè уште се активни. Дел од нив се во Националниот парк Галичица, а зафатен е и паркот за ретки птици Езерани. Која будала пали трска на ваков ветер, некој мора да одговара, велат пожарникарите. Тие се жалат дека непристапниот терен и старата и искрешена опрема им го отежнуваат гаснењето на пожарите.

Огнената стихија што ја зафати Преспа не е смирена, сè уште има два активни пожари во Националниот парк Галичица. Едниот е на потегот којшто жителите го нарекуваат Калето, каде што има остатоци од оружје од Првата светска војна над викенд населбата Сирхан, а вториот е во делот кај селото Перово. Командирот на одделение на противпожарната единици во Ресен, Сашо Божиновски, вели дека досега слушнале неколку помали експлозии од гранати за кои претпоставуваат дека се од Првата светска војна.

„Целата акција беше да се спасат викендичките, во тоа се успеа, во тој дел е локализиран, но утринава во неколку наврати слушнавме како пукаат гранати од Првата светска војна, теренот е многу тежок, се повлекоа луѓе, има експлозивни работи, во местото викано Калето сè уште има ровови кои се останати од војната, таму треба со авион да се гаси, така е најбезбедно“, вели Божиновски.

Тој се пожали дека работата на непристапниот терен на пожарникарите им ја отежнала и старата опрема со која располагаат.

„Катастрофа е. Утринава не ни запали едното возило, чекавме механичар да дојде за да излеземе на терен. По непристапниот терен ги докршивме возилата, немаме ни ракавици, рацете си ги погоревме. Сите се на работа викнати, дури и луѓе што беа на боледување се викнати на работа“, објаснува Божиновски.

Според податоците од датабазата на Центарот за граѓански комуникации, ресенската противпожарна единица располага со 6 возила од кои најстарото е произведено 1979 година, додека најновото е од 2013 година.

Пожарникарите претпоставуваат дека причината за настанувањето на пожарот е запалена трска, но додаваат дека не ја разбираат логиката и потребата да се запали трска.

„40 години работам и никогаш не било вака страшно. Чади цела Преспа. Која будала пали трска на ваков ветер, ма не смеат да палат оган на отворено, едноставно е некој мора да одговара за ова“, вели Божиновски.

Локалните жители стравуваат од силниот ветер и се во очекување на сериозна помош од соседните Битола и Охрид во справувањето со пожарот.

Тие велат дека сето тоа било страшно за гледање и дека поради непристапноста на теренот, тешко е да се локализираат. Дополнителен проблем прави и ветерот кој непрекинато дува на местата каде што се пожарите.

„Горе има надеж дека е делумно локализиран, барем од проверката што ја направивме, но можно е да се прошири. Морам да напоменам дека не е точно тоа што викаат властите дека сè е под контрола, затоа што целата ситуација е хаос. Утринава беше смирено и за неколку минути се распали повторно. Ние со лопати се обидуваме да не му дозволиме ширење на пожарот. Ја изгубивме битката за спас на шумата, само успеавме да ги спасиме куќите“, вели еден од жителите кои се обидуваат да им помогнат на службите во справувањето со пожарот.

Во меѓувреме поради зачестената појава на шумски пожари во последниов период на територијата на целата држава, со што е сериозно загрозен шумскиот фонд, „ЈП „Македонски шуми“ апелира шумите да се зачуваат од пожари. Директорот на претпријатието Зоран Ѓорѓиев изјави дека пожарите продолжуваат и добиваат загрижувачки замав, и покрај сите апели и предупредувања и учеството на голем број вработени од сите подружници на „Македонски шуми“ во гаснењето и локализирањето.

„Апелирам до неодговорните и несовесни граѓани да внимаваат на шумите како добро од општ интерес и сите работи кои се изведуваат во шума да ги работат совесно и со особено внимание. Пролетта е период на подготовки за пролетна сеидба со разни култури на нивите и полињата, при што најчесто на неадекватен начин се чистат нивите и палат отпадоците и стрништа. Упатувам апел до сите кои се движат и работат во шума, излетниците и сите посетители на шумата, да внимаваат кога работат со лесно запаллив материјал бидејќи е доволна само мала искра за да се потпали сувата трева и друга нискостеблеста вегетација“, истакнува Ѓорѓиев.

„Поради раширените шумски пожари, согласно со Законот за шумите од денеска се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00 до 24 часот. Забраната ќе трае сê до нејзино отповикување, Физички лица кои нема да ја почитуваат забраната и ќе бидат затекнати како се движат во шума и шумско земјиште, ќе бидат парично казнети од 1.500 до 2.000 евра“, е наведено во соопштението од министерство за земјоделство.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG