Достапни линкови

Цензурата ќе се казнува со затвор, но потребна е и дефиниција за цензура


илустрација
илустрација

Со најновите измени на Кривичниот законик се воведува затворска казна за цензура врз новинар. Од ЗНМ бараат допрецизирање на конкретниот член за да нема злоупотреби. Според адвокатот Филип Медарски потребна е законска дефиниција за цензура за да не биде оставено исклучиво на толкување на судиите.

Според најновите измени на Кривичниот законик, секој кој што ќе нареди или спроведува цензура или пак, на новинарот противправно ќе му ја одземе или ќе му ја ограничи слободата на известување, ќе биде казнет со затворска казна од шест месеци до пет години. Кога оваа верзија на законикот ќе биде усвоена во македонското Собрание, тоа ќе значи дека во иднина кога некому ќе му биде повредена слободата на мислење и изразување, тоа ќе биде кривично дело, а судот може да го осуди на затворска казна.

Истата казна треба да ја добие и оној што противправно ќе спречи да се печатат, продаваат или дистрибуираат списанија, весници или други печатени изданија или производство и емитување радио и телевизиски програми, програми на новински агенции или објавување медиумски содржини.

Од Здужението на новинари велат дека секој обид за унапредување на правата и слободите на медиумските работници е за поздравување, но додаваат дека е потребно допрецизирање на конкретниот член.

Претсeдателот на ЗНМ, Младен Чадиковски потсетува дека цензурата во Македонија е забранета со Устав и тоа е јасно пропишано во членот 16 од Уставот на РСМ, а досега секогаш Уставниот суд бил тој што одлучувал по одредени претставки за ова прашање.

„Сега кога ова ќе се стави во рамки на закон како што предлага Министерството за правда, тоа значи дека судиите ќе бидат тие кои ќе решаваат што е тоа цензура и како се спроведува. Знаеме дека во Македонија нема судска пракса за една ваква работа, ниту пак судската фела досега покажала преголемо разбирање во делот на овие медиумски прашања. Оттаму ќе биде потребно и значајно да се направи обид од страна на медиумската фела и новинарските здруженија да се дообјаснат формулациите во овој закон за да не се остави простор за прешироко толкување коешто може да ја доведе работата до апсурд,“ вели Чадиковски.

Она на што укажува новинарот Назим Рашиди пак е потребата од едукација за тоа што е цензура, што значи таа и зошто е забранета.

„Едукацијата е потребна за да не се оди подоцна во друга крајност, односно поради слободата на изразување да се направат други прекршоци, како што е на пример употреба на говор на омраза кон други. И мислам дека во иднина тука ќе се бие битката, многу од тие кои ќе го користат како преттекст законот против цензура да не се оди во крајност и да го користи како можност за употреба на говор на омраза. Тука гледам многу работа за целото општество, за експертите, за новинарите, да се објасни многу добро што значи едното, а што другото,“ вели Рашиди.

Тупанчески: Основниот граѓански суд Скопје и Апелација се невралгични точки
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:04 0:00

Според стручната фела измените во конкретниот закон се само операционализација на уставното начело за забрана на цензура. Тоа е добро, вели адвокатот Филип Медарски, бидејќи значи натамошна афирмација на слободата на изразување.

„Она што можеби фали е законска дефиниција за цензура и треба да се размисли дали во кривичниот законик треба да се воведе ваква дефиниција за тоа да не биде оставено исклучиво на толкување на судиите. Тоа значи дека судијата самиот ќе го толкува Законот и самиот ќе одлучува што е цензура и дали во конкретниот случај постои цензура или не. Со тоа можеби се остава преголем простор за дискреционо одлучување на судиите во тој дел“, вели Медарски.

Директен линк

Адвокатот Медарски кој во судниците застапувал многу новинари за различни дела, вели дека новинарите треба да бидат задоволни од ваквите измени кои, како што додава, ја гарантираат нивната слобода на изразување. За тоа дали пак овој член отвора можност за злоупотреби од страна на новинарите, Медарски со став:

„Затоа ќе треба да се изгради соодветна судска пракса и да се применат стандардите на судот во Стразбур. Значи, за да не се дозволи да не може соодветно уредникот или некој друг оправдано да интервенира во она што новинарот го изнесува, ќе треба Судот при примена на овие одредби да ја консултира праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за да може тие стандарди да бидат имплементирани преку примена на оваа одредба конкретно“, посочува Медарски.

Инаку во првиот став од предложениот член (193), кој пак се однесува на сите граѓани, пишува дека „тој што на друг ќе му одземе или ограничи некое право поради изразување на личен став, мислење или определба, освен ако се исполнети законските обележја на некое друго кривично дело, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Со оваа казна се предлага да се санкционира и тој што на друг ќе му ја одземе или ограничи слободата на говор или јавен настап, слободата на печатот или други средства за информирање или слободното основање установи за јавно информирање.

Во меѓувреме, уште само денеска, секој кој сака може да реагира и да ја искоментира последната верзија на Кривичниот законик која пак е објавена на ЕНЕР, (Единствен национален електронски регистер на прописи). Новиот предложен Кривичен законик кој е поголем од стариот и има 528 членови, по фазата коментирање на ЕНЕР оди во натамошна процедура. За да се изгласа новиот Кривичен законик потребни се 61 глас. Потоа, овој законик влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на Република Северна Македонија".

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG