Достапни линкови

Храната поскапува, граѓаните на „диета“


Маркет во Скопје
Маркет во Скопје

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните во јануари годинава трошеле помалку пари за храна, иако прехранбените производи се поскапени за над 5 отсто. Тоа значи дека се купуваат помалку производи.

Испразнети рафтови во големите маркети е сликата која го дочека ставањето во сила на новата владина одлука за ограничување на трговските маржи при продажба на основни прехранбени производи. Од денеска наместо замрзнати цени на храната се воведува нова мерка од која најзасегнати се трговците на големо и мало, како и производителите на храна кои што имаат своја дистрибутивна мрежа.

Со оваа владина мерка се ограничуваат највисоките трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени во висина до 5 отсто маржа во трговија на големо и до 10 отсто продажна цена во трговија на мало. Производите кои се опфатени со оваа мерка се лебот, шеќерот, сончогледовото масло, млеко и млечни производи, свежо месо и сувомеснати производи, јајца, пченица и тестенини како и овошје и зеленчук.

Граѓаните се жалат на високи цени

Во меѓувреме, податоците кои денеска ги објави државниот завод за статистика покажуваат дека македонските граѓани во јануари годинава потрошиле за 1,4 отсто помалку пари за храна, тутун и пијалаци, во однос на истиот месец минатата година. Ако се земе предвид и инфлацијата, реалното намалување на трошоците е 8,5 отсто. Во услови кога цените на храната во јануари годинава биле за 5,5 отсто повисоки од лани, тоа значи дека граѓаните сега купуваат помалку производи.

Граѓаните се жалат дека и досегашното поскапување веќе им го истенчи паричникот.

„ Многу е тешко, струјата парното, намирниците, се што гледаш по продавниците е поскапено.“

„Секој ден си двоиш го делиш , лимитот дневно за трошење ми е по 300 до 400 денари“, велат анкетираните граѓани.

Живот на минималец
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Стопанската комора на Македонија, незадоволна од мерката, во петокот побара средба со министерот за економија Крешник Бектеши која досега не е одржана. Од Стопанската комора бараат измени на владината одлука во два сегмента – маржата и листата на производи.

И бизнисот е незадоволен од владините мерки

Компаниите членки на комората во секторот трговија на големо и мало сметаат дека ако се замрзне маржата, таа треба да биде во висина до 20 проценти на мало, затоа што и нивните трошоци во изминатиот период се пораснати, вклучително со последните измени на законот за минимална плата и линеарното зголемување, како и со порастот на цените на енергенсите.

Од друга страна, додаваат дека сегашната листа на производи опфатена во владината одлука е несоодветна.

„Доколку Владата не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци“, се вели во соопштението на Комората.

Ограничувањето на трговските маржи не ги засега директно производителите на прехранбени производи, но можно е да има индиректни последици кои ќе резултираат со покачени цени поради промената на цените на суровините за производство на храна.

Извршниот директор на компанијата Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов вели дека во тие маржи спаѓаат и сите давачки кои еден производител или увозник ги дава кон ланците на маркетите по разни основи.

„Ние не знаеме понатаму како ќе функционира односно како ќе се формира цената од трговците, останува да видиме. Како компанија производител не сме засегнати директно од овие мерки, и немаме намера во наредниот период да ги менуваме цените, но ќе чекаме да видиме како ќе се реагира со цената на полица. Ние имаме можност да ги корегираме нашите цени, немаме забрана да ги промени нашите цени, но ќе почекаме прво да се стабилизираат цените на полица, па потоа ќе видиме како ќе изреагираме“, вели Цветанов.

Производителите кои извезуваат конзервирана храна велат дека оваа мерка нема да им предизвика голема промена на цените на нивниот готов производ. Но, сметаат дека во пазарна економија каде што се работи по берзански цени не може да се носат одлуки за цени од владин кабинет.

„Ако сакаше некој ден од државата да ограничи, тогаш требаше да не спаси нас фабриките и фирмите со цените на енергенсите, струјата, гасот, плинот и нафтата. Ако сакаше некако да ги регулира државата цените, требаше тука подобро да реагира. А сега кога цената на струјата на сите фабрики е 300 отсто покачена, како може да биде истата цена. За вие да регулирате цени од кабинет е за мене излитена фаза, тоа во комунизмот го имаше, ама тогаш државата ги покриваше разликите во цените во самите фирми кои беа државни фирми“, вели директорот на компнаијата ЛАРС Дарко Насков.

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека со одлуката за ограничување на маржите ќе се стабилизира пазарот и не верува дека ќе има нов ценовен шок.

„Одредени производители на леб ги зголемиле цените, но во главно цените на лебот се движат од 25 до 30 денари, тоа можат да го забележат граѓаните и да одлучат каде ќе купуваат. Но секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните два три дена, сите ќе се вратат на цените кои се предвидени со одлуката, нема да дозволиме да има шпекулации, и манипулации како повлекување на залихи од пазарот со цел да ги вратат на полиците со нови цени“ вели Бектеши.

Според него, новата одлука правично го префрла товарот врз трговците на големо и мало.

„Во делот на маржите за основните прехранбени производи мислам дека нефер практики се одредени чинители на ланецот на трговија во државата да добијат маржи над 30, па до 50 отсто, посебно нефер е во време на пандемија и во време на вакви кризни состојби. Убеден сум дека и во делот на купопродажните договори кои ги склучуваат трговците на мало со производителите или со увозниците имаат начин како да се направат такви договори за да нема вакви големи маржи кои моментално ги има во некои од ланците од супермаркети во нашата држава“, изјави неодамна на прес конференцијата Бектеши.

Според него, во време на првата година од пандемијата во 2020 година, дел од супермаркетите во земјава имале нето профит кој се движел од три до 8,5 милиони евра. Токму затоа, вели тој, одлуката за ограничување на маржите важи до крајот на мај кога се очекува да биде донесен законот за нефер трговски пракси со кој меѓу другото се предвидува категоризација на супермаркетите.

Новата одлука на владата за ограничување на трговската маржа ќе има важност до 31 мај. Бектеши се закани дека казните за непочитување на владината одлука ќе изнесуваат од 800 до илјада евра за микротрговец, потоа од 1 600 до 2 илјади евра за мал трговец, од 3 до 6 илјади евра за среден трговец и од 7 до 10 илјади евра за голем трговец.

Од денеска престанува да важи одлуката која беше на сила за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на владина седница на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG