Достапни линкови

Фудбалскиот натпревар Македонија - Косово повеќе од игра


Архивска фотографија: Навивачката група Балисти фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово
Архивска фотографија: Навивачката група Балисти фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово

Навивачите на Шкендија, Балистите, организирано ќе навиваат за Косово на натпреварот против Македонија. Навивачите на Шкупи, Шверцери, пак, велат дека навиваат само за Албанија и за ниедна друга репрезентација. Политичарите Албанци од земјава ја избегнуваат темата. Според аналитичарот Муслиу, сепак, повеќето граѓани ќе навиваат за Македонија.

Политичарите Албанци од Македонија молчат и се обидуваат да ја избегнат темата за кого ќе навиваат на претстојниот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Косово, откако навивачката група Балисти на фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово соопшти дека организирано ќе навива за Косово, иако дел од најголемите македонски фудбалски ѕвезди се етнички Албанци. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека политичарите Албанци ја избегнуваат темата зашто сме во предизборен период и не сакаат да се замерат со никого.

Македонија и Косово на 26 март во Скопје играат бараж натпревар во полуфиналето од Лигата на нации во обидот да се изборат за пласман на Европското првенство кое треба да се одржи летоска.

Артан Груби од ДУИ, кој своевремено беше и водач на навивачката група Шверцери, сега вели дека не е во тек, кој за кого ќе навива. На нашето прашање за кого ќе навива на натпреварот против Косово, само кусо одговори: „сега имам други работи, не се занимавам со фудбал“.

Темата ја избегна и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Во телефонскиот разговор само кусо ни одговори дека нема да коментира навивачки групи, а кога го прашавме за кого тој ќе навива, се прекина сигналот.

За став ги побаравме и лидерите на ДПА и Беса, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека политичарите Албанци ја избегнуваат темата за да не ги иритираат гласачите, кои можеби навиваат за едната или за другата репрезентација.

„Влегуваат во предизборие и се многу внимателни како ќе се изразат тоа да не им се рефлектира на денот на изборите, но немам дилема дека претставниците на сите политичките партии во Македонија, па и најголемиот дел од граѓаните ќе навиваат за репрезентацијата на Македонија“, вели тој.

Натпреварот се игра на две недели пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, најавени за 12 април. Сепак, Муслиу е убеден дека натпреварот нема да создаде меѓуетнички тензии и ќе помине во најдобар ред.

Навивачите на Косово, Дардани, синоќа објавија фотографија со објаснување дека навивачката група Балисти од Тетово ќе им се придружи во натпреварот против Македонија. Два часа подоцна, Балистите, на нивната официјална фејсбук-страница објавија дека ќе им се придружат на нивните албански браќа „против Словените“ и оти со сите сили ќе се упатат кон „Арената Адем Јашари“, како што го нарекуваат стадионот „Тодор Проески“ во Скопје.

Навивачката група Шверцери, кои навиваат за скопскиот клуб Шкупи, претходно ја одбија поканата организирано да навиваат за Косово. Претставникот на групата Јусуф Рамадани за весникот Коха изјавил дека кога се работи за репрезентативен фудбал, навиваат само за Албанија и за ниедна друга репрезентација.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG