Достапни линкови

Продавачите ги фрлаат, купувачите ги собираат и скенираат сметките


илустрација

Осум месеци откако беше воведена мерката „Мој ДДВ“, со која преку скенирање на фискални сметки, граѓаните можат да го искористат правото на поврат на 15 проценти од ДДВ, дел од нив уште скенираат. Продавачите пак велат дека некои бараат и сметка повеќе, за да можат да го достигнат лимитот за поврат

Редица купувачи стрпливо го чекаат својот ред за наплата во еден од големите маркети во градот. Куп фискални сметки собрани на каса. Едни заминуваат со фискалната во рака, други пак воопшто не ги погледнуваат. Сметките остануваат на касата, а потоа некоја од вработените ги фрла во корпата за отпадоци. Оваа слика е честа појава не само во маркетите, туку и во аптеките и во трафиките во кои дневно има голема фрекфенција на луѓе.

Вработените со кои поразговаравме се свесни дека како вработени не смеат да ги скенираат сметките кои ги издаваат и затоа ако не ги земе муштеријата, истите ги фрлаат. Но, дел од нив раскажуваат дека има доста граѓани, особено постари, кои покрај нивната сметка, од нив бараат да им дадат што повеќе сметки кои не биле скенирани, за да можат тие да ги скенираат. Парадоксот оди дотаму што забележале и граѓани кои буричкаат во корпата за отпадоци во обид да соберат колку што е можно повеќе фискални за скенирање.

„Има граѓани кои прашуваат дали може да ги земат сметките на другите и ќе си ги земат. Претходно ретко кој земаше сметки, сега си ги бараат. Имаме случаи кога остануваат многу сметки, а јас не смеам да ги земам и затоа ги давам доколку некој ми ги побара“, вели продавачка во трафика.

Дека сметките не можат да ги скенираат како вработени во фирмата, знае и една сопственичка на продавница во центарот на Скопје. Таа вели дека секој ден носи различна приказна.

„Ние редовно издаваме фискални сметки коишто нели учествуваат во наградната игра за „Мој ДДВ“. Има и случаи кога ни ги бараат фискалните кои не биле скенирани од претходните муштерии, па си ги зимаат и си ги скенираат. Зависи од денот. Некогаш не ни останува ниту една сметка, некогаш ги фрламе бидејќи муштериите не ги земале“, вели сопственичка на една локална продавница.

Со проектот „Мој ДДВ“, граѓаните можат да го искористат правото на поврат на 15% од платениот ДДВ што пак е овозможено со Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица. Но овој закон, освен правото на поврат на ДДВ кое го овозможува, наметнува и одредени ограничувања за физичките лица, како и одредени обврски за правните лица, за чие непочитување, односно постапување спротивно на истите се предвидени и прекршочни санкции. Казните се однесуваат на правните лица за непријавувањето до Управата за јавни приходи на фискалната сметка која ја сторнира и сторната сметка и на физичко лице кое пријавило фискална сметка издадена за плаќање комунална услуга или фискална сметка која била издадена за извршен промет кон правно лице.

На пример, строго забранети и казниво со закон е фискалната сметка од точење на гориво за потребите на автомобилите во сопственост на компанијата да се искористи и скенира преку апликацијата „Мој ДДВ“ при што би се направил поврат на личната сметка.

Она што е значајно да го знаат правните лица и истото соодветно да го пренесат на вработени во нивните компании е дека поврат на ДДВ не се прави за фискалните сметки за кои е издадена сметкопотврда, фактура или друг документ издаден кон правно лице, трговец-поединец, физичко лице кое врши самостојна дејност и физичко лице регистрирано за цели на данок на додадена вредност. Истото значи, дека доколку се набави одредена стока, односно услуга за цели на правно лице и за истата се добие фискална сметка, таа фискална сметка не смее да биде скенирана и за неа да се бара поврат.

Исто така ако лица вработени во одредена фирма или независно кое било физичко лице скенира ваков вид на сметки кои се издадени за извршен промет кон правно лице, односно кои се издадени за купување стока, односно услуга наменета за правно лице и за истите бара поврат на ДДВ, физичкото лице кое ја скенирало фискалната сметка во системот „Мој ДДВ“ може прекршочно да одговара со глоба во износ од 250 евра.

Исто така, глоба во износ од 250 евра е предвидена за физичко лице кое пријавило фискална сметка издадена за плаќање комунална услуга. Во Законот е предвидено казна доколку се пријават фискални сметки заедно со сметките кои се издаваат од лицата кои извршуваат континуиран промет и за кои се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).

Инаку, не постои ограничување на број на фискални сметки коишто можат да скенираат на дневна основа, a граѓаните немаат обврска да ги чуваат фискалните сметки додека се оствари повратот од ДДВ. Доволно е да ги скенираат преку апликацијата „Мој ДДВ“, но не подоцна од 10 дена од издавањето на фискалната сметка.

Лимитот за поврат на средства изнесува 1.800 денари за едно тромесечје, односно 600 денари месечно или 7.200 годишно за едно лице. Доколку се надмине лимитот од 600 денари месечно за едно лице, остатокот од сумата се пренесува во наредниот месец, во рамките на едно тромесечје.

За седум месеци скенирање, 8, 5 милиони евра поврат на ДДВ

Според последните податоци во периодот од 1-ви јули до 31 јануари 2020 по основ на ДДВ бил остварен поврат на ДДВ од 8,5 милиони евра. Скенирани биле 66.885.228.000 сметки, а заклучно со 31 декември 2019 исплатени биле пари на 147 251 граѓани.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска неодамна изјави дека со оваа мерка, меѓудругото, била исполнета и другата цел, односно намалување на сивата економија.

„Наплата на ДДВ е остварена во износ од 52 милјарди денари во 2019 година, или за 5, 7 проценти повисок од остварениот износ во 2018 година, кога наплатата изнесувала 49 милијарди денари“, изјави Лукаревска на прес-конференција.

Мерката мој ДДВ стартуваше на 1-ви јули минатата година, а беше едно од предизборните ветувања на Социјалдемократскиот сојуз. Воведувањето на мерката беше проследено со бројни реакции во јавноста. Став на владата е дека оваа мерка ќе овозможи да се вратат милиони евра назад кај домаќинствата. Според опозицијата пак, половина милион граѓани живеат под прагот на сиромаштија, а мерката е замајување на јавноста од која бенефит имаат само најбогатите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG