Достапни линкови

„Мој ДДВ“ нема да ги чита сметките без бар код


Презентацијата на апликацијата за Мој ДДВ во УЈП

За една година едно физичко лице во текот на цела година ќе може да си врати од државата 7200 денари со проектот „Мој ДДВ“ кој што стартува денеска. Невалидните фискални сметки и тие над 30 илјади денари нема да бидат прифатени на апликацијата „Мој ДДВ“.

На само три дена пред стартување на новата мерка за поврат на ДДВ кај граѓаните, владејачкото мнозинство со десетминутна дебата во скратена постапка го донесе новиот закон. Една од клучните мерки која на изборите пред две години беше најавувана како доказ за враќање на парите кај граѓаните, власта набрзина без голема дебата во јавноста и во Собранието ја стави во погон. Опозицијата во Собранието не гласаше ниту против ниту воздржано за оваа мерка, помина само со гласовите од владејачкото мнозинство.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска вели дека причините за доцнењето со носењето на законот се од техничка природа.

„Затоа што најпрво се усогласуваме со министерството за финансии и очекувавме да донесеме законско решение кое што ќе биде навистина соодветно и ќе го покрива овој проект. Сметам дека навремено ги завршивме сите обврски од наша страна, “ одговори Лукаревска.

Апликацијата изутрината се појави на сајтот на УЈП, но таа не е достапна за корисници на паметните телефони Ајфон, се жалат корисниците на ваков вид на телефони. Лукаревска изјави дека причината за тоа е што станува збор за посилна мрежа и дека со неколку денови доцнење и за корисниците на Ајфон ќе биде достапна апликацијата.

Со оваа мерка, сите кои се над 15 години и имаат своја трансакциска сметка во банка и се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи ќе можат да очекуваат поврат на ДДВ со сликање на фискална сметка.

Аналитичарите велат дека улогата на инспектори на граѓаните ќе им отвори работа на даночниот инспекторат кои ќе треба да делуваат по пријава на граѓани за фалсификувани фискални сметки.

„Невалидните фискални сметки немаат бар код и поради тоа нема да може се изведе скенирањето. Доколку граѓаните сакаат да пријават даночен обврзник кој не издава фискални сметки, или издава компјутерски сметки, тоа ќе може да го направат на телефонската линија 198, или преку анонимна пријава и сето тоа да се процесира, вели Лукаревска.

Таа додаде дека самиот систем нема да ги прифаќа невалините сметки кои немаат бар код и тие кои се над 30 илјади денари.

Заменик министерката за финансии Ширете Елези од собраниската говорница посочи дека мерката „Мој ддв“ ќе придонесе за намалување на даночната евазија со тоа што граѓаните со барањето на фискалните сметки на се претворат во инспектори.

„Поради тоа се очекува и зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници,“ изјави таа.

Првите резултати од тоа дали е намалена сивата економија УЈП ќе ги има на крајот на декември кога ќе се изврши исплатата на повратот на ддв кај граѓаните.

Едно лице месечно може да врати максимум 600 денари за кои ќе треба да потроши над 22 илјади денари или на годишно ниво тоа ќе изнесува 7200 денари. Додека пак едно четирчлено семејство ќе може да си врати максимум 28.800 денари на годишно ниво. Надлежните велат дека годинава повратот ќе се врши на крајот на годината, а веќе од наредната, на секои три месеци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG