Достапни линкови

ЕУ по компромисот со Унгарија и Полска се договори за буџетот


Францускиот претседател Емануел Макрон разговара со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додека полскиот премиер Матеуш Моравјецки разговара со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на самитот на ЕУ во Брисел, 10.12.2020.
Францускиот претседател Емануел Макрон разговара со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додека полскиот премиер Матеуш Моравјецки разговара со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на самитот на ЕУ во Брисел, 10.12.2020.

Лидерите на ЕУ се договорија за деблокирање на буџетот на Унијата од 1,8 трилиони евра и на пакетот за заздравување од коронавирусот. Тоа немаше да биде сторено без компромисот што Германија го направи со Унгарија и Полска.

Ова се смета за витален момент за тешко погодената економија на Унијата, откако буџетот беше блокиран со недели од Унгарија и Полска поради одредбите што го поврзуваа со почитувањето на владеење на правото.

„Сега можеме да започнеме со имплементација и да ги градиме нашите економии“, твитна претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за време на самитот во Брисел, без да ги открие деталите за договорот.

Унгарија и Полска заеднички против ЕУ

Варшава и Будимпешта го блокираа усвојувањето на многу очекуваниот пакет - составен од план за трошење од 2021-2027 година и стимулативен фонд од 750 милијарди евра - во спорот околу новиот механизам за врзување на пристапот до фондовите на ЕУ со владеење на правото.

Механизмот овозможува да се задржат средствата доколку се смета дека одредени прекршувања на основните демократски стандарди го загрозуваат буџетскиот интегритет.

И Полска и Унгарија, кои се под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, протестираа дека ова е идеолошко мешање во нивните внатрешни работи.

Германското претседателство со ЕУ се чини дека беше главно во постигнувањето на компромисот со Варшава и Будимпешта, но пред самитот не беше јасно дали сите земји-членки на ЕУ ќе го прифатат тоа.

„Ние сме на само еден сантиметар од постигнување консензус“, им рече на новинарите унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој заедно со неговиот полски колега се согласија да се откажат од ветото.

Компромисот предложен од Германија вклучува дополнителна декларација за разбирање за тоа како ќе работи механизмот.

Лагард: Фондот за обнова на ЕУ од ковид-19 да е достапен без одлагање

Германската новинска агенција ДПА објави дека нема да се донесе одлука за задржување средства сè додека Европскиот суд на правдата не донесе одлука за ова прашање, доколку некоја земја одлучи да ја оспори соодветната регулатива.

Ова во суштина го одложува задржувањето на средствата за времетраење на често долгите судски случаи на Европскиот суд.

На дополнителната декларација сепак и требаше зелено светло од преостанатите 25 земји-членки.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер испрати честитката до германското претседателство откако Мишел го објави договорот.

Лидерите на ЕУ се согласија по долгата ноќна расправа да постават поамбициозна цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година.

„Европа е лидер во борбата против климатските промени“, напиша претседателот на Европскиот совет и Мишел на Твитер.

Ова е многу чувствително прашање бидејќи посиромашните членки, кои се енергетски зависни од фосилни горива, стравуваат дека исполнувањето на овие амбициозни цели ќе ги чини премногу.

Полска, Унгарија и Чешка бараат гаранции дека можат да користат природен гас и нуклеарна енергија за да ги исполнат климатските цели, како и доволно европски пари за да им помогнат да ја направат својата зелена транзиција.

Ковид-19 не го намали загадувањето

Лидерите дадоа зелено светло и за шестмесечно продолжување на економските санкции што беа воведени против Русија поради нејзината улога во тековниот конфликт во Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел ги информираа другите шефови на држави и влади на ЕУ за состојбата во разговорите во таканаречениот Нормандиски формат.

Тие, според дипломатите запознаени со разговорите, препорачаа продолжување на санкциите затоа што бил постигнат мал напредок.

Таканаречениот Нормандиски формат е дипломатски процес во кој се вклучени Украина, Русија, Германија и Франција чија цел е решавање на конфликтот во делови на источна Украина помеѓу сепаратистичките формации поддржани од Русија и владата во Киев.

Не е одржан официјален самит на оваа група од декември 2019 година, додека оној пред тоа се одржа во октомври 2016 година.

Санкциите за првпат беа усвоени во јули 2014 година, откако Русија нелегално го анектира украинскиот полуостров Крим и започна да им обезбедува воена поддршка на сепаратистите кои се борат против Киев во конфликтот во кој загинаа повеќе од 13.200 луѓе.

Оттогаш, санкциите се продолжуваат на секои шест месеци. Амбасадорите на ЕУ официјално ќе ги продолжат мерките - главно насочени кон рускиот финансиски, енергетски и одбранбен сектор - во следната недела.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG