Достапни линкови

Пад на трговската размена, извозот сè попроблематичен


Камиони на царина на граничен премин
Камиони на царина на граничен премин

Пандемијата со кооронавирусот се одрази и врз трговската размена во првите три месеци од годината, споредбено со истиот период лани. Според бизнисмени, особено е проблематичен падот на извозот што ќе се релфектира на македонските компании.

Трговската размена во периодот јануари-март бележи пад, споредбено со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, а бизнисмените очекуваат во наредните месеци пандемијата со коронавирусот дополнително да има негативно влијание.

Извозот на стоки изнесува 1.407.739 илјади евра и бележи пад од 8.2 отсто, а увозот на стоки 1.918.367 илјади евра, што е за 3.6 проценти помалку од првите три месеци во 2019 година. Трговскиот дефицит е 510.628 милиони евра. Според вкупниот обем на надворешно трговската размена, државата најмногу тргувала со Германија и Велика Британија, потоа земјите од соседството, Србија, Грција и Бугарија, како и Кина, Турција и Италија.

Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека ние сме увозно зависна земја, бидејќи околу три проценти не е драстично намалување на потрошувачката, вели претседателот на бизнис конфедерацијата, Миле Бошков.

„Она што загрижува е дека скоро десет отсто ни е намален извозот и доколку кризата продолжи и наиде на втор бран тогаш ќе имаме проблем со продолжување и продлабочување на извозната криза, така ќе ја наречам, бидејќи производите кои ги имаме ние можеби нема да им бидат толку потребни на партнерите“, вели Бошков.

Македонската економија е тесно поврзана со движењата во пазарот на ЕУ, бидејќи трговската размена со нејзините земји членки е една од клучните за државата, вели директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дрилон Исени.

„Секако пандемијата има влијание врз побарувачката на тој пазар и тоа ќе се рефлектира и во производствените капацитети, односно во економската активност на нашите компании“, вели Исени.

Бошков смета дека македонските фирми мора да се реорганизираат.

„Ќе мораме да се поврзуваме на домашниот пазар, на домашните потрошувачи и на домашните производствени капацитети. Иако ова е само како идеја и како теза, меѓутоа за реализација, државата, банките и менаџерите мора да знаат дека ќе треба да се обезбедат средства и полесни начини, кои не мора да значи дека треба да бидат субвенционирани, туку поддржани и концептуално, и теоретски и практично со пари“, додава Бошков.

Светската трговска организација соопшти дека светската трговија оваа година ќе забележи пад меѓу 13 и 32 отсто поради пандемијата на коронавирусот, што е повеќе отколку во 2008 година кога изби светската финансиска криза.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG