Достапни линкови

Буџетот покус за 50 милиони евра, потребна поголема помош за стопанството


Луѓе чекаат пред аптека во Скопје
Луѓе чекаат пред аптека во Скопје

Буџетската дупка во првите четири месеци од годинава е 50 милиони евра поради корона-кризата. Владата досега се задолжи за скоро 500 милиони евра во странство заради справување со последиците од пандемијата на коронавирусот. Потребна е поголема помош за стопанството, вели економистот Висар Адеми.

Македонија досега се задолжи за скоро 500 милиони евра за справување со последиците од пандемијата на коронавирус, а владините мерки за помош на стопанството тежат околу 200 милиони евра. Буџетската дупка во првите четири месеци од годинава е над 50 милиони евра.

Министерката за финансии Нина Ангеловска соопшти дека ударот на пандемијата врз стопанството бил помал од очекуваното. Таа рече дека падот на буџетските приходи во април бил 20 отсто во однос на април 2019 година. Падот на даночните приходи бил 31 отсто, што е подобро од нивните проекции во кои се очекуваше пад од 40 отсто.

Во првите четири месеци во буџетот се собрани 50 милиони евра помалку отколку во истиот период лани, а расходите се речиси исти како ланските. Власта очекува најголемиот удар врз економијата да биде во вториот квартал.

Според оптимистичкото сценарио на власта од пред еден месец, буџетската дупка за годинава ќе биде 700 милиони евра, а според песимистичкото – 1,3 милијарди евра.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека цехот од оваа криза ќе биде поголем од што предвидува државата. Владата мора да ги скрати непродуктивните трошоци и домаќински да го троши буџетот, а помошта за стопанството ќе треба да биде многу поголема, вели тој.

„Мислам дека ова е премалку за справување на државата со оваа криза, затоа што ние имаме најмал процент во соодносот на владината помош како процент од БДП во споредба со другите држави. Ако остане на тоа, тогаш мислам дека ќе имаме големо отпуштање вработени, ќе се намали конкурентната предност на приватниот сектор на регионалните пазари и на крај целиот товар ќе падне на граѓанинот, кој на крај ќе плати повисоки цени како резултат на немањето стратегија на државата“, вели Адеми.

Владата прво одлучи помош да добиваат фирмите што нема да отпуштат вработени, па потоа дека ќе може да отпуштат до 15 отсто од вработените, за по силните реакции во јавноста повторно да се пишмани и помош да им следува само на тие фирми што ќе ги задржат вработените.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези вели дека заради справување со кризата земјава досега зела 176 милиони евра од ММФ, 140 милиони евра од Светската банка и 160 милиони евра од ЕУ. Со тоа е обезбедена помош за стопанството, рече таа.

„Веќе се одобрени низа кредитни линии преку Македонската развојна банка, 13,7 милиони евра за Kовид1 и Kовид2, односно веќе се одобрени 631 апликации. Веќе во најава е и третата фаза. Очекуваме и одобрување на 51 милиони евра преку Европската инвестициона банка, кои ќе се пласираат преку Развојната банка, односно преку комерцијалните банки“, рече таа.

Најобемната мерка, пак, е помошта за минимална плата за која се предвидени околу 120 милиони евра.

Дополнително, државата планира да се задолжи за 800 милиони евра преку еврообврзница, но 700 милиони евра од тие ќе одат за отплата на стари долгови.

Ангеловска рече дека според новите проекции се очекува пад на економијата годинава да биде 3,4 отсто. Светската банка предвиде пад на економијата од 0,4 отсто, а ММФ дека македонската економија годинава ќе се намали за 4 отсто.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека СДСМ ја зголемува дупката во буџетот додека ги зголемува скандалозните набавки на скапи пијалаци, морски плодови и луксузирања на владата. Според нив, 100 илјади луѓе во земјава се без работа или на принуден одмор додека министерката за финансии Нина Ангеловска си игра економија и се пишмани за мерките за помош на стопанството.

Пандемијата со коронавирусот почна во декември 2019 во Кина, но се прошири во целиот свет. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1518, бројката на оздравени пациенти е 992, на починати е 85, а до 5 Мај бројот на активни случаи во земјата изнесува 441“, соопшти Министерството за Здравство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG