Достапни линкови

Трамп потврди дека е убиен ал Багдади, лидерот на ИД


Абу Бакр ал-Багдади, лидерот на екстремистичката група Исламска држава

Трамп во обраќањето во Белата куќа рече дека ал Багдади, лидерот на Исламска држава е убиен во операција на американската војска. Тој се самоубил со активирање на својот елек со експлозив.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во денешното обраќање во Белата куќа потврди дека Абу Бакр ал-Багдади, лидерот на екстремистичката група Исламска држава е убиен во рација на САД спроведена измината ноќ во северозападна Сирија.
Трамп на конференција за новинарите изјави дека ал Багдади е убиен во операција на американската војска и дополни дека нема загинати американски војници во акцијата.

Трамп го нарече Багдади „кукавица“ и „губитник“, додавајќи дека најбараниот човек во светот се самоубил со активирање на својот елек со експлозив.

„Тој беше болен и опустошен човек и сега го нема“, рече Трамп.

Американскиот претседател изјави дека американските сили биле во комплексот каде што Багдади престојувал околу два часа. Тој наведе дека „голем број“ лица од опкружувањето на Багдади биле убиени за време на рацијата. Трамп наведе дека резултатите од ДНК тестот потврдиле дека телото на убиениот е на ал Багдади.

По извештаите на дел од медиумите дека американската војска спроведе рација врз локацијата на водачот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади, доцна синоќа портпаролот на Белата куќа Хоган Гидли најави дека претседателот Доналд Трамп ќе има „важно обраќање“.

Пред објавата на Гидли, Трамп на Твитер напиша: „ Штотуку се случи нешто многу големо!

Багдади, кој по потекло е од Ирак, е прогласен за „најбаран човек на планетата“, а САД понудија награда од 25 милиони долари за негово апсење. Имаше четири деца со својата прва сопруга и син со втората сопруга.

Во април, тој се појави на видео за прв пат по пет години.

Видеото - објавено од медиумскиот канал Исламска Држава Ал-Фуркан - го прикажува Багдади како човек со необична, сивао - црвена брада додека седи на подот. Тој носи црна облека со лесен елек и има митралез близу десната рака.

Багдади - зборувајќи бавно и често со пауза - тогаш изјави дека групата Исламска држава ќе бара одмазда за убиството и затворањето на своите борци.

Багдади, за кој се верува дека има 47 години, последен пат се појави во видео снимка додека е во џамијата Ал-Нури во 2014 година во ирачкиот град Мосул, која ја презедоа силите на ИД. За време на тој говор тој прогласи воспоставување на исламски калифат.

Западните власти изразија загриженост дека многу од илјадниците затвореници на ИД, кои ги држат сириските курдски сојузнички сили, може да избегаат во хаосот среде турската воена офанзива во североисточна Сирија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG