Достапни линкови

Тицињски - Полска сака преговорите со ЕУ да ги почнете уште утре


Тицињски - Украинските бегалци ги третираме како полски државјани
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:54 0:00

Тицињски - Украинските бегалци ги третираме како полски државјани

Ние би сакале да ве примиме и вашата земја да ги отпочне преговорите со ЕУ уште утре. Сите ние заедно со вас чекаме на новата позиција на Бугарија. Бугарскиот премиер во последниве денови даде позитивни сигнали за можно решение, вели полскиот амбасадор Војциех Тицињски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Тицињски, во услови кога вниманието на целиот свет е свртено кон руско-украинскиот конфликт, Полска веќе прими повеќе од 2 милиони украински бегалци. Како е организирана вашата држава и каков статус добија бегалците?

Сите полски амбасади во светот добија последни информации за бројот на граѓани кои ја поминуваат полската граница. Тоа се главно Украинци, според последните информации од утрово во 7 имаме скоро 2 милиони и 400 илјади Украинци кои влегле во Полска. Тоа не значи дека сите ќе останат во Полска. Немаме точна статистика бидејќи границата меѓу Полска и Германија на пример не постои бидејќи сме дел од ЕУ шенген зоната, но според нашите проценки две-третини од оваа бројка на луѓе ќе остане во Полска. Се разбира потребно ни беше време да се адаптираме на ситуацијата. Во првата фаза суштинско беше да им се пружи поддршка од страна на полските граѓани, полското општество да им се понуди на Украинците дом, но и помош во однос на наоѓање работа, да им помогнат да ги преживеат првите тешки денови. По две-три недели Парламентот усвои специјален закон со кој го регулира статусот на украинските бегалци и според него сега украинските деца можат да одат во полски училишта. Сега имаме 150 илјади украински деца кои одат во полски училишта. Исто така украинските граѓани се здобија со право да работат во Полска, се третираат како полски државјани, но ако не најдат работа што се случува бидејќи се работи за голема група граѓани и на почетокот на тој процес сме, тогаш може да добијат социјална помош од полската држава. Многу важно е здравственото осигурување, бидејќи имаме различни ситуации со толку големи групи луѓе, некои имаат потреба од итна медицинска помош, па овој закон ни овозможи полскиот здравствен систем да ги третира како полски државјани и да имаат право на лекување. Секако времето поминува, ние ја набљудуваме ситуацијата и реагираме според заклучоците или потребите на луѓето. Ова е многу значајна поддршка според информациите што ги добив, се работи за помош од околу 25 милијарди евра. Ние го правиме тоа, не чекаме помош од нашите партнери од Западна Европа и САД, но истовремено нашата влада побара од владите на пријателските земји да размислат како може да ни помогнат нам, но и на украинските граѓани да останат во Полска.

Официјална Варшава ја осуди руската инвазија во Украина. Какви се безбедносните проценки за вашата земја, стравувате ли од евентуално проширување на конфликтот на ваша територија?

Се разбира. Гледано од геополитички аспект овие ситуации се опасни не само за Полска, туку и за Романија, која исто има граница со Украина, како и трите Балтички земји кои се уште повеќе исплашени поради нивната големина. Тие се многу мали, најголемата од нив може да се спореди со Северна Македонија. Замислете како се чувствуваат луѓето во Естонија каде има помалку од еден милион граѓани. Овие чувства се разбирливи, секако. Песимизмот беше во првата фаза од конфликтот, кога многу набљудувачи очекуваа побрз напредок на руската армија во Украина, за среќа украинската армија успеа да ги реорганизира силите и сега ситуацијата е повеќе или помалку стабилна. Тоа е важно, но најважниот фактор е нашето членство во НАТО со познатиот член 5, кој вели дека доколку една членка е нападната од друга сите членки на Алијансата треба да преземат соодветни акции за да ја одбранат нападната земја. Ова беше потврдено многу пати. Најважно е секако мислењето на најсилните во Алијансата, американската влада и претседателот Бајден. САД многупати повтори дека овој член се сфаќа многу сериозно и пред некој ден и претседателот Бајден кога ја посети Полска потврди дека ова е правилото кое треба да се следи од сите земји членки на НАТО.

Може ли да заклучиме дека безбедносната состојба во Полска засега е стабилна, но дека сепак треба да бидеме претпазливи?

Нема директна закана. Секако се случува руски ракети да погодат цели на 20, 30 километри од полската граница, но полската територија засега не е нападната. Друга важна информација е што полските власти многу сериозно ја сфаќаат иднината на нашите војници. Има политичка одлука на парламентарно ниво дека Полска ќе го зголеми парите за воени цели, за одбрана, па почнувајќи од следната година ќе се издвојува околу 3 проценти од буџетот за одбранбени цели. Значи речиси ги дуплиравме трошоците за одбрана.

НАТО најави зајакнување на источното крило во Полска, Романија и Балтичките земји. Киев бара помош во противвоздушно оружје за да одговори на нападите на руските сили. Дали се уште е отворена опцијата Полска да испрати воени авиони во Украина?

Ова прашање засега не е на агендата. Нашите партнери практично не ја прифатија оваа идеја, од страв дека тоа би можело да испровоцира воени акции од страна на Руската Федерација. Па засега оваа одлука е затворена.

Верувате ли дека мировните преговори се единствениот излез за прекин на огнот?

Мора да го земеме предвид прво меѓународното опкружување. Тука реакциите се различни, но во демократскиот свет сме прилично обединети и тоа е многу добро и позитивно. Мораме да бидеме реалистични, руската армија е огромна и добро опремена, тие не прават видлив воен прогрес, но се чини дека не е во ничиј интерес да се убијат повеќе цивили, да се уништат повеќе украински градови. Мировните преговори и наоѓањето добро решение прифатливо за двете страни се чини дека е прилично разумно решение. Дали е ова реално, не знаеме. Најдобрите експерти во светот ја анализираат ситуацијата, анализираат факти од воена гледна точка во рамките на Руската Федерација, прашањето е како украинската влада и претседателот во која мера ќе бидат подготвени да ги сменат позициите во однос на украинската територија. Ќе видиме. Многу зависи од воената ситуација, од зачувувањето на поддршката од демократскиот свет стабилна, од тоа да бидеме обединети во рамки на ЕУ и Алијансата со Канада секако. Решението можеби не е многу блиску, доколку го гледаме прогресот во мировните преговори помеѓу руската и украинската страна, но мора да се надеваме дека истото е достижно.

Полска е поддржувач на македонските евроинтеграции. Во контекст на случувањата со Украина, дали сметате дека сега е моментот за итно проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан со оглед на се почестите анализи дека Москва ќе го засили влијанието во регионот?

Мислам дека двоумењето е кај Бугарија. Дваесет и шест држави го поддржаа отпочнувањето на преговори со Северна Македонија и Албанија во 2020, така што одлуката е јасна и сум сигурен дека нема да се промени. Сите ние заедно со вас чекаме на новата позиција на Бугарија. Бугарскиот премиер во последниве денови даде позитивни сигнали за можно решение, така што се надеваме дека заедно вашите влади ќе најдат позитивно решение кое ќе биде прифатливо за бугарската страна, не само за владата туку и за парламентот, бидејќи да не ја заборавиме резолуцијата којашто ја усвои бугарскиот парламент пред неколку месеци, така што тоа е јасно. Овие фактори се клучни. Нашата позиција е иста. Ние би сакале да ве примиме и вашата земја да ги отпочне преговорите уште утре.

Меѓународните претставници постојано повторуваат дека Северна Македонија е подготвена за почнување на преговорите, но поради бугарското вето тоа не е можно. Како Полска гледа на опцијата на паралелно одвивање на интеграцијата во ЕУ и преговорите со Бугарија за решавање на билатералните прашања?

Конечната одлука ќе биде донесена во Брисел, откако ќе се чујат мислењата на сите земји членки, во овој случај тоа е одлука на Владата, јас не сум во можност да ви кажам повеќе околу ова, но ми се чини дека ова е позиција која е прифатена од сите земји членки, ние ќе прифатиме сè што ќе биде договорено од двете страни, Северна Македонија и Бугарија и овој услов се уште останува важен. Структурата и условите за влез во ЕУ се дефинирани пред многу децении и остануваат истите, можеби во иднина некои земји ќе сакаат да се промени нешто во таа смисла, ќе видиме, но засега секоја земја членка има право да каже „не“ дека не прифаќа нешто и тоа е право кое што сега го користи Бугарија и мора да го прифатиме тоа.

И покрај изјавите дека сме подготвени за членство во ЕУ, во извештаите на ЕУ постојано се истакнува потребата да се работи повеќе на реформите во правосудството и борбата против корупцијата и криминалот? Дали во овие области најмногу потфрламе?

Да. Од политички и формален аспект Брисел, а Брисел подразбира 27 држави, рече да. Овој политички исклучок е проблем меѓу вас и Бугарија, но генерално процесите на внатрешни реформи, сите влади рекоа да ок, Северна Македонија заслужува да оди напред во делот на отпочнување на преговорите со ЕУ. Така што одлуката е јасна, секако дека можеме да најдеме некои области, знаеме дека некои влади имаат посебен интерес поради можеби билатералните односи со Северна Македонија, не го кажувам тоа во негативен контекст, но очигледно дека ако Германија е најголемиот инвеститор во Северна Македонија, германските компании инвестираат над 400 милиони евра во Северна Македонија, тие ќе бидат заинтересирани да имаат што е можно подобри услови за да ги одржат економските активности во Македонија на истото ниво во иднина па и да ги подобрат истите. На пример ако странските компании имале проблем тука, можеби тоа би ја сменило позицијата на некои влади, така што тоа се индивидуални интереси на владите кои работат од различни земји, но генерално како што кажав ми изгледа дека треба да се отпочнат преговорите без одложувања за некои области. И секако, знаете дека нашите преговори траеја 12 години, така што отпочнувањето на преговори не значи влез во ЕУ, туку е долг процес кој вклучува длабоки реформи во различни сфери.

Македонија и Полска имаат солидна економска соработка. Како полските инвеститори ја оценуваат бизнис климата во Македонија и има ли најави за потенцијални полски инвестиции во блиска иднина?

Полските инвеститори почнаа да се појавуваат на македонскиот пазар пред две, три години. Најголемата инвестиција вреди 30 милиони евра. Имав задоволство да присуствувам на отворањето заедно со премиерот Заев и министерот за здравство Филипче во 2020-та во Петровец. Се работи за компанија која произведува медицински канабис за извоз, така што досега тоа е најголемата полска инвестиција. Други примери, неодамна го посетив Македонски Брод, отидовме заедно со градоначалникот во областа во близина на градот каде што се гради полска фабрика, така што очекуваат да имаат и други полски инвестиции на истата страна, исто така се сретнав со градоначалникот на Желино, тука во Скопје и тој ме информираше за полските инвестиции во нивната општина, така што овие работи се придвижуваат и би требало бројот на инвеститори да се зголеми, барем се надевам.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG