Достапни линкови

Тимоние - Влезот во ЕУ многу зависи од кредибилитетот на судството


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека е важно да се донесе Закон за јавно обвинителство, како и оти влезот на земјава во Европската Унија зависи многу и од кредибилноста на судството и од силната борба против корупцијата.

„Пожелно е и важно е да биде донесен Закон за јавно обвинителство, затоа што тоа е барање уште одамна од Европската Унија и од државите членки, затоа што со тоа треба да се зајакнат, но и затворат сите судски постапки кои беа отворени и отпочнати од Специјалното јавно обвинителство. Потребно е да се зајакне правната рамка, но исто така и да потсетиме на одредени принципи во однос на очекувањата на меѓународната заедница во поглед на оваа земја особено и во поглед на ЕУ, затоа што станува збор за повторно внесување на чувството за одговорност, но и за основање на судство што ќе биде ослободено од заробеноста на партиите“, рече Тимоние во интервју за „Макфакс“.

Францускиот амбасадор подвлече дека е потребно и да се воспостави рамка за борба против корупцијата, но и за сите појави кои се појавиле или кои сè уште постојат во однос на мешањето на финансиските работи со политичките работи кои што, како што рече, го минираат економскиот развој и довербата на граѓаните во однос на судскиот систем.

„Надвор од прашањата поврзани со усвојувањето, но и со комплицираните преговори за усвојување на законот, мислам дека не треба да го изгубиме од поглед тој хоризонт односно таа цел, бидејќи тоа е цел за вашиот влез еден ден во Европската Унија, кој зависи многу и од кредибилноста на судството но и од силната борба против корупцијата“, вели амбасадорот.

На два дена пред најавеното распуштање, Собранието расправа за Законот за јавно обвинителство за кој е потребно двотретинско мнозинство, но ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува.

Франција го блокираше доделувањето датум за преговори за Македонија на Самитот во октомври, барајќи донесување нова методологија за преговарачкиот процес.

XS
SM
MD
LG