Достапни линкови

Инфлацијата ја „јаде“ владината помош за граѓаните


РСЕ архива

Секој денар е добредојден, особено за оние кои имаат мали примања. Но инфлацијата ги изеде парите што Владата ги најавува за ранливите категории. Речиси 200 илјади луѓе ќе бидат опфатени со антикризните мерки. На ова треба да се гледа како на „прва помош“. Потребни се долгорочни решенија.

Џуриа Зендел е самохрана мајка. Таа и нејзиното бебе се најдоа во групата од речиси 42 илјади граѓани кои од државата ќе добијат по вкупно 12 илјади денари (околу 200 евра) распоредени во четири месеци за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза.

Дваесет и пет годишната Зендел е социјален случај и од државата добива по 6700 денари месечно социјална помош.

„Овие пари мене навистина ми се добредојдени, имам мало бебе. Живеам под кирија, всушност ме сожали една жена и ме пушти да живеам кај нејзе и плаќам само вода и струја и некако поминувам со тие пари“, вели самохраната мајка.

Освен социјалците, по 3000 денари помош во наредните четири месеци ќе добиваат и луѓето со попреченост или оние кои имаат дете со попреченост, корисници на трета нега, луѓе со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на минимална помош и невработени лица, односно стечајци. За оваа цел владата одвои над осум милиони евра.


Владата соопшти дека целиот пакет мерки за ублажување на последиците од кризата е тежок 350 милиони евра, кој треба да биде одобрен од Собранието.

Но, инфлацијата веќе ги изеде парите што граѓаните треба да ги добијат како помош.

Државниот завод за статистика минатата недела соопшти дека трошоците на животот во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7 проценти, а храната поскапела за скоро 30 отсто.

Раст на цените на храната август 2021 / август 2022
Раст на цените на храната август 2021 / август 2022


Со високата инфлација, пензијата од 13.794 денари што месечно ја добива пензионерката Блага Стоиловска, сега вреди колку 11.620 денари лани. Со новите мерки, таа, како и сите што добиваат пензија од 11500 до 14 илјади денари, ќе добива помош од 750 денари месечно во следните четири месеци.

„Тие пари ќе ми стигнат да ја платиме сметката за вода. А сè е поскапено, не може да се излезе на крај. Јас разбирам дека е криза, ама да биде криза за сите, не некој да ужива и да не знае што да прави, а некој да чепка по контејнери“, вели Стоиловска.

Како неа има уште 66 илјади пензионери.

Околу 91 илјади пензионерите кои имаат пензија до 11.500 ќе добиваат по 1500 денари во наредните четири месеци.

Со мерките што ги предлага Владата ќе бидат опфатени речиси половина од пензионерите во државата. За тоа се планирани повеќе од 12 милиони евра.

Наместо гаснење пожар, да се намали инфлацијата

Мерките треба да се разберат како „прва помош“ и како такви се позитивен исчекор, вели професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки.

„Ова не може да се сфати само како гаснење на пожар, туку треба да се реагира на намалување на инфлацијата, која ги гаѓа и ранливите категории на граѓани, но и останатите“, вели Савески.


Тој додава дека Владата треба да преземе мерки за намалување на ценовниот шок. Освен замрзнување на одредени клучни стоки, потребна е промена на даночната политика, оти мора да се најдат пари за да се ублажи ударот врз најсиромашните, но тие пари да не се бараат во понатамошно задолжување, зошто кредитите на светски пазари се зголемени, а од друга стана Македонија е високо задолжена земја.

Директен линк

Синдикалната кошница тешка над 800 евра

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пресметал дека на едно четиричлено семејство да го помине месецот, минимално му требаат 50.224 денари или 816 евра. Просечната плата во земјава е 500 евра. Минималната плата, пак, е 300 евра, што значи дека во едно семејство еден треба да заработува просечна, а друг минимална, па, пак, ќе им фали за да ги покријат минималните трошоци. Но, во мерките што ги најави владата не се спомнати работниците со ниски плати, па Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара Владата да ги земе предвид и нив и да ги усогласи платите со порастот на инфлацијата.

Со овие мерки моментално само ќе се ублажи состојбата, но незадоволството кај луѓето ќе остане, вели професор Марија Зарезанкова - Потевска.

„Во услови кога имаме ограничен буџет и кога имаме многу непродуктивни трошења, кога немаме наше производство и увезуваме сè, буџетот е преоптоварен, мерките само до некаде ќе ублажат и луѓето ќе бидат задоволни, но тоа ќе биде кратко“, вели таа.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оцени дека владиниот пакет мерки за справување со кризата е недоволен и не ги решава проблемите на граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски, на 9 октомври најавувајќи го сетот антикризни мерки, рече дека никого нема да заборават и да остават сам да се справува со последиците од кризата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG