Достапни линкови

Тајна снимка потврдува руско мешање во европските избори?


Путин и лидерите на трите најпознати екстремно десничарски партии од Европа - Штрахе, Ле Пен и Салвини

Тајно снимениот разговор што се појавил завчера, во кој се слуша како висок италијански функционер договара милиони долари руски пари да се уплатат на италијанската партија Лига, е потврда на мајските предупредувања од влијателни западни експерти и политичари дека Русија ќе се меша во ЕУ- изборите.

Најблискиот соработник на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, заедно со други двајца Италијанци и тројца Руси, биле тајно снимени како на 18 октомври минатата година, во московскиот хотел Метропол, коваат план Русија да ги финансира европските националистички движења и високи личности од екстремната десница во обид за формирање на „Голем Сојуз”, објави американскиот портал „Базфид“, а го пренесоа и дел од македонските медиуми. Според него, целта е со руска помош да се поткопаат либералните демократии и да се создаде нова, националистичка Европа, блиска до Москва.

Тајното снимање било направено пред почетокот на кампањата за европските избори, а снимен бил Џанлука Савоини како преговора за условите за договорот со кој преку таен канал, десетици милиони долари руски нафтени пари би се прелеале на контото на владејачката партија во Италија, „Лига“ на Салвини.

„Ова е важен историски и геополитички период за да ја смениме Европа. Во мај ќе се одржат европските избори. Новата Европа мора да биде блиска до Русија. Салвини е тој што сака да ја смени цела Европа, заедно со десничарите од Слободарската партија на Австрија, Алтернативата за Германија, со Ле Пен, како и со Орбан од Унгарија и со шведските десничари. Ние си имаме сојузници и сакаме да направиме еден голем сојуз на проруски партии, нo не проруски за Русија, туку за нашите држави“, вели соработникот на Салвини во снимениот разговор.

Има ли Путин свој европски фаворит?

Во мај годинава „Таргет“ на Радио Слободна Европа на македонски јазик, под наслов „Има ли Путин фаворит за европските избори?“, објави повеќе предупредувања од странски аналитичари, медиуми и политичари, дека Москва може да замеша прсти во идниот состав на Европскиот Парламент за да ги оствари своите антизападни цели, потпирајќи сена екстремистички партии со кои има блиски односи.

Прв предупреди поранешниот Генерален секретар на НАТО, Андрес Фог Расмусен, според кого, вистинската цел е „да падне довербата во ЕУ“.

„Не зборуваме за идеолошка војна на Русија, ниту за левичарска или десничарска кампања. Зборуваме за Путиновите напори за уривање на довербата во Унијата и во демократските институции, а потоа создавање хаос и нестабилност“, изјави Расмусен за „Политико“ пред почетокот на кампањата за европските избори.

Снимениот разговор доаѓа како потврда на предупредувањата на Расмусен и на неговиот предлог партиите и кандидатите на изборите за Европскиот Парламент да потпишат договор за транспарентност во финансирањето на нивната кампања.

За да направи таков политички хаос и да ја насочи европската политика кон поповолна насока за своите интереси, аналитичарите пред европските избори предупредуваа дека Путин нема да бира кои политичари во земјите-членки на ЕУ ќе ги поддржи - леви или десни сеедно – само да се екстремни.

„Дејли телеграф“: Има докази дека Москва создава екстремни сојузници во Европа

„Претходно беше евидентирана блискост со Мари ле Пен во Франција и со Владимир Жириновски во Русија, кој изјавуваше 'Србија до Ријека'. Пред европските избори таа соработка може да се очекува со дел од новиот бран популистички партии и лидери во земјите од ЕУ“, анализираше во мај годинава британскиот весник „Дејли телеграф“.

„Се појавуваат се повеќе докази за подобро координираните активности на Москва за создавање на комплекс од сојузници во Европа, чија цел е имплементирање на проруски блок во составот на следниот Европарламент“, изјави тогаш Најт Коглин, коментатор на „Дејли телеграф“.

Според него, Путин има добри односи со поранешните членки на источниот блок – Бугарија и Унгарија, која протера само еден дипломат по труењето во Солсбери, а такви индиции, како што коментира Коглин, има и во Словачка, која не покажа солидарност со Брисел за труењето со „новичок“. Москва, како пред ЕУ изборите објави „Дејли телеграф“, на мета на Кремљ е Чешка, каде Москва сака да ги зацврсти односите со претседателот и премиерот. Од балканските држави членки на ЕУ, како што пишуваа дел од хрватските медиуми, Москва пред европските избори барала „свои луѓе“ во Хрватска.

„Кога се работи за Хрватска, потполно јасно се гледа дека Путин ги сака загребскиот градоначалник Милан Бандиќ и Иван Пернар од 'Жив ѕид'. Бандиќ неодамна дури доби и Орден на пријателство од Путин, а Пернар лани беше на состанокот на младите руски парламентарци, каде неговиот говор беше поздравен лично од Владимир Жириновски“, коментираше хрватскиот информативен портал Експрес.

Која е целта на Путин?

Целта на Путин е да ја насочи генералната европска политика во свој интерес, за што, како што велат познавачите, всушност пред изборите барал и се уште бара играчи.

„Ако успее во тоа, Русија несомнено ќе биде меѓу оние кои ќе покажат најдобро погубно влијание врз претстојните избори во ЕУ“, предупредуваше Расмусен пред неполни два месеца.

XS
SM
MD
LG