Достапни линкови

Талибанците повторно воведуваат репресивни закони за жените во Авганистан


Жените во Авганистан можат да се вратат во мрачните денови од минатото

Десетици илјади Авганистанци се најдоа под власт на талибанците во последните неколку месеци откако зазедоа големи делови во земјата. Исламистичката група повторно воведе репресивни закони кои главно ги погодуваат жените и девојчињата. Фруд Бежан и Мустафа Сарвар

На жените им беше забрането да одат сами надвор. На девојчињата да одат на училиште. Немажените жени беа принудени да стапат во брак со борци. Ова беше живот во Авганистан под бруталниот режим на талибанците во 90-тите години на минатиот век.

Но, ова исто така е и новата сурова реалност за десетиците илјади Авганистанки кои живеат во области неодамна освоени од талибанците, откако на 1 мај годинава почна повлекувањето на странските воени сили. Тоа и покрај повторените тврдења на талибанците дека се промениле и дека нема да ги вратат своите озлогласени строги правила.

„Жените се угнетени“

„Пред тоа одев сама на пазар да купувам намирници. Можев да одам на фризер. Но, сето тоа се смени. Сега, жените се угнетувани. Талибанците велат дека мора да бидеме придружувани од машка придружба ако излеземе од дома. Ние мора да се покриеме“, вели Монира, 26-годишна жена од областа Ширин Тагаб во северозападната провинција Фарјаб.

Талибанска офанзива во Авганистан, Кандахар под опсада
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Во делови на оваа провинција, талибанците забранија да им продаваат стоки на жени без придружба. Жителите велат дека оние што ги кршат правилата често се казнуваат, вклучително и јавно тепање, друга карактеристика на поранешното владеење на талибанците.

Милитантите залепија постери во некои области за да ги информираат жителите за новите регулативи. На други места, бунтовниците се возеле со звучници и давале соопштенија во џамиите.

Авганистан ги отфрли тврдењата на Талибанците дека го заземале преминот кон Пакистан

Сара, 17-годишна ученичка, вели дека Талибанците го затвориле нејзиното училиште во областа Акча, во северната провинција Јавџан, откако милитантите ја освоиле пред две недели. „Не знаеме што ќе се случи со нас или нашето образование“, вели Сара, чие семејство избега во главниот град на провинцијата Шеберган, кој е под контрола на владата.

„Сите тие години на учење и сите наши напори беа уништени. Не можеме повеќе да одиме во Акча од страв од талибанците. Тие велат дека девојчињата не треба да одат повеќе на училиште““, додава таа.

Во другите области под контрола на талибанците, образованието е дозволено за девојчињата само до четврто одделение. Арефа Навид, шеф на канцеларијата на Независната комисија за човекови права во северната провинција Бадахшан, вели дека талибанците ги предупредиле жените да не работат надвор од своите домови.

„Талибанците им рекоа на вработените жени низ Бадакшан дека не можат да одат во нивните канцеларии под кој било услов“, вели Навид.


Хабиба Данеш, парламентарка од северната провинција Тахар, вели дека талибанците исто така принудуваат самохрани жени или вдовици да се омажат за нивните борци. Слични непотврдени извештаи се појавија и од другите провинции под контрола на исламистите.

„Луѓето се загрижени“

Во меѓувреме, маж жител на областа Балк вели дека талибанците им забраниле на мажите да ги бричат брадите. На берберите им се заканува казна ако не ги почитуваат новите правила, рече тој, зборувајќи под услов на анонимност од страв од одмазда од страна на талибанците.

Десетици убиени во борби меѓу авганистанските сили и Талибанците

Мажите, вели тој, исто така биле принудени да се молат пет пати на ден. Слушањето музика и гледањето телевизија е исто така забрането во некои области, слично како што беше за време на владеењето на талибанците пред четвртина век. „Талибанците воведоа многу ограничувања на луѓето. Луѓето се загрижени“, вели тој.

Друг жител наведува дека милитантната група им наредила на луѓето да им даваат храна на нивните борци три пати на ден и покрај очајната сиромаштија во областа. „Тие ги принудуваат луѓето да им подготвуваат храна и им нудат место за спиење“.

Хјуман рајтс воч исто така ги обвини талибанските милитанти за присилно раселување на жителите и палење на нивните домови како очигледна одмазда за соработката со авганистанската влада. „Одмаздничките напади на талибанците против цивили, за кои се смета дека ја поддржале владата, се кобно предупредување за ризик од идни злосторства“, вели Патриша Госман, директор на Азија во Хјуман рајтс воч.

Деманти од талибанците

Талибанците ги отфрлаат обвиненијата дека го малтретираат локалното население и воведуваат остри нови политики во областите што неодамна ги зазедоа.


„Во моментов има воена состојба и сè ќе остане исто како што беше под контрола на авганистанската влада“, изјави за РСЕ талибанскиот портпарол Забиулах Муџахид, додавајќи: „Но, откако ќе се донесат законите, луѓето ќе мора да постапуваат според нив“.

Талибанците контролираат се поголема територија во Авганистан

Талибанците тврдат дека не се истата брутална група што првпат управуваше со Авганистан во 90-тите години на минатиот век, кога нивниот режим беше познат по угнетувањето на жените и масакрирањето на етничките и верските малцинства.

Во последниве години, талибанците изјавија дека се посветени на подобрување на правата на жените и им дозволуваат да работат и да одат на училиште ако не ги нарушуваат исламските или авганистанските вредности. Но, исто така, сугерираат дека сакаат да ги ограничат неодамнешните слободи стекнати од жените, за кои велат дека промовираат „неморал“ и „непристојност“.


Придржувањето на талибанците кон ултра-конзервативниот ислам и племенскиот законик на Паштуните им одговара на некои, особено во авганистанскиот рурален југ и исток, каде што доминираат Паштуните.

Но, тие идеи се во голема мера туѓи на северот и најголемите урбани центри во Авганистан, кои остварија големи социјални, економски и демократски придобивки во изминатите 19 години откако талибанците беа исфрлени од власта.

Заживувањето на талибанските екстремистички политики во руралните области исплаши многу жени и во градовите.

„Јас сум загрижена дека жените можат да се вратат во мрачните денови од минатото кога бевме само домаќинки и ни беше забрането да учествуваме во општеството, културата, политиката, па дури и во спортот“, вели Санам Садат, активистка во провинцискиот главен град Мајаман, што е под контрола на владата. „Што ќе се случува кога талибанците ќе ги преземат градовите?“ Што ќе се случи со жените тогаш?“, додава таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG