Достапни линкови

Регионалниот пристап може да ја забави македонската интеграција во ЕУ?


Премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел

Според упатените, инсистирањето на ЕУ на рамномерен напредок на државите од регионот и решавање на работите во пакет, ќе влијае врз македонските евроинтеграции. Покрај тоа, експертите апелираат што поскоро да биде донесен законот за СЈО.

Регионалните случувања и отворени прашања во регионот на Западен Балкан ќе имаат одредено влијание и врз македонскиот евроинтегративен пат, особено поради пристапот на Европската унија кој подразбира решавање на работите „во пакет“, оценува домашната стручна јавност. По влезот на Хрватска во Унијата, сите членки на Унијата инсистираат на рамномерен напредок на државите кон европското семејство, посочува професор Никола Дујовски.

„Тоа значи дека државата која ќе напредува, како што во случајот несомнено е нашата држава, најверојатно ќе претрпи одредени последици, па дури и во однос на определувањето на датумот заради Албанија, со која сега некако не гледаат во пакет. Ние изгубивме многу време, но за жал сега реалноста е таква. Албанија, освен реформите во судството, не покажува реформи во друга сфера, што за нас може да биде хендикеп. Решавањето на прашањето Србија-Косово јас не би го поврзал со нашите евроинтеграции, веројатно повеќе се поврзува со напредокот по поглавја на Србија, но не и со нас“, вели професор Дујовски.

И претседателот на Евроатланскиот совет, Исмет Рамадани е свесен за регионалниот пристап на Унијата, но се надева дека Република Северна Македонија ќе послужи како позитивен пример за затворање на другите регионални прашања, а дека за својот прогрес ќе биде соодветно наградена.

„Да, ние сме во пакет, меѓутоа во истовреме веќе сме истакнат позитивен пример. Ги надминуваме пропишаните критериуми и стандарди за добивање датум. Се надевам дека сепак и земјите кои се скептични ќе бидат под влијание на фактот дека добрите примери треба да се наградуваат и ете, тука е нашата шанса. Ако ништо друго, ЕУ или највлијателните земји како што се Франција и Германија имаат морална обврска да направат ако треба и политичка одлука и Северна Македонија да ја наградат со почеток на преговори со ЕУ“, вели Исмет Рамадани.

Сепак, нашите соговорници посочуваат дека исто толку важно е да се завршат реформите внатре во државата, а на тој план се уште не чека многу работа.

„Најважно од сè е прашањето за СЈО. Ние застануваме во тој дел, кога тој ќе биде готов, ценам дека вкупните реформи можат да продолжат со позасилено темпо. Во делот на безбедносните реформи сме пофалени, но сериозно заостануваме во делот на економските реформи, правосудството и делот на медиумите“, дециден е Дујовски.

Во меѓувреме, Француската амбасада во Скопје денеска ја објави Стратегијата на Франција за Западен Балкан, што произлезе по вчерашниот неформален самит на Германија и Франција со западнобалканските држави во Берлин. Во Стратегијата се наведува дека регионот бележи значителен напредок од почетокот на 2000-тите и крајот на вооружените конфликти, но бројни реформи се потребни за да се овозможи регионот трајно да се стабилизира и да одговори на предизвиците со кои се соочува.

Меѓу предизвиците со кој се соочува регионот, во Стратегијата се наведени политичките нерешени спорови, иако, како што се наведува Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог, натаму економските и социјални прашања, тешкотии при трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања, како и надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.

Како конкретни мерки се посочува оти Франција ќе ги интензивира своите политички односи со земјите од регионот и ќе ја зајакне својата билатерална соработка со земјите од регионот во четири области – eкономски и социјален развој преку интервенција на Француската агенција за развој (АФД).

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG