Достапни линкови

Струјомерите вртат по повисока цена додека се чека намаленото ДДВ


Струјомер

Јулските сметки за струја за дел од граѓаните ќе бидат повисоки, оти цената на струјата се зголеми, а задоцни намалувањето на ДДВ-то со што требаше да се ублажи ценовниот шок. Оние на кои броилата им се веќе прочитани ќе платат повеќе оти е пресметана струјата со новата повисока цена. Пратениците денеска гласаа за намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти

Сметките за струја за јули ќе бидат повисоки, барем за дел од граѓаните, оти цената на струјата порасна за 12,3 отсто, а задоцни законското намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто. Намалувањето на ДДВ-то требаше да започне исто така од почетокот на јули, но пратениците денеска ги изгласаа измените. Намалената стапка ќе се применува од денот на влегување во сила на измените на Законот, односно откако пратениците го изгласаа, претседателот на државата треба да го потпише, па да излезе во Службен весник.

ЕВН ги дели корисниците на електрична енергија во четири групи, односно ги чита нивните броила во првата, втората, третата или четвртата недела од месецот. До средината нa месецот се читаат броилата на првите две групи, што значи дека сметките на тие граѓани ќе се пресметуваат и со повисока цена за струја и со ДДВ од 18 отсто.

На пример, во првата група струјомерите се читаат во првата недела од месецот, што значи дека граѓаните ќе платат поскапа струја за една недела од јули. Во втората група, поскапа струја треба да се плати за половина јули итн.

Првите две групи опфаќаат и период од јуни, кога струјата беше поевтина, па повисока цената на струјата ќе им се пресметува само за периодот од јули. Вторите две групи за кои читањето на броилата е околу 20 во месецот и на крај од месецот може ќе искористат цената на ДДВ да биде пониска.

Доколку вашата смета за струја досега изнесувала 2000 денари месечно, со поскапувањето ќе изнесува 2246 денари, доколку ДДВ-то остане 18 отсто. Ако додадената вредност се намали на 5 отсто, тогаш месечната сметка ќе изнесува 1998 денари.

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука поскапувањето на струјата да важи од 1 јули, но за да се ублажи шокот за граѓаните, на предлог на Владата се намалува ДДВ-то, за сметките да останат речиси непроменети. Но намалувањето на додадената вредност ќе важи само една година, до крајот на јуни 2022. Потоа ДДВ-то постепено ќе се зголемува за да се врати на ставката 18 отсто, што значи дека во 2023 сметките за струја ќе бидат повисоки. Намалувањето на ДДВ-то ќе го оштети буџетот на државата за 18 милиони евра.

Законот за намалување на ДДВ-то, според најавите на власта, требаше да важи од 1 јули, но во предлог законот не е дефиниран датумот од кога ќе почне да се применува. Но во предлогот се ставени датумите кога пониската цена на ДДВ ќе престане да важи. Владата на 22 јуни го испрати предлог законот до Собрание, но пратениците не го изгласаа до крајот на јуни, за да може да стапи на сила од јули.

Во меѓувреме важи законот за ДДВ од 18 отсто, па од ЕВН соопштија дека на корисниците ќе им се пресметува повисока цена на струја за 12,3 проценти и 18 проценти ДДВ во зависност од тоа кога се читаат броилата за потрошена електрична енергија.

Бислимоски – Новата цена на струјата ќе се знае за десетина дена
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:40 0:00

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција пред неколку дена рече дека ќе се разгледа и дали евентуално има правна можност амандмански да се интервенира законот за намалување на ДДВ-то да важи од 1 јули, исто како и повисоката цена на струјата. Запрашан зошто не е прецизирано во предлог законот дека требало да важи од 1 јули, Бесими вели дека се надевале дека законот ќе биде донесен на време.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG