Достапни линкови

Србија и случајот Беливук: вознемирувачки докази пред јавноста


 запленето оружје и експлозив во куќа во Ритопек, која им припаѓаше на припадниците на групата на Вељко Беливук беа изложени во Белград
запленето оружје и експлозив во куќа во Ритопек, која им припаѓаше на припадниците на групата на Вељко Беливук беа изложени во Белград

Слики на обезглавени тела, оружје и експлозив и содржина од мелница за месо од куќа која ѝ припаѓала на криминалната група на Вељко Беливук. Сето ова беше претставено пред јавноста во Србија откако Беливук и околу 20 члена на неговата група беа уапсени на почетокот на февруари. Ива Мартиновиќ.

Оваа акција властите ја означија како еден од најголемите успеси во борбата против организираниот криминал. Според официјалните лица, оваа група функционирала во Србија како дел од црногорскиот криминален клан „Кавач“ и е осомничена за најбрутални злосторства - киднапирања, убиства, изнуди, нелегално поседување оружје и трговија со дрога.

Дали на полицијата ѝ е дозволено да објавува податоци од истрагата?

Обвинителството за организиран криминал не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа до каде е истрагата и кога може да се покрене обвинение против Беливук и членовите на неговата група, кои се во притвор од апсењето на 4 февруари во Белград. Законскиот рок за поднесување обвинение е шест месеци и истекува на почетокот на август.

Во полициска акција во Белград уапсена 17-члена криминална група

На 11 мај, министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави пред ресорниот комитет на српскиот парламент дека Министерството за внатрешни работи, Безбедносната информативна агенција и Обвинителството за организиран криминал „одлично соработуваат“ во овој случај.

„Резултатите од вештачењето покажаа дека неколку примероци од месо од разни жртви биле најдени во мелница за месо пронајдена во куќата што ѝ припаѓаше на групата на Беливук во Ритопек, во белградската општина Гроцка“, изјави Вулин деновиве.

Според него, оваа група „мачела, убивала и на крајот ги мелела нивните остатоци на најстрашен начин со цел дополнително да ги уништат“. Според член 118 од Кодексот за кривична постапка, наредбата за вештачење содржи „предупредување дека фактите што (вештакот) ги дознал за време на вештачењето се тајни“.

„Фазата на истрагата во која се наоѓа оваа постапка е фазата од која е исклучена јавноста и, како по правило, не треба да се запознава со сите детали од истражната постапка. Ова е нешто што отстапува од тоа што сме навикнати да гледаме“, изјави адвокатот Вељко Милиќ за РСЕ.

Обвинителството дава дозвола

Сепак, како што додава тој, законот не е прекршен ако Обвинителството даде дозвола за објавување на одредени податоци од истрагата. „Обвинителството што управува со истрагата одлучува за што јавноста ќе биде запознаена, а за што не. Секако, при објавување на оваа информација, и обвинителството и полицијата и сите државни органи се должни да ја почитуваат презумпцијата на невиност што постои во текот на кривичната постапка“, додаде Милиќ.


Ниту Обвинителството, ниту полицијата не одговорија на прашањата на РСЕ дали тие дале или добиле дозвола за објавување детали од истрагата или дали тоа може да го загрози нејзиниот понатамошен тек.

Посочувајќи на „одличната соработка“ со Обвинителството, министерот Александар Вулин пред надлежниот Комитет на Собранието на 11 мај, рече дека сите служби во овој случај „разменуваат информации и дејствуваат заеднички“.

Што е објавено досега?

По повод апсењето на групата на Беливук, на 6 март се одржа седница на Советот за национална безбедност, на која ѝ претходеше најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за „шокантните“ детали за злосторствата извршени од оваа група.

„Користев благ израз кога најавив дека луѓето ќе бидат шокирани. Ќе треба однапред да кажеме дека сите треба да ги отстранат децата заради тоа што ќе го видат и слушнат“, рече Вучиќ пред седницата. На конференцијата, на која присуствуваа Вучиќ и министерот Вулин, а која ја пренесуваа во живо тринаесет телевизии со национална фреквенција, беше прикажана фотографија од обезглавено тело, како и глава.

Александар Вулин
Александар Вулин


„Ние не донесовме одлука да ги објавиме снимките од извршувањето на злосторствата. Имаме слики и снимки каде што лицата се препознаваат и тоа го криеме. Ќе видите ликвидирани две лица на брутален и монструозен начин“, рече Вучиќ пред да ги покаже фотографиите, наведувајќи дека тие ги „докажуваат злосторствата“ за која е осомничена групата на Беливук.

Во Хрватска обвинети 18 лица за фалсификување документи за мафијаши од Србија и Црна Гора

Оваа група во моментов се доведува во врска со 13 исчезнати лица во текот на минатата година. Фотографиите на жртвите беа објавени, иако родителите на оние кои исчезнаа за време на пресметките меѓу криминалците апелираа до претседателот на Србија да не го стори тоа.

„Семејствата на жртвите се особено погодени не само од фактот дека биле убиени нивните најблиски, туку тие се дополнително трауматизирани во текот на целата кривична постапка. Ваквото објавување на снимки и информации секако придонесува за нивна дополнителна трауматизација“, вели адвокатот Вељко Милиќ.

Оружје, експлозиви и тајни простории

Понатаму беа објавени фотографии од оружје и експлозив од куќа во белградската општина Гроцка, која, според полициското соопштение, ја користеле припадниците на кланот на Беливук.

За време на посетата на Полицискиот оддел во Белград, каде што беа изложени запленети оружја и експлозив, министерот Вулин рече дека во куќата биле донесени луѓе „кои биле убиени на најсуров и монструозен начин“. Тој додаде дека во куќата била пронајдена тајна просторија.

„Во неа пронајдовме застрашувачки голема количина оружје, повеќе од 10 килограми разни видови експлозив, подготвен за активирање. Во таа просторија, исто така, пронајдовме и индустриски машини за мелење месо, за мелење коски“, рече Вулин. Тој додаде дека форензички тимови работат на истражување на биолошки траги „кои ги има во големи количини“.

Вулин ги објави резултатите од работата на форензичките тимови на 10 мај, наведувајќи дека остатоците на жртвите биле пронајдени во мелница за месо во куќата на групата на Беливук.

„Ми се чини дека никој не размислува за тоа како се чувствуваат луѓето чии членови на семејството исчезнале и што добиваат од сето ова“, изјави за РСЕ новинарката на истражувачкиот портал КРИК Бојана Јовановиќ, коментирајќи ги новите детали од истрагата.

Во Црна Гора уапсен првиот човек на Кавачкиот клан

Адвокатот Милиќ, исто така, проценува дека објавувањето брутални слики и податоци доведува до „вознемирување на јавноста, наместо да се создаде јавен интерес“. „Не сум сигурен колку е навистина во интерес на јавноста да се запознаат со детали како што се снимки од луѓе кои биле убиени и детали за тоа што било пронајдено во мелница за месо“, рече Милиќ.

Во чиј интерес е објавувањето на деталите?

Ниту едно кривично дело на кланот на Беливук нема да остане неразјаснето, рече министерот Вулин кој како и други официјални лица изјави дека деталите од истрагата ја докажуваат „големината на бруталните злосторства“ извршени од оваа група.

Сепак, новинарката Бојана Јовановиќ смета дека објавувањето информации за истрагата не може да придонесе за самата истрага, особено ако претставниците на властите, односно политичарите, зборуваат јавно за тоа.

Александар Вучиќ
Александар Вучиќ

Вук Цвијиќ, новинар во неделникот НИН, го наведува објавувањето на фотографии на убиените од врвни владини претставници како „најбрутален пример“ на политизација. „Тоа беше брутално искористено за политичка кампања. Мислам дека претставниците на власта се обидуваат да се претстават себеси како борци против организираниот криминал“, рече Цвијиќ.

Врските на кланот на Беливук со државата

Од апсењето на Вељко Беливук и членовите на неговата група, српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, објавија дека истрагата нема да запре се додека не се откријат врските на групата со државниот апарат.

Двајца полицајци беа уапсени на 8 февруари под сомнение дека ѝ помагале на групата по апсењето, односно не пријавиле дека при претрес на еден од становите биле пронајдени пиштол и пари. Министерството за внатрешни работи и Обвинителството не ги објавија имињата на лица од врвот на владата и полицијата кои се осомничени за помагање на кланот.

Сослушувања на службени лица

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Славиша Кокеза, беше повикан на полициско сослушување на 28 февруари, а ден подоцна, поранешната државна секретарка во Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, која поднесе оставка во јуни 2019 година, без да наведе причини.

Дијана Хркаловиќ
Дијана Хркаловиќ

Кокеза, кој е водечки човек во фудбалот во Србија, јавно не се произнесе за распитот, а адвокатот на Дијана Хркаловиќ за порталот Инсајдер изјави дека не ѝ биле поставувани прашања во врска со групата на Беливук, туку дека ја прашувале дали го познава Славиша Кокеза.

Вељко Беливук е познат како водач на навивачката група „Партизан“, а на денот на апсењето на неговата група, полицијата изврши претрес на стадионот „Партизан“ и на неколку други локации во Белград и Србија.

Партиски пресметки за криминалци со македонски пасоши

Нинослав Кмолиќ, вршител на должноста директор на Службата за борба против организираниот криминал, изјави дека биле пронајдени дрога, оружје и траги важни за понатамошната истрага. Тој додаде дека бил претресен и стадионот на Црвена звезда.

Во случај кој се доведува во врска со групата на Беливук, исказ даде и поранешниот министер за полиција и сегашен министер за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ. Тој беше сослушан како сведок во истрагата против поранешниот началник на полицијата Горан Папиќ, кој е осомничен за незаконско враќање на оклопно возило на лицето од кое претходно било одземено.

Небојша Стефановиќ
Небојша Стефановиќ

Адвокатот на Папиќ и медиумите објавија дека возилото е вратено на член на групата на Беливук, но властите досега не ја потврдија оваа информација. По сослушувањето, Стефановиќ изјави дека „немал никаква врска со постапките на полицијата и враќањето на спорното возило“. Високиот полициски службеник Горан Папиќ беше ослободен од притвор истиот ден за да се брани од слобода.

„Увезена мафија“

По апсењето, претседателот на Србија Вучиќ ги нарече Беливук и неговите соработници „подружница“ на црногорскиот криминален клан „Кавач“ и посочи дека во Србија биле создадени две криминални групи, обете со црногорско потекло, алудирајќи на „шкаљарскиот“ и „кавачкиот“.

Судирот меѓу двата клана од предградијата на Котор во Црна Гора трае од 2014 година, а извештајот на Безбедносно информативната агенцијата на Србија, чиј примерок го поседува истражувачкиот портал КРИК, вели дека посериозни криминални групи од Србија и Црна Гора застанаа на страната на кланот „Кавач“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG