Достапни линкови

Словенија лансира сателит во вселената, Македонија учи да нивелира шахти


Монтажа: работници нивелираат шахта и ракета
Монтажа: работници нивелираат шахта и ракета

Словенија наредниот месец ќе ги лансира првите сателити во вселената. До пред 30 години, Македонија и Словенија беа дел од иста држава, па словенечкиот подвиг беше повод за зајадливи коментари на социјалните мрежи за тоа до каде стигна земјата.

По седуммесечно одложување Словенија на 23 март ќе ги лансира во вселената своите први два сателити, соопштија пред неколку дена Универзитетот во Марибор и научно-технолошкиот центар „Весоље-СИ“. Сателитите Немо и Трисат ќе бидат лансирани на ракета „вега“ од Француска Гвајана. Сателитот Немо e тежок 65 килограми, a наносателитот Трисат тежи само 4,4 килограми. Податоците од сателитите ќе се користат за потребите на урбанизмот, екологијата, транспортот, земјоделството и шумарството. Изработката чинела 2,3 милиони евра, обезбедени во најголем дел од ЕУ, а во помал и од словенечкиот буџет.

Ниту една од поранешните југословенски републики досега немаше испратено свој сателит во вселената. Словенечкиот подвиг беше повод за преиспитување и зајадливи коментари на социјалните мрежи. Пред 30 години живеевме во иста држава, тие сега лансираат сателит, а ние правиме физибилити студија за автопат, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Други, пак, потсетуваат дека Словенија и пред 30 години беше понапред од Македонија, а и дека менталитетот не е ист.

Трети, пак, потсетуваат дека лансирањето сателити во вселената биле предизвик пред 50 години, а не сега.

Во вселената орбитираат над 2000 сателити на стотина земји и организации. Многу земји имаат способност да изградат сателити, но само 13 имаат способност да ги лансираат во вселената. Од соседите, Бугарија и Грција имаат сателити, а меѓу другите свои сателити во вселената имаат и Азербејџан, Бутан, Судан, Кенија, Етиопија и Руанда.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG