Достапни линкови

Дувна ветер - воздухот како во Инсбрук, падна снег - Плетвар како Гармиш-Партенкирхен


Илустрација: Скијачки скокови на турнирот Четири скокалници во австрискиот град Инсбрук на 3 јануари 2019. Останатите три скокалници се во Бишофсхофен во Австрија и во Оберсдорф и Гармиш-Партенкирхен во Германија
Илустрација: Скијачки скокови на турнирот Четири скокалници во австрискиот град Инсбрук на 3 јануари 2019. Останатите три скокалници се во Бишофсхофен во Австрија и во Оберсдорф и Гармиш-Партенкирхен во Германија

Ветровите го прочистија воздухот во Македонија, но снегот повторно ги изненади надлежните. Возачите заглавени на Плетвар коментираат дека Македонија пат чисти само чат-пат.

Силните ветрови кои дуваа во изминатите два дена се покажаа како најзначајна еколошка мерка. Македонските граѓани добија шанса да подишат чист воздух. Снегот, пак, кој навеа синоќа предизвикува радост кај децата, но нервоза кај оние кои не може да стигнат каде што тргнале. Колони возила се заглавени на планинскиот превој Плетвар, а нервозните возачи коментираат дека снегот повторно изненади и оти „Македонија пат“ чисти само чат-пат.

Дел од коментаторите на социјалните мрежи иронично ја фалат владата за прочистувањето на воздухот.

Силниот дожд и ветер од 70 километри на час собори билборд во Скопје, а десетици дрвја беа бутнати од ветрот. Во неколку населби немаше струја, а силниот ветер запали десетина оџаци.

Додека едни се среќни поради првиот снег годинава, други сметаат дека на снег може да се радуваат само деца до 7 години, оти другите се чудат како да стигнат кај што тргнале. Поради големиот снег, од утрово има забрана за сообраќај за сите возила на превојот Плетвар и на Тетово – Попова Шапка. Забраната на Плетвар претпладнево беше укината. Граѓаните коментираат дека Македонија пат повторно е изненадена. Среќа што не падна снег во јули, оти кој ќе го чистеше на топлото.

Други, пак, посочуваат дека никако да ни се погоди.

Снегот веројатно ќе им ја затрупа храната и на кучињата скитници, кои, како што обвини скопскиот градоначалник Петре Шилегов, се хранеле со човечки остатоци од несоодветно третиран медицински отпад во Скопје, кој бил донесуван од битолска фирма. Во меѓувреме и пратениците по долги натегања го изгласаа законот со кој се забранува увоз на отпад за горење.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG